фудбал

Барса пронајде начин да го регистрира Кунде

Барселона денес го реши проблемот и конечно успеа да го регистрира новото засилување, Жил Кунде, потврдија шпанските медиуми.

Французинот остана единствен нерегистрирач играч од новите засилувања на Каталонците и во првите две кола не му беше на располагање на тренерот Чави. Кунде беше фрустриран од таквата ситуација, но денес Барселона конечно најде решение за проблемот и го регистрираше дефанзивецот во лигата.

Со заминувањето на Умтити и најверојатното заминување на Обамејанг, Каталонците најдоа простор за регистрација, па Кунде ќе му биде на располагање на Чави за следниот натпревар.


Њукасл го официјализира Алексндар Исак

Њукасл потпиша договор со шведскиот напаѓач од Реал Сосиедад Александар Исак, што беше објавено на нивната официјална веб-страница. Висината на зделката не беше објавена, но претходно медиумите пишуваа дека Њукасл ќе плати 70 милиони евра за 22-годишниот Швеѓанец.

„Мило ми е што го направивме тоа. Тоа беше важна и одговорна одлука за мене, од која сум задоволен. Ова е клуб со голема историја и неверојатни навивачи, секој би сакал да игра за него. Верувам во проектот на овој клуб“, изјави Александар Исак за прес-службата на Њукасл.

Исак за шпанскиот тим настапуваше од 2019 година. Во последната сезона од шпанската Примера, Александар Исак одигра 32 натпревари на кои постигна шест гола (вклучувајќи два од пенали) и даде и две асистенции.


Борусија Дортмунд не го пушта Муние за ниту една цена

Борусија Дортмунд нема намера да го продаде белгискиот репрезентативец Томас Муние, откако играчот беше поврзуван со Манчестер Јунајтед и Барселона.

„Манчестер Ивнинг њуз“ објави дека „Олд Трафорд“ е отворен за разделба со Арон Ван-Бисака, што би го направило Диого Далот единствениот искусен дефанзивец на позицијата десен бек во тимот, што го објаснува интересот за Муние.

30-годишниот дефанзивец е главен играч во белгиската репрезентација. Неговиот договор со Дортмунд е до летото 2024 година и се верува дека неговиот потенцијален трансфер би бил околу 15 милиони евра.

Сепак, спортскиот директор на Борусија, Себастијан Кел, беше категоричен дека клубот не сака да се раздели со Муние ова лето.


Станковиќ изненадувачки ја напушти Црвена Звезда

Екипата на Црвена Звезда не само што остана без место во Лигата на шампионите туку остана и без својот досегашен тренер Дејан Станковиќ кој си поднесе оставка.

Неуспехот во квалификациите за Лигата на шампионите го натера поранешниот српски фудбалер да ја напушти тренерската функција. Српскиот првак ја сподели пораката кој ја напиша Станковиќ:

„Црвена Звезда е мојата голема љубов, неопислива емоција. Сега по третиот неуспешен обид да ја воведам во Лигата на шампионите се чувствувам целосно празно, бидејќи не успеав да ѝ дадам на мојата најголема љубов она што најмногу го посакував. Не можам да продолжам. Дадов сè од себе. Сега некој друг треба да се обиде. За мене овие три години се најубавиот дел од фудбалскиот живот“ напиша Станковиќ.


Тревор Чабола се сели во Милано, дилема е само во кој клуб

Милан и Интер се силно заинтересирани за младиот дефанзивец на Челзи, Тревор Чалоба, пренесуваат италијанските медиуми.

Двата клуба се во потрага по дефанзивец за комплетирање на одбраната и веруваат дека младиот Англичанец ќе биде идеална опција. Челзи е спремен да го пушти Чалоба на позајмица со право на откуп, но најпрво треба да донесе негова замена. Доколку успее да го договори трансферот на Фофана, ќе го пушти Чалоба да се пресели во Милано.

Чалоба е младински репрезентативец на Англија, може да игра на повеќе позиции во одбраната и поради тоа е голема желба на миланските клубови.


Френки Де Јонг нова желба на Јирген Клоп

Фудбалерот на Барселона и холандски репрезентативец, Френки де Јонг би можел да ја продолжи кариерата во Ливерпул, пренесуваат британските медиуми.

Барселона по секоја цена сака да се ослободи од холандскиот фудбалер, кој беше на прагот да се пресели во Манчестер Јунајтед.

