фудбал

Британски естетски хирург испрати тужба до Кристијано Роналдо

Кристијано Роналдо добил тужба од британскиот естетски хирург д-р Рошан Равиндран, познат и како доктор Рош, за наводно неплатена сметка од 48.000 евра.


Рош тврди дека поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед должи за третмани за време на неговиот престој на „Олд Трафорд“ во 2021 и 2022 година, пишува „Сан“.

Поранешниот кардиолог, кој е специјализиран за ботокс и филери, нега на кожа и подигнување на веѓите, забележува во тужбата дека вршел третмани за Роналдо, членовите на неговото семејство и придружбата во неговата клиника во Чешир.

Британските таблоиди повеќе ги интересираше дали и сопругата на Роналдо, Џорџина Родригез е негова пациентка.

„Судската постапка е во тек и како професионалец не можам да зборувам за моите пациенти“, изјавил докторот за „Сан“.

Пријател на хирургот на читателите им го доближи ликот и делата на д-р Рош.

„Тој е многу почитуван експерт во светот на личности од висок профил, вклучувајќи врвни политичари, членови на кралското семејство, спортисти и холивудски ѕвезди. Кога станува збор за третмани како ботокс и филери, тој несомнено е „број еден“. Неговата клиентела ја цени апсолутната дискреција и супериорните третмани“.


Рамос преговара со Њукасл

Серхио Рамос шест месеци е без клуб. Дефанзивецот на крајот од сезоната се раздели со Севилја, го поврзуваа со многу клубови но тој се уште е слободен играч. Изминатите месеци се пишуваше дека се договорил со Бока јуниорс, а пред две недели се поврзуваше со својот поранешен клуб, Реал Мадрид.

Медиумите во Шпанија и Англија објавија дека Рамос е во контакт со Њукасл и дека се водат сериозни преговори и дека има големи шанси искусниот Шпанец да се пресели на „Сент Џејмс Парк“.

Њукасл не ги пружа очекуваните партии оваа сезона, а „страчките“ синоќа повторно ги разочараа своите навивачи бидејќи загубија на домашен терен од Вест Хем (0-2) во натпреварот од 12. коло на Премиершип.

Се пишува дека Њукасл е подготвен да му понуди на Рамос договор до летото 2026 година и дека Шпанецот веќе дал знак дека ќе го прифати бидејќи не сака да го одбие предизвикот да дојде во Премиерлигата.


Белингем е играч на сезоната 2023/24 во Примера

Белингем прогласен за најдобар играч минатата сезона во Примера од страна на Здружението на фудбалери на Шпанија.

Фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем е прогласен за најдобар играч во Ла Лига според Здружението на фудбалери на Шпанија (АФЕ).

Во претходното издание на шпанското фудбалско првенство, англискиот фудбалер одигра 28 натпревари на кои постигна 19 голови и шест асистенции.

За Белингем сезоната 2023/24 беше дебитантска во Ла Лига.

Со Реал, Белингем го освои Шпанското првенство, Лигата на шампионите, Суперкупот на Шпанија, УЕФА Суперкупот.

Пред да направи трансфер во Реал, Белингем играше за Борусија Дортмунд и Бирмингем сити.


Салах: Уште немам понуда за нов договор од Ливерпул

„Декември е на прагот, а сè уште не сум добил понуда да останам во Ливерпул“, разочарано изјави денеска најдобриот играч на премиерлигашот, 32-годишниот египетски фудбалер Мохамед Салах.

Во тековната сезона Салах одигра 18 натпревари за Ливерпул, постигна 12 голови и десет пати асистираше. Најмногу благодарение на него, Ливерпул во моментов е убедливо прв во англиската Премиер лига со осум бодови повеќе од вториот Манчестер Сити.

„Долги години сум во Ливерпул и не постои друг таков клуб во светот. Но, разочаран сум од односот кон мене и во овој момент сум поблиску до заминување отколку да останам на Енфилд“, изјави Салах.

Египетскиот репрезентативец има важечки договор со Ливерпул до крајот на оваа сезона.

„Фокусиран сум на сезоната. Сакам да освојам сè уште што е можно со Ливерпул, од Премиер лигата до Лигата на шампионите. Јас сум професионалец. Секогаш ќе давам сè уште од себе. Го сакам клубот, ги сакам овие навивачи, како што тие ме сакаат мене. Сепак, ниту тие, ниту јас одлучуваме дали ќе останам или не, додаде Салах кој дојде во Ливерпул во 2017 година и оттогаш има постигнато вкупно 223 голови со 99 асистенции за овој клуб.


Чаби Алонсо има само тринаесет фудбалери за дуелот со Салцбург

Баер Леверкузен има голем проблем со отсутни фудбалери пред утрешниот натпревар од 5. коло во Лигата на шампиони против австриски Салцбург за кој тренерот Чаби Алонсо на располагање има само 13 играчи.

Последниот играч кој отпадна поради повреда е францускиот напаѓач Мартин Териер. Напаѓачите Јонас Хофман и Виктор Бонифас, крилниот напаѓач Амине Адли и дефанзивците Норди Мукиеле и Жануел Белосијан се надвор од терените од претходно.

