фудбал

Футсал репрезентацијата започнува со подготовки за мечевите против Холандија и Андора

Македонската футсал репрезентација на 7 и 12 март ќе одигра два натпревари од квалификациите за Европското првенство. На домашен терен во С.Ц. „Јане Сандански“ ќе ја пречекаме селекцијата на Холандија (7. март, 19:00 часот), а пет дена подоцна гостуваме во Андора против домашните футсалци.

Селекторот на нашата футсал репрзентација, Васко Скендеровски за двете квалификациски пресметки ќе смета на следните играчи:

ГОЛМАНИ:ПЕТРОВСКИ Антонио (КМФ Проект), СТОЈАНОВСКИ Иван (КМФ Форца), СПАСОВСКИ Никола (КМФ Осогово)

ОДБРАНА: ЛЕВЕСКИ Зоран (КМФ Форца), БЛАГОЈЕВСКИ Марио (КМФ Проект), ЗИБЕРИ Садат (Порде Ноне, Италија), ПЕТРОВИЌ Драган (КМФ Форца), ДИМКОВ Виктор (КМФ Осогово)

НАПАД: ИСМАИЛИ Таулант (КМФ Форца), ЈАНЕВ Бојан (КМФ Проект), РАМАДАНИ Јакуп (ФЦ Приштина, Косово), РАМАДАНИ Берат (КМФ Форца), ТОДОРОВСКИ Мартин (КМФ Осогово), СЕФЕРИ Еркан (ФЦ Приштина, Косово), ПЕЕВ Лазар (КМФ Бутел)

ПИКЕРИ: КРСТЕВСКИ Иван (КМФ Форца)

Во квалификациската група 7 за пласман на Европското првенство, Македонија има освоено бод од четирите натпревари. На домашен терен одигравме 1-1 против Андора. Португалија има максимални 12 бодови по четири меча, Холандија е на второто место со победа и нерешен резултат. Андора е на третото место со три нерешени меча.


Иско блескаше, Бетис го порази Реал Мадрид

Реал на „Бенито Виљамарин“ одигра добро само во првите дваесет минути. Без Белингем и Валверде, впечаток е дека тоа и беше максимумот на Реал.

Во 10.минута најубавиот момент на натпреварот и единствената вистинска акција на Реал. Мбапе за Менди, а овој во во простор ја остави топката за Брахим Дијаз.

Бетис заигра многу подобро кон крајот на првото полувреме и по еден корнер, одбраната на Реал беше лошо поставена, Кардосо остана сам пред Куртоа на пет метри и успеа да изедначи.

Моментумот од финишот на првиот дел Бетис го пренесе и во вториот. Судијата Хернадез досуди пенал за Бетис во 54. минута. Го реализираше Иско, кој го постигна првиот гол прптив Реал откако си замина од Мадрид.


Сити се намачи да го елиминира Плимут, О’Рајли двоен стрелец

Манчестер сити се пласираше во четвртфиналето на ФА Купот, откако по многу борба и пресврт ја потврди улогата на фаворит во петтото коло, победувајќи го пред своите навивачи еден од најслабите англиски второлигаши, Плимут Аргил.

Натпреварот на стадионот „Етихад“ во Манчестер заврши со резултат 3-1 (1-1) Плимут е претпоследен на табелата во Чемпионшип дивизијата, но одлично играше во ФА купот, забележа две сензационални победи над екипи од Премиер лигата. Во претходното коло Плимут го победи Ливерпул.

Тимот на Пеп Гвардиола беше апсолутен фаворит, а тоа го потврди и статистиката на натпреварот.


Конте: Заслуживме повеќе од бод против Интер

Антонио Конте не е задоволен со освоениот бод против Интер во дерби мечот во Серија А. По дербито Интер ја задржа предноста од еден бод во однос на Наполи.

Италијанскиот стручњак на овој натпревар гледаше можност Наполи да се врати на врвот на табелата, но наместо победа неговиот тим освои бод во финишот на натпреварот.

„Одигравме одличен натпревар, дефинитивно заслуживме повеќе од бод, но овој натпревар ни дава надеж. По седум месеци работа, можеме да се погледнеме и да кажеме дека можеме да му направиме проблеми на секој што ќе игра против нас“.

Интер и оваа година е главен кандидат за титулата, но Наполи во текот на сезоната покажа дека има потенцијал.

„Постои мало незадоволство од бодот бидејќи одигравме одличен натпревар против навистина силен противник. Интер е граден со години за да се бори за Скудетото, тие се тимот што треба да го победиме оваа година за титулата“.


Турската федерација на намали казната на Мурињо

Турската фудбалска Федерација денеска ја преполови суспензијата на два натпревари на тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо и воедно му ја намали и паричната казна, откако беше уважена жалбата на клубот од Истанбул.

Мурињо е суспендиран на два натпревари, а откако го пропушти Куп натпреварот против Газиантеп, нема да го води тимот в недела во против Анталијаспор во турската Суперлига. Намалена е и казната, па наместо 44.000 долари, ќе треба да плати нешто повеќе од 15.000 долари, објави Би-Би-Си.

Турската фудбалска федерација првично го суспендираше Мурињо на четири натпревари и го казни со 44.000 долари за неговите коментари за судењето по ремито 0-0 со големиот ривал Галатасарај во турската лига во понеделникот.

Федерацијата потоа објасни дека го казнила Мурињо за погрдни и навредливи изјави кон турскиот судија и обвинувања за хаос и неред во турскиот фудбал преку навредливи изјави, како кон турската фудбалска заедница, така и кон сите турски фудбалски судии.

Главен судија на натпреварот беше Словенецот Славко Винчиќ, откако двата клуба побараа странски судија.

Галатасарај го обвини Мурињо за расизам по натпреварот, додека Фенербахче рече дека изјавите на 62-годишниот португалски тренер се извадени од контекст.


ФИФА воведе ново правило за голманите и задржувањето време

Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации (ИФАБ), тело кое е задолжено за фудбалските правила, и официјално потврди дека од следната сезона се воведува ново правило кога се работи за голманите.

Тие ќе смее да ја држат топката најмногу осум секунди, во спротивно екипата ќе се казнува со корнер. И до сега постоеше слично правило, но (речиси) никогаш не беше судено, па на голманите им беше дозволувано да ја држат топката во раце и по 30 секунди.

Сега судијата ќе чека три секунди, а тоа ќе ја крене раката во воздух и ќе одбројува до пет, а доколку голманот не ја исфрли топката, ќе биде досуден корнер за противникот.

Поврзани теми


Фабрегас фаворит за тренерското место во Милан

Милан дури по завршувањето на сезоната ќе решава дали ќе му го продолжи престојот на тренерот Серж Консеисао, откако гласни се шпекулациите дека тој и пред завршувањето на првенството може да добие отказ.

Консеисао има клаузула во договорот според која Милан може да го раскине договорот на крајот од оваа сезона доколку не ги исполни амбициите и не ги постигне посакуваните резултати.

Милан испадна од Лигата на шампионите, во Серија А се маоѓа на осмото место со осум поени помалку од четвртата позиција. Клубот се уште е во трка за трофејот во Копа Италија, во полуфиналето ќе игра против Интер.

Во случај Милан да не обезбеди пласман во Лигата на шампионите, извесно е дека клубот повторно ќе бара нов тренер, а прв пик е Сеск Фабрегас, додека алтернативи се Роберто Де Зерби и Маурицио Сари.

Фабрегас одлично си ја врши работата на клупата на Комо. Бидејќи е косопственик на Комо, тој практично сам ќе ја решава својата судбина.

Роберто Де Зерби го води Олимпик Марсеј, а беше поврзуван со Милан минатото лето кога дојде Пауло Фонсека, додека Сари очајно сака да и се врати на тренерската работа, откако минатата сезона се раздели со Лацио. Сепак, Сари е мета и на Аталанта, која во него гледа идеална замена за Џан Пјеро Гасперини.


Вардар и Беса одиграа без голови на „Тодор Проески“

Вардар, по големата победа во Струга минатиот викнед, во 21. коло не успеа да ја победи Беса на домашен терен. Дуелот на националната арена „Тодор Проески“ заврши 0-0.

Вардар апсолутната доминација на теренот не успеа да ја материјализира барем со еден гол.

Вардар по некомплетното 21.коло се наоѓа на деветтото место со 17 бодови, додека Беса е претпоследна со два бода помалку.


ПСЖ спремен да достави луда понуда за Гави

Гави може да стане нова главоболка за Барселона. ПСЖ силно се стреми да го привлече во своите редови.

Гави претставуваше клучна фигура во клубот, но моментално се рехабилитира поради повреда.

Во случај да не добие доволно време на теренот во вториот дел од сезоната, тој е подготвен да разгледа други опции.

ПСЖ планира да извлече корист од оваа ситуација и планира да понуди примамлива понуда за Шпанецот, кој е под договор со Барселона до 2030 година.


Витор Роке договори трансфер во Палмеирас

Барселона ја потврди продажбата на Витор Роке во редовите на бразилски Палмеирас.

20-годишниот Бразилец се враќа во родната земја откако не се снајде во Шпанија и немаше многу простор за напредок во Барселона. Каталонскиот гигант го купи Роке од Атлетико Паранаенсе во јануари минатата година за 30 милиони евра, а сега го продаде во Палмеирас за 25,5 што е одлична сума ако се земе в предвид колку одигра. Исто така постои опција за уште пет милиони евра низ бонуси.

За Барса бразилскиот напаѓач постигна само два погодоци, минатата полусезона ја мина на позајмица во Бетис која беше прекината за да биде продаден.

Витор Роке инаку преку Америка МГ стигна во младинските тимови на Крузеиро за кој дебитираше во сениорскиот фудбал. Потоа за 4,7 милиони во 2022 беше продаден во Атлетико, па следеше трансферот на кариерата. Откако не се снајде сега се враќа во родната земја да ја враќа формата играјќи за Палмеирас со кој потпиша до 2029 година.