фудбал

Јуве го претстави Ренато Веига

Јувентус и официјално го објави потписот на португалскиот играч за врска Ренато Веига од Челзи. Договорот е во форма на позајмица до крајот на тековната сезона.

Веига се пресели во Челзи летото од швајцарскиот Базел, но не успеа да се наметне во тимот на лондонскиот клуб. По краткиот престој на „Стемфорд Бриџ“, тој ќе ја продолжи кариерата во италијанскиот гигант, кој ќе има можност да ги искористи неговите услуги до крајот на сезоната.

Потпишувањето на Веига е дел од трансфер стратегијата на Јувентус бидејќи тие сакаат да го засилат својот тим за да постигнат успех и во Серија А и во европските клупски натпреварувања.


Балотели по само три месеци заминува од Џенова

Марио Балотели е блиску до заминување од Џенова.

Италијанскиот напаѓач потпиша за клубот од Серија А на крајот на октомври откако со месеци беше слободен играч. На шест натпревари одигра само 56 минути, а последниот настап го имаше на 21 декември кога одигра седум минути во поразот од Наполи со 1:2.

Инсајдерите во италијанскиот фудбал Фабрицио Романо и Николо Скира најавија дека некогаш одличниот стрелец ќе тргне во нова потрага по клуб. Романо истакна дека Балотели е на прагот на заминување, додека Схира откри дека им е понуден на Венеција и Монца. Неговиот план е да замине некаде каде што ќе може да игра повеќе, но не се знае дали е заинтересиран за споменатите клубови.

Заминувањето беше најавено на крајот на 2024 година. La Gazzetta dello Sport напиша дека во договорот има клаузула според која Џенова и фудбалерот во секој момент можат да ја раскинат соработката. Се споменуваше интерес од Мексиканецот Круз Азул, кој наводно му нуди годишна плата од два милиони евра.

Балотели промени многу клубови во кариерата, но ова ќе биде негов прв ангажман во неевропска лига. Кариерата ја започна во Интер, а потоа играше за Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Ница, Марсеј, Бреша, Монца, Адана Демирспор (двапати) и Сион. За италијанската репрезентација има 34 настапи и 14 голови.


Пјер Саж доби отказ, Фонсека пред промоција во Лион

Олимпик Лион остана без тренер само неколку дена пред натпреварот од Лига Европа. Американскиот претседател на францускиот клуб Џон Текстер го отпушти тренерот Пјер Саж и веќе 10 дена преговара со Пауло Фонсека, пишува „Л‘Екип“.

Саж беше ослободен поради неодамнешните слаби резултати на тимот и особено по срамниот пораз од аматерскиот тим Бургоњ (2:2 и 2:4 по пенали) во 1/16-финалето на Купот на Франција. Лион загуби и од Брест со 1:2 во Лига 1 и ремизираше 0:0 со Тулуз. Американецот Текстер лично отпатувал за Лион денес за да го извести Саж за својата одлука, бидејќи тој лично го назначи со изненадувачки потег во декември 2023 година.

Се очекува Пауло Фонсека да биде назначен во текот на денот и најверојатно ќе го води Лион против Лудогорец в четврток во Лига Европа. Американецот е во контакт со него од 2021 година. 51-годишниот поранешен тренер на Лил е слободен откако беше отпуштен од Милан на 30 декември.


Јонас Урбиг од Келн е нов голман на Баерн

Баерн Минхен официјално го објави потписот со младиот голман на Келн, Јонас Урбиг. Баварците за него ќе платат сума од седум милиони евра плус уште три милиони евра во вид на разни бонуси. Самиот 21-годишен Урбиг потпиша договор до летото 2029 година.

Новиот голман ќе го носи бројот 40 и најверојатно ќе биде вклучен во тимот на Баерн уште на натпреварот против новајлијата во Бундеслигата Холштајн Кил викендов.

Сезонава Урбиг одигра 11 натпревари за Келн, прими 22 гола. Тој исто така има осум натпревари за младинската репрезентација на Германија.

„Баерн е еден од најголемите клубови во светот. Горд сум што сум овде сега и со нетрпение очекувам што побрзо да го запознаам мојот нов тим. Мојата цел е да работам на себе професионално секој ден и да продолжам да се развивам во друштво на Мануел Нојер“, изјави Урбиг за официјалниот сајт на Баварците.


Нико Ковач пред промоција во Дортмунд

Нико Ковач наскоро би можел да стане нов тренер на Борусија Дортмунд.

Членовите на бордот на Борусија сакаат да го доведат Ковач како замена за Нури Шахин, кој беше отпуштен во средата.

Германските медиуми јавуваат дека челниците на Борусија одлетале за Салцбург на тајна средба, со намера да постигнат договор со 53-годишниот тренер за краткорочен договор.

„Дортмунд сака да го доведе Ковач, но поранешниот тренер на Баерн и Франкфурт не сака да биде „пожарникар“, што јасно им го кажа“, напиша инсајдерот, Патрик Бергер за целата ситуација.

Германскиот новинар на крајот нагласи дека жолто-црните гледаат резервна опција во Данецот Мајк Тулберг, кој е тренер на младинските тимови на Борусија.

Ковач целата своја кариера ја помина во Германија, тренирајќи ги Ајнтрахт, Баерн и Монако, а беше и селектор на Хрватска.

Дортмунд е 11. во поредокот со седум победи, седум порази и пет нерешени во домашното првенство.


