фудбал

Македонија остана 64-та на ФИФА ранг-листата

Македонската фудбалска репрезентација остана на 64-то место на последното рангирање на ФИФА ранг-листата.

Македонија се наоѓа веднаш зад Исланд, а за нијанса сме пред Словенија, Албанија и Црна Гора. Македонија во месец септември ја очекуваат натпревари со Грузија и Бугарија, како дел од натпреварите од Лига Ц од Лигата на нации. Бугарија е на 74-то место, а Грузија е на 82-то место на најновата ранг-листа

На врвот на ФИФА листата останува Бразил пред Белгија, Аргентина, Франција, Англија, Шпанија, Италија, Холандија, Португалија и Данска.


Клоп има нова желба, го сака Бенасер од Милан

Ливерпул е силно заинтересиран за плејмејкерот на Милан, Исмаил Бенасер, пренесуваат италијанските медиуми.

Клоп во алжирскиот репрезентативец гледа идеално засилување за средниот ред, каде „црвените“ имаат многу проблеми од почетокот на сезоната.

Тренерот е загрижен поради малкуте алтернативи кои ги има во средниот ред и верува дека Бенасер одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра.

Ливерпул спрема понуда, но Милан одбива да преговара и сака да го задржи 24-годишниот плејмејкер. Алжирецот има договор со „росонерите“ до 2024 година, но Милан веќе започна преговори за продолжување на соработката.


Деле Али еуфорично пречекан од фановите на Бешикташ

Деле Али синоќа пристигна во Истанбул за да го финализира трансферот во Бешикташ. 26-годишниот играч за врска ќе игра како позајмен играч во Бешикташ, кои по завршувањето на сезоната ќе имаат опција да го земат трајно за шест милиони фунти.

Тој ќе бара да ја рестартира кариерата во Турција по многу лошата сезона во Евертон. Деле Али одигра само 13 натпревари за „карамелите“ без да постигне гол или асистенција. Голем број на навивачи на Бешикташ синоќа го пречекаа Деле Али на аеродромот „Ататурк“. Поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем денеска треба да ги помине медицинските прегледи пред да го потпише договорот.

Доколку се пријави навреме, тој ќе дебитира за својот нов клуб во понеделник против Сиваспор. Бешикташ добро ја започна сезоната и освои седум бода во првите три кола, делејќи го првото место со три други екипи – Фенербахче, Истанбул Башакшехир и Газиантеп.


Лече е новиот клуб на Самуел Умтити

Барселона и Лече постигнаа договор за едногодишна позајмица на Самуел Умтити, потврдија италијанските медиуми.

Дефанзивецот утре ќе пристигне во Италија на лекарски прегледи и ќе потпише за Лече, каде ќе игра на позајмица до јуни 2023 година.

Барселона сакаше по секоја цена да се ослободи од Умтити, кој не е во плановите на Чави, но бидејќи немаше многу заинтересирани клубови се согласи да го пушти во Лече, а таа да ја плаќа поголемиот дел од платата.


Манчестер Јунајтед го позајми Ерик Баји во Олимпик Марсеј

Ерик Баји му се приклучи на Олимпик Марсеј на позајмица во текот на една сезона, објави англискиот тим. Зделката „вклучува опција за перманентен трансфер на крајот од сезоната“, соопшти и раководството на „црвените ѓаволи“.

Според Фабрицио Романо, опцијата за купување е во висина од 10 милиони евра.

28-годишниот Баји му се приклучи на Манчестер Јунајтед во летото 2016 година од шпански Виљареал. Во Англија, пак, неговите настапи често минуваа низ подеми и падови, а во последните три сезони речиси постојано го мачат повреди.

За шест години во Манчестер, Баји одигра 113 натпревари, на кои постигна еден гол. Со „црвените ѓаволи“ ја освои Лига Европа, Лига купот и Комјунити шилд.


Мурињо го сака Закарија од Јуве

Трансфер потезите помеѓу Рома и Јувентус продолжуваат во полн ек 

во деновите пред затворањето на пазарот на 1 септември. Според новинарот Ромео Агрести, Римјаните биле во контакт со тимот од Торино за да разговараат за можниот потпис на Денис Закарија. Планот засега е да игра на заем.

Неколку часа претходно беше објавено дека во нивната потрага да се засили со централен играч од средниот ред, клубот на Жозе Мурињо дури размислува да го земе Леандро Паредес од Пари Сен Жермен, кој веќе ги договорил условите со Јуве, но чека „бјанконерите“ да направат простор. за него.