Сепак, иако клубовите се договорија за обештетување, Де Јонг одби да се пресели во клубот од „Олд Трафорд“ и остана да се бори за место во стартниот тим на Барселона. Британските медиуми наведуваат дека оваа ситуација сака да ја искористи Ливерпул, кој на Барселона и понудил 70 милиони евра со бонуси за холандскиот фудбалер.

Де Јонг (25) е член на Барселона од 2019 година, а претходно играше за Ајакс и Вилијем Втори. За каталонскиот клуб одигра 142 натпревари и постигна 13 гола.


Клоп: Не постои лесен пат во Лигата на шампионите

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека е задоволен од ждрепката во Лигата на шампионите, која ги испрати „црвените“ во група со Ајакс, Наполи и Ренџерс. Тој е на мислење дека секоја од екипите има шанса да се пласира во осминафиналето.

„Сите тимови се на високо ниво, со богата историја и би рекол дека секој има шанса да оди напред. Доброто е што тоа важи и за нас. Ова не е турнир во кој може да се надевате дека ќе имате лесен пат. Стандардите во Лигата на шампионите секогаш биле многу високи. Сезонава групната фаза ќе се одржи во пократок период, па мора да бидеме подготвени не само за ривалите, туку и за новиот ритам. Мислам дека сите натпревари ќе бидат интересни и тензични. Групата е силна и ќе претставува вистински тест за нас. Нема да ни треба долго време да ги истражиме противниците. Пред неколку години одигравме два многу тешки натпревари со Ајакс, а со Наполи често се среќаваме, па добро се познаваме. Ренџерс се нов противник, но и ние ги знаеме. Клубот помина низ многу тешкотии во последните години за да се врати во Лигата на шампионите“, прокоментира Клоп.


Рускиот талент Захарјан на радарот на Челзи

Челзи ќе направи изненадувачки трансфер. „Сините“ од Лондон се во напредни преговори за играчот од средниот ред на Динамо Москва, Арсен Захарјан. Веста ја пренесе „Спорт-Експрес“, а потоа ја потврди и италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио.

Откупната клаузула за странски клубови во договорот на Захарјан е вредна 15 милиони евра и нема да биде проблем Челзи да ја плати. Агентот Рафаел Пимиента работи на зделката.

„Захарјан во Челзи? Се е многу блиску“, концизен на темата беше репрезентативецот на Русија, Павел Андреев.

Захарјан е роден во Самара и е младински играч на локалната Крилја Советов, а од 2017 година е дел од Динамо Москва. Тој дебитираше за машкиот тим на „бело-сините“ на 1 ноември 2020 година против Тамбов и многу брзо почна да го открива својот потенцијал. Повеќето експерти во Русија го дефинираат како наголемиот талент во земјата.


Бензема: Тимските награди ми се подраги од индивидуалните

Карим Бензема беше избран за играч на сезоната на УЕФА за изминатата сезона. Најдобриот стрелец на Реал Мадрид ја освои наградата со рекордно водство пред второпласираниот играч и им рече на новинарите дека им должи многу на соиграчите и главниот тренер Карло Анчелоти.

„Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи, тренерот и претседателот на клубот. И, секако, на нашите фанови, чија поддршка ни помогна да ги направиме овие неверојатни пресврти. Мојот најсилен натпревар беше реваншот со Пари Сен Жермен. Тогаш симпатизерите беа фантастични и имаа огромна заслуга за конечната победа. Анчелоти е најдобриот тренер во светот, огромен професионалец. Тој ми дава самодоверба. Мило ми е што работам со него. Среќен сум со наградата, но отсекогаш ми било главно да освојувам титули во тимот“, додаде францускиот напаѓач.


Седлоски: Испаднавме бидејќи ни недостигаше искуство од вакви натпревари

Му честитам на Балкани за групната фаза. Им посакувам многу успех, кажа по натпреварот,тренерот на македонскиот првак Шкупи, Гоце Седлоски.

„На дечките кои играа немам за што да им замерам, Балкани ги казни нашите грешки и тука и во Скопје. Тоа е тоа, сега ќе видиме што ќе биде понатаму. Тие шанси кои ги имаа Балкани ги искористија и на првата средба и сега. Оваа сезона имавме долг европски пат, пред себе имавме сериозни противници. Ни фалеше искуство во вакви натпревари“, вели тренерот на македонскиот првак Шкупи.

Шкупи не успеа да се пласира во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА. Тимот на Гоце Седлоски загуби од Балкани (1-0) и на реваншот во Приштина. Со тоа го потврди пласманот откако славеше со 1-2 на првиот меч во Скопје.