Исак ќе добие нов договор во Њукасл

Александер Исак игра фантастично оваа сезона во Премиер лигата, што е повод многу големи клубови да се обидат да го ангажираат. Сепак, Њукасл има други планови.

Клубот од северна Англија би сакал да го задржи најдобриот играч на сезоната нудејќи му нов, подобрен договор.

Бројни европски гиганти се распрашуваат за Исак, вклучувајќи ги и ривалите од лигата на Њукасл, Арсенал и Манчестер Јунајтед. Сепак, Еди Хау не сака да остане без својот најдобар напаѓач и на раководството на клубот им било јасно дека нешто мора да се преземе.

На шведскиот интернационалец ќе му биде понуден нов договор, а од него зависи дали ќе го прифати или ќе сака нов предизвик. Како и да е, Њукасл не сака да го продаде Исак во овој момент и инсистира дека тој не е на продажба.

Брилијантниот напаѓач оваа сезона постигна 17 гола и даде пет асистенции на 21 натпревар, а неговиот актуелен договор е до 2028 година.

Ако Исак сепак биде продаден, тоа нема да се случи пред летото.


Жесус потврди дека Нејмар заминува од Ал-Хилал

Како што сега стојат работите, Нејмар ќе ја напушти Саудиска Арабија, поточно Ал-Хилал и кариерата ќе ја продолжи во Сантош, најави трансфер експертот Фабрицио Романо.

Очигледно веќе е постигнат вербален договор, а и Бразилецот го посакува трансферот.

Од клубот неодамна потврдија дека Нејмар нема да добие пријавен за вториот дел од шампионската сезона во Саудиска Арабија.

-Тој веќе не може да игра на нивото на кое сме навикнати од него, изјави Жорге Жесус.

Бразилскиот напаѓач би имал право само да игра во азиската Лига на шампиони.

Нејмар ја започна својата кариера како играч на Сантош, а од 2013 до 2017 година играше за Барселона, со која освои се.

Во трансфер вреден 222 милиони евра во 2017 година, тој пристигна во ПСЖ со кој беше петкратен француски шампион, а потоа минатата година за 90 милиони евра се пресели во Ал-Хилал.

Повредата на лигаментите е причината поради која одигра вкупно седум натпревари за клубот од Саудиска Арабија и постигна само еден гол.


Јуве го сака Чави за наследник на Мота

Јувентус го контактираше Чави Хернандез и оствари информативен разговор за потенцијалната соработка.

Оваа вест ја лансираше францускиот весник Екип, кој тврди дека Чави е кандидат да го замени Тијаго Мота на клупата на Јувентус.

Не може да се каже дека Мота ги исполнил очекувањата, иако токму минатиот викенд го доживеа првиот пораз во Серија А, поголем проблем е огромниот број на нерешени резултати и само петтото место на табелата, со 16 бода помалку од лидерот Наполи.

Чави е без работа откако летово ја напушти Барселона и најави дека ќе паузира до следната работа, па не е исклучено да ги започнал преговорите со Јувентус.

Тој ја освои титулата со Барса во сезоната 2022/23, но се раздели со Каталонците по лошата минатата сезона без ниту еден трофеј.

Чави во еден момент беше поврзуван со Милан и Манчестер Јунајтед, но немаше сериозни преговори.


Капитенот на Јуве се враќа во Фламенго

Бразилскиот фудбалер Данило се враќа во Бразил каде во наредниот период ќе настапува за Фламенго.

Фудбалерот по 12 и пол години реши да се врати во Бразил. Претходно го раскина договорот со Јувентус. Во Фламенго доаѓа како слободен играч.

Бразилскиот дефанзивец е во Европа од 2010 година и има настапувано за Порто, Реал Мадрид, Манчестер сити, а најмногу време помина во Јувентус од 2019 година до јануари 2025. Се на се тој одигра 213 натпревари за Јувентус и постигна девет гола во сите натпреварувања.

Со „Старата дама“, тој ја освои Серија А во 2020 година, Суперкупот на Италија во истата година и уште два пати Купот во 2021 и 2024 година. Тој исто така освои домашни титули со Порто, Реал Мадрид и Манчестер сСити и две Лига на шампиони. со Реал Мадрид. Со Бразил во 2016 година стана олимписки шампион.


Раџа Наинголан обвинет за шверц на кокаин

Белгиските медиуми јавуваат дека славниот фудбалер и поранешен репрезентативец Раџа Наинголан е уапсен утринава и моментално се наоѓа во полициски притвор.

Се нагласува дека во рамките на истрагата за шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа е приведен 36-годишниот играч на Локерен.

Неговото сослушување во моментов е во тек, а белгискиот јавен обвинител најави дека нема да има детали или коментари за истрагата која е во тек.

Контроверзниот фудбалер за деловен партнер го има Ибрахим Ахмадун, кој претходно беше поврзан со увоз на кокаин, а беше осуден во САД во 2016 година. .

„Бидејќи истрагата се уште е во тек, полициските служби не сакаат и не можат да дадат дополнителни коментари. Тие го почитуваат принципот на презумпција на невиност и како клуб се согласуваме со тоа. Можеме само да потврдиме дека играчот утрово не беше присутен на тренингот“, се вели во клупското соопштение.

Наинголан во кариерата играше за Каљари, Рома, Интер, Спал, Антверпен и индонезиски Бајанкари.

Неодамна му се приклучи на Локерен и постигна гол на своето деби против Лирс.