фудбал

Сериозна повреда за македонскиот интернационалец Ердон Даци

Македонскиот репрезентативец, Ердон Даци, ги скинал предните вкрстени лигаменти и ќе мора да паузира подолг период, објави денеска фудбалскиот состав Вестерло.

Тоа значи дека Даци ќе мора да оди на подолг процес на рехабилитација и нема да може да настапува за тимот од Белгија и нашата селекција најмалку до крајот на годинава.

Повредата на Даци е една од најтешките што може да ја добијат спортистите.


Маркос Алонсо се сели во Барселона

Како што пренесуваат медиумите во Шпанија, фудбалскиот клуб Барселона постигна договор со Челзи за доведување на левиот бек Маркос Алонсо.

Барселона како обештетување за 31-годишниот дефанзивец ќе плати осум милиони евра и најверојатно ќе потпише тригодишен договор.

Барселона ова лето доведе голем број одлични засилувања со што ќе биде сериозен кандидат за освојување на титули во Примера и Лигата на шампионите.


Муслиу блиску до трансфер во Сент Паули

Македонскиот фудбалски репрезентативец Висар Муслиу најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Сент Паули кој настапува во втората Бундеслига.

Ако Сент Паули не се договори за целосен откуп на Муслиу тогаш клубот ќе се обиде да го доведе фудбалерот како позајмен играч од Инголштад со опција за откуп на крајот од сезоната. 

Досегашниот клуб на Муслиу, Инголштад, не успеа да избори опстанок во втората Бундеслига, па за очекување е прифаќање на понудата од Сент Паули.


Гинзало Гедеш ја напушта Валенсија и се сели во Англија

Валенсија ќе се раздели со својот најдобар играч Гонзало Гедеш. Лично, главниот тренер на „лилјаците“ Џенаро Гатузо призна дека претстојниот трансфер е причината поради која Португалецот не учествуваше во синоќешната контрола со Аталанта, добиена со 2-1.

„Од управата ми кажаа дека добиле ексклузивна понуда од клуб во Англија“, изјави Гатузо.

Според медиумите во Шпанија се работи за Вулверхемптон. „Волците“ за Гедеш ќе платат 30 милиони евра, а уште 5 милиони можат да влезат во касата на „Местаља“ како бонуси.

Гонзало Гедеш минатата сезона одигра 42 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 13 гола и 6 асистенции. Валенсија се надеваше дека ќе потпише нов договор, но Португалецот одби и кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата.

Против Аталанта, Уго Дуро ги постигна двата гола за „Лос Че“. Силна партија кај домаќините имаа и Карлос Солер и Самуел Лино. Едерсон погоди за Аталанта.


Нето позираше во дресот на Борнмаут

Борнмаут официјално го ангажираше резервниот голман на Барселона, Нето. 33-годишниот Бразилец пристигнува на „Виталити“ како слободен играч. Тој потпиша 12-месечен договор со „Црешите“ и станува четвртото ново засилување на клубот ова лето, по Џо Ротвел, Рајан Фредерикс и Маркус Таверние. Доминик Соланке и Луис Кук неодамна потпишаа нови договори.

Нето има еден натпревар за репрезентацијата на Бразил. Со тимот на Барселона запиша 12 натпревари во три сезони. Нето во својата богата кариера настапуваше за Фиорентина, Јувентус со кој двапати освои дабл и Валенсија.

„Да можеш да донесеш играч од калибарот на Нето е многу убаво. Ова е вистински удар за клубот и ние сме воодушевени што тој избра да ни се приклучи. Тој има огромно искуство на највисоко ниво на играта, па сигурен сум дека ќе биде огромна предност за нас“, изјави извршниот директор Нил Блејк.


РБ Лајпциг го враќа Вернер по две сезони!?

Фудбалерот, Тимо Вернер, ќе се врати во РБ Лајпциг откако луѓето од Челзи се согласиле да се финишираат преговорите.

Напаѓачот ќе се врати во тимот од Германија по само две сезони откако беше купен од лондончани за 53 милиони евра. Вернер за „сините“ одигра 89 дуели со ефект од 23 гола и 21 асистенција.

Во дресот на РБ Лајпциг има поминато четири сезони со 159 натпревари во кои постигна 95 голови и направи 40 асистенции.


Севиља го официјализираше трансферот на Иско

Поранешниот играч за врска на Реал Мадрид, Иско ќе игра во Севиља во следните две сезони. Самиот клуб потврди дека постигнал договор со шпанскиот репрезентативец, останува само тој да ги помине медицинските прегледи во понеделник. Откако тