фудбал

Тен Хаг спреми 80 милиони за Тами Абрахам

Примарна цел на Манчестер Јунајтед во зимскиот преоден рок ќе биде доведување на врвен напаѓач, а најновот име на списокот е Тами Абрахам.

Aнглискиот напаѓач Тами направи вистински потег со трансферот во Рома каде се промовираше во еден од најдобрите млади напаѓачи во Европа. Минатата сезона  Абрахам во дресот на Рома постигна 24 гола и 5 асистенции во сите натпреварувања и со тоа веднаш го привлече интересот на бројни клубови. 

Најсилен интерес за Абрахам покажува Манчестер Јунајтед, бидејќи приоритет на Тен Хаг е доведување на централен напаѓач.

Јасно е дека Рома нема лесно да се ослободи од својата ѕвезда, но Јунајтед е спремен да понуди 80 милиони фунти.


Букајо Сака избран за најдобар играч во англиската репрезентација

Фудбалерот на Арсенал Букајо Сака е добитник на наградата за најдобар играч во репрезентацијата на Англија за 2021/22.

Сака е првиот играч од Арсенал кој некогаш го добил ова признание. Според гласовите на фановите втората позиција му припадна на Деклан Рајс а третата на Хари Кејн.

21- годишниот Букајо Сака за Англија има одиграно вкупно 18 натпревари. Во сезоната 2021/22 година одиграл девет натпревари со постигнати три гола.


Томас Леч е нов тренер на Бохум

Бундеслигашот Бохум соопштува дека за нов тренер на екипата е назначен Германецот Томас Леч.

Леч својот прв тренинг во новиот клуб ќе го одржи во понеделник, а во Бохум пристигна од холандскиот Витесе, каде беше тренер од јули 2020 година.

После седум одиграни натпревари во Бундеслигата, Бохум се наоѓа на последното место со само еден освоен бод.


Жоао Гомез од Фламенго ќе биде наследникот на Касемиро во Реал

Реал Мадрид е силно заинтересиран за играчот за врска на Фламенго, Жоао Гомес, пренесуваат шпанските медиуми.

Гомес од 2020 година е во првиот тим на Фламенго и во последно време игра фантастично, па дури го истисна Видал од стартниот тим.

Тој има договор со Фламенго до 2025 година, но неколку европски гиганти покажуваат сериозен интерес, а Реал сака да ја победи конкуренцијата.

Реал во него гледа идеален наследник на Каземиро, кој ова лето беше продаден во Манчестер Јунајтед.


Управниот одбор на Јувентус ќе ја решава судбината на Алегри

Фудбалскиот клуб Јувентус за петок закажа седница на Управниот одбор на кој ќе се расправа за судбината на тренерот Масимилијано Алегри и неговиот втор мандат. Втората тема која се очекува да биде отворена е ситуацијата околу тешката финансиска состојба на клубот.

Во својот прв мандат како тренер на Јуве, Алегри освои пет Скудета, но во неговиот втор мандат тој е соочен со силни критики од страна на навивачите. Засега Алегри ја ужива довербата на претседателот на клубот Андреа Ањели и според информациите Управниот одбор би требало да му остави простор за подобрување на ситуацијата со екипата до ноември. Но доколку падне одлука за отказ на Алегри, Јувентус тоа ќе го чини 80 милиони евра, рачунајќи ја и платата за евентуалниот негов наследник.


Куман го обвини Лапорта за случајот Вајналдум

Роналд Куман изјави дека претседателот на Барселона, Жоан Лапорта е главниот виновник зошто холандскиот фудбалер Џорџинио Вајналдум не ја продолжи кариерата во тимот на Ноу Камп, пренесуваат шпанските медиуми.

Вајналдум (31) во кариерата играше за Спарта, Феенорд, ПСВ, Њукасл и Ливерпул, а потоа се пресели во Пари Сен Жермен во 2021 година.

„Точно е дека направив се за да го доведам Вајналдум, но договорот пропадна затоа што претседателот повеќе се грижеше да ме изнервира отколку да го доведе играчот. Токму неговото однесување ја одложи операцијата и затоа тој го избра Пари Сен Жермен. Да не беше одолговлекувањето на Лапорта, Вајналдум ќе завршеше во Барселона“, изјави Куман.


Бејл: Ќе бидам подготвен за Светското првенство

Фудбалерот Герет Бејл во изјава за американските медиуми вели дека ќе биде подготвен за претстојното Светско првенство во Катар.

33-годишниот репрезентативец на Велс, во летниот преоден рок го напушти Реал Мадрид и потпиша за МЛС тимот Лос Анџелес за кој одигра 11 натпревари, но на ниту еден цели 90 минути.

„Нормално дека сакам да играм цел натпревар, но сепак тоа е процес и ќе морам да ја достигнам потребната форма за тоа. Најважно е дека од недела во недела сум се поспремен. Верувам дека тоа ќе ми биде доволно за му помогнам на Лос Анџелес и да бидам подготвен за претстојниот Мундијал“, изјавува Бејл.

Светското првенство во Катар ќе се игра од 20.ноември до 18.декември.


Клоп го сака Алжирецот Бенасер

Ливерпул е силно заинтересиран за плејмејкерот на Милан, Исмаил Бенасер, пренесуваат италијанските медиуми.

Клоп во алжирскиот репрезентативец гледа идеално засилување за средниот ред, каде „црвените“ имаат многу проблеми од почетокот на сезоната.

Тренерот е загрижен поради малкуте алтернативи кои ги има во средниот ред и верува дека Бенасер одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра.

Алжирецот има договор со „росонерите“ до 2024 година, но Милан веќе започна преговори за продолжување на соработката и сигурно нема да го продаде во јануари.


Португалија само половично ќе го користи Жоао Феликс

Напаѓачот на Атлетико и Португалија, Жоао Феликс има здравствени проблеми и нема да биде подготвен за натпреварот од Лигата на нации во кој португалската репрезентација ќе се сретне со Чешка. Натпреварот е закажан за 24 септември, пренесува „Марка“.

Според изворот, и покрај проблемите, можно е играчот да учествува на натпреварот со Шпанија, кој ќе се одигра на 27 септември. Португалските репрезентативци се уште се надеваат дека напаѓачот ќе се опорави и ќе биде подготвен навреме за мечот со тимот на Луис Енрике.

Жоао Феликс не тренира со соиграчите од понеделникот, кога почнаа подготовките на избраниците на Фернандо Сантош.


Атлетико потврди дека Симеоне ќе го води тимот и следната сезона

Тренерот на фудбалерите на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, ја има довербата на челниците на клубот иако во почетокот на сезоната неговите пулени не ги прикажуваат посакуваните партии.

„Јорганџиите“ по шест кола се наоѓаат на седмата позиција во најсилниот фудбалски шампионат на Шпанија.

Весникот „АС“, напиша, дека прашањето за евентуална разделба со Симеоне воопшто не е на дневен ред.