Закарија одигра цел натпревар во првото коло против Сасуоло, но потоа беше оставен на клупата за ремито без голови со Сампдорија во Џенова.

В сабота Јуве и Рома играат во еден од дерби дуелите од третото коло во Италија.


Роџерс го прати Фофана да тренира со вториот тим

Дефанзивецот на Лестер, Весли Фофана тренира со играчите до 23 години поради интересот од Челси. Ова го призна менаџерот на тимот Брендан Роџерс. Фофана не беше дел од тимот на Лестер кој загуби со 2-1 од Саутемптон во саботата, откако ја пропушти и победата во Лига Купот над тимот од Втората лига Стокпорт. Беше објавено дека Лестер ја одбил третата по ред понуда на Челси за францускиот дефанзивец.

„Имаше понуда, но беше одбиена“, изјави Роџерс. „Тој тренира со тимот до 23 години за да може да ја врати формата. Важно е во оваа фаза да се контролира се што може да го одвлече вниманието на ситуацијата овде“, додаде менаџерот. „Тој е добро момче, но ситуацијата е вистински предизвик за него. Многу пати во кариерата сум сретнал играчи кои се справуваат со тоа, кои сакаат да им помогнат на своите соиграчи. Има и други кои не можат да се справат со интересот. Тоа им го одвлекува вниманието, пропуштаат тренинзи, а мене ми треба целосна посветеност од играчите. Тоа се многу добро платени луѓе. Најмалку што можете да направите е да присуствувате. Ако не, со сета почит, не можете да бидете дел од овој тим“, категоричен е Роџерс.


УЕФА го откри тимот на сезоната во евро-куповите

УЕФА предвреме ги откри имињата на играчите кои влегоа во тимот на годината за изминатата сезона. Во принцип, составот требаше да биде објавен утревечер на церемонијата при ждрепката за групната фаза на турнирот. Сепак, европската централа денеска на својата веб-страница го објави техничкиот извештај за изминатата сезона, а во него се спорните идеални единаесетмина, но и добитниците на сите поединечни почести.

Тимот очекувано има најмногу претставници од финалистите во последното издание на Лигата на шампионите. Реал Мадрид и Ливерпул имаат по четири играчи во овој избор. Тибо Куртоа, Лука Модриќ, Карим Бензема и Виничиус Жуниор се претставници на победникот на турнирот. Трент Александер-Арнолд, Вирџил ван Дајк, Ендрју Робертсон и Фабињо се играчите на Ливерпул. Антонио Рудигер (Челзи), кој исто така е играч на Реал од новата сезона, Кевин Де Брујне (Манчестер Сити) и Килијан Мбапе (ПСЖ) се единствените фудбалери кои не се играчи на тимовите кои стигнаа до мечот за трофеј во мај.


Мојс ќе понуди 40 милиони евра за Лукас Пакета

Фудбалерот од средниот ред на Лион, Лукас Пакета, може да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига.

Според изворот, Вест Хем Јунајтед е заинтересиран за услугите на 24-годишниот бразилски фудбалер. Лондонскиот клуб испратил понуда за трансфер од 33,7 милиони фунти (40 милиони евра) до Пакета. Двете страни се уште не постигнале договор. За потсетување, Пакета за Лион игра од 2020 година. Претходно, фудбалерот ги бранеше боите на Фламенго и Милан. Оваа сезона Пакета учествуваше на два натпревари од француската Лига 1 и не постигна гол.

Од 2018 година, Пакета е повикан во репрезентацијата на Бразил. Вест Хем нема освоено бод на три натпревари и се наоѓа на последното, 20. место во англиската Премиер лига за оваа сезона.


Андер Херера заминува од Париз и се враќа во матичниот клуб

Андер Херера ќе се врати во шпанскиот фудбал. Играчот од средниот ред на ПСЖ постигна договор со Атлетик Билбао за враќање во Шпанија.

Херера ќе пристигне како слободен играч и ќе потпише договор на две сезони.

Херера имаше одиграно вкупно 128 натпревари за Билбао од 2011 до 2014 година, по што ја започна својата интернационална кариера. Ернесто Валверде имаше голема желба да го врати 33-годишниот играч, па на негово инсистирање, Ерера се врати во Баскија.