фудбал

Тонали ќе добие нов договор во Милан

Милан вчера се сретна со Сандро Тонали за да разговара за нов договор. 22-годишниот италијански играч за врска е еден од клучните играчи во тимот на Стефано Пиоли, а иако неговиот актуелен договор истекува во 2026 година, клубот не сака да биде изненаден со евентално негово заминување.

Минатата година Милан побара од Тонали да направи мало намалување на платата за да помогне во финансиските ограничувања, а сега тие планираат да го наградат својот клучен човек во средниот ред.

Планот на Милан е да го продолжи договорот со Тонали на уште една година до 2027 година, со што во тој процес ќе му ја зголеми платата.


Варан: Касемиро ќе ни донесе стабилност во играта

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рафаел Варан го смета новото засилување Касемиро за играч со карактер.

„Тој е многу силен и мислам дека може да донесе стабилност во тимот, добар баланс меѓу нападот и одбраната и победнички менталитет. Тој има силен карактер на теренот“, изјави Варан за „Sky Sports“.

Касемиро дојде во Манчестер Јунајтед од Реал Мадрид, каде освои 18 трофеи. Зделката беше вредна 70 милиони евра.

Договорот со „црвените ѓаволи“ е до јуни 2026 година, со опција за продолжување на уште една година.


Галатасарај фаворит за потписот на Мауро Икарди

Оваа недела се очекува средба меѓу Ванда Нара и раководството на Галатасарај за евентуален трансфер на Мауро Икарди во тимот од Истанбул, пренесува италијанскиот новинар Николо Шира.

„Жолто-црвените“ се подготвени да платат 3 милиони од платата на играчот, кој според договорот заработува околу 10, а остатокот ќе го преземат парижаните.

Во моментов, разговорите меѓу двете страни се главно за да се убеди Икарди да го прифати новиот предизвик. Тој очигледно е несакан од новиот тренер на ПСЖ, Кристоф Галтие и не е вклучен во неговите планови.


Лестер одби и трета понуда за Фофана

Тренерот на Лестер, Брендан Роџерс потврди дека неговиот тим ја одбил и третата понуда од Челзи за дефанзивецот Фофана.

„Од фудбалска перспектива, ако тоа се случи, порано е подобро бидејќи може да ни овозможи да си ја завршиме работата“, рече Роџерс.

„Клубот е свесен дека колку повеќе време минува, толку станува потешко, но вредноста мора да се усогласи“, додаде тренерот на Лестер.

Фофана беше оставен дома за натпреварот на Лестер против Саутемптон минатиот викенд. За ова отсуство, Роџерс изјави дека играчот не е целосно фокусиран на клубот.


Мурињо го враќа Паредес во Рома

Двоецот од Серија А, Рома и Јувентус се борат за потписот на Леандро Паредес од ПСЖ, неколку дена откако се чинеше дека само „бјанконерите“ се дел од трката за неговиот потпис.

Додека Јуве продолжува да работи на првична позајмица со обврска за купување на Паредес следното лето, сега се соочуваат со нов конкурент за потписот во името на Рома.

Паредес претходно играше за Рома, а Жозе Мурињо јасно стави до знаење дека сака уште еден играч од средниот ред, по повредата на Џини Вајналдум.


Виеира понуди 35 милиони фунти за Галагер од Челзи

Кристал Палас ќе направи обид да го купи играчот од средниот ред на Челзи, Конор Галагер.

Играчот од средниот ред, кој е тинејџер на „сините“, последната сезона ја мина со „орлите“ и импресионираше со добрите игри, по што дури и заработи повик во репрезентацијата. Тој се врати во тимот на Томас Тухел оваа сезона, но досега има забележано само 70 минути во првите три натпревари.

Токму оваа статистика им даде надеж на луѓето од Кристал Палас дека 35 милиони фунти за Галагер ќе бидат доволни за реализација на трансфер.


Сент Максимин последна желба на Тен Хаг во овој преоден рок

Манчестер Јунајтед и натаму размислува за нови трансфери ова лето. Следен на листата на посакувани за Тен Хаг е напаѓачот на Њукасл, Ален Сент Максимин, пренесува ESPN.

За 25-годишниот Французин овој преоден рок се интересираа и Челзи и Тотенхем. Напаѓачот се пресели на „Сент Џејмс Парк“ од Ница во 2019 година и неговиот актуелен договор со „црно-белите“ истекува за две години.

Сезонава Сент Максимин одигра 3 натпревари за „страчките.


Емерсон Палмеири го напушти Челзи, но останува во Лондон

Вест Хем потпиша договор со италијанскиот дефанзивец Емерсон од Челзи.

Износот на трансферот ќе биде 15,3 милиони евра, а уште 2,4 милиони евра ќе бидат бонуси. Се очекува во текот на вечерта да започне лекарскиот преглед на 28-годишниот дефанзивец во новиот тим.

Емерсон минатата сезона ја мина на позајмица во францускиот Лион, одигра 36 натпревари, постигна еден гол и даде две асистенции. Фудбалерот се пресели во Челзи во јануари 2018 година од италијанската екипа Рома.

Вкупно за сините има 71 натпревар, два гола и пет асистенции. Играше и за Сантош. Емерсон за италијанската репрезентација дебитираше есента 2018 година, а во моментов има одиграно 27 натпревари за националниот тим. Со Италија го освои Европското првенство 2020 година.


По 254 дена продолжи шампионатот на Украина

Денес и покрај жестоката војна која пламти во дел од земјата, во Украина започна новата фудбалска сезона. Првиот меч го одиграа во Киев фудбалерите на Шахтјор и Металист од Харков.

Натпреварот заврши без голови и беше првиот фудбалски меч одигран од крајот на февруари кога сезоната беше прекината по руската инвазија на Украина.

Минатосезонскиот шампионат на Украина беше прекинат, а овој стартот на новата сезона значеше конечен крај на долгиот период од 254 дена без фудбал во оваа земја.

Шахтјор и Металист играа во Киев, а сите првенствени натпревари ќе се играат во главниот град на Украина и западните градови кои во моментов не се цел на руска агресија.


Диало од ПСЖ интересен за „волчицата“ и Мурињо

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо во последните денови од трансфер пазарот планира да се засили со еден од дефанзивците на Пари Сен Жермен – Абду Диало, информира „Ил Месаџеро“.

Репрезентативецот на Сенегал излезе како резерва под водство на новиот тренер, Кристоф Галтие, откако во сите четири изминати средби на тимот во новата сезона остана на клупата и не забележа ниту една минута. На почетокот на овој месец тој беше поврзуван и со Милан.

Идејата на Римјаните е да го земат Диало на позајмица со можна опција за купување следното лето. Има силна лева нога и може да игра како лев бек или во центарот на одбраната.

26-годишниот дефанзивец е во ПСЖ веќе три години, а претходно беше во Борусија (Дортмунд) и Мајнц 05. Тој е дете на Монако.