„Доколку сакаме да имаме шанса да влеземе меѓу осумте најдобри, следните два натпревари на домашен терен се клучни. Знаеме колку се важни претстојните натпревари против Салцбург и Интер. Салцбург игра со многу интензитет и динамика. Сакаме да освоиме важни бодови во БајАрена“, изјави Алонсо.

Германските медиуми пренесуваат дека Алонсо речиси и да нема алтернативи во нападот и одбраната, а кон тимот се приклучи и 16-годишниот Бен Хавигхорст.

„Доколку спортскиот директор ми даде договор како играч, можеби и јас би можел да играм“, рече Алонсо низ насмевка. „Сепак, имам договор само како тренер, така што не смеам да играм“.


Касемиро ја отфрли можноста да се врати во Реал

Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Касемиро одбил да се врати во Реал Мадрид, пренесуваат денеска шпанските медиуми.

Според информациите, Бразилецот својот период во мадридскиот клуб го смета за затворена страница.

Претходно беше објавено дека Реал сакал да го врати 32-годишниот фудбалер во услови на голем број повредени играчи.

Касемиро играше за Реал Мадрид од 2013 до 2022 година пред да се пресели во Манчестер Јунајтед.

Оваа сезона, играчот од средниот ред одигра 16 натпревари на кои постигна 3 голови. Актуелниот договор со англискиот клуб му истекува на лето 2026 година./


Миовски во тимот на колото во шпанскиот шампионат

Бојан Миовски и Брајан Хил, во саботата го униптија Еспањол во малото каталонско дерби. Џирона го победи Еспањол со 4-1. Головите тимот од „Монтоливи“ ги постигна во интервал од четвртата до 27.минута.

Серијата против Еспањол ја отвори Хил по додавањето кое го доби од Миовски. Потоа Хил два пати му асистираше на Миовски во 16. и 22.минута. Македонецот ги постигна првите голови за Џирона во Примера, откако летово за осум милиони евра пристигна од Абердин.

Точка на натпреварот стави Чехот Крејчи. И за него ова беше деби гол во дресот на Џирона.

Миовски за својот прформанс против Еспањол доби оценка 8,91. Подобро оценет од него беше само Брајан Хил (9,10).

Во идеалниот тим на 14.коло, покрај Миовски и Крејчи се најдоа уште двајца играчи на Џирона: Ва де Бек и Крејчи.


Винициус се повреди со Леганес, го чека пауза од три недели

Реал Мадрид денес соопшти дека е повреден напаѓачот на тимот Винисиус Жуниор.

-По тестовите извршени од медицинските служби на Реал Мадрид, на Винисиус му беше дијагностицирана повреда на бутен мускул на левата нога, се вели во соопштението на „Кралскиот клуб“.

Според пишувањата на медиумите, фудбалерот ќе пропушти три недели. Така, 24-годишниот фудбалер нема да може да игра на 27 ноември против Ливерпул во Лигата на шампионите.

Вчера Реал го победи Леганес (3:0) на гостински терен во 14. коло од Ла Лига. Винисиус го одигра целиот натпревар и беше творец на една асистенција.


Едерсон од Аталанта е првата зимска желба на Аморим на „Олд Трафорд“

Фудбалерот од средниот ред на Аталанта, Едерсон, се наоѓа на радарот на Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ се насочија кон Бразилецот и сериозно размислуваат да испратат понуда во јануари.

25-годишниот играч има договор со Аталанта до 2027 година. Едерсон дојде во Бергамо од Салернитана во 2022 година за 23 милиони евра.

Тој досега има 108 настапи, 10 гола и 3 асистенции за италијанскиот клуб.


Мерко ги избра најталентираните девојки за У19 квалификациите

Младата женска репрезентација на Македонија до 19 години во периодот од 27 ноември до 3 декември ќе учествува на квалификацискиот турнир што ќе се одржи во Португалија. Нашата млада селекција се наоѓа во А лигата (2 рунда), каде за противници ќе ги има селекциите на Франција, Португалија и Словачка.

Селекторот на женската репрезентација на Македонија до 19 години, Астрит Мерко за претстојните предизвици од квалификациите, се одлучи да ги повика следните фудбалерки:

Голмани:
Ведрана Комненова (Скопје)
Белма Казимоска (Ас Јунајтед)

Одбрана:
Михаела Додевска (Скопје)
Васка Василева (Каменица Саса)
Кристина Крстева (Скопје)
Слаѓана Ѓорѓиева (Тиверија Брера)
Ива Јованоска (Љуботен)
Ангела Димчова (Тиверија Брера)
Стефанија Веселинова (Каменица Саса)
Емилиа Блажевска

Среден ред:
Сара Дика Ас Јунајтед)
Тамара Лазеска (Ас Јунајтед)
Ива Јосифова (Тиверија Брера)
Јехона Велиу
Зиза Аломеровиќ

Напад:
Ева Андонова (Каменица Саса)
Јована Павловска (Ас Јунајтед)
Елена Симјанова (Љуботен)
Емили Митковска (Речица)
Анастасија Илиевска (Топ Гол)

Првиот меч од квалификацискиот турнир го играме против Франција на 27 ноември. Во второто коло не очекува натпревар против домаќинот, репрезентацијата на Португалија. Овој дуел на програмата е на 30 декември. Во последното коло, играме против Словачка, на 3 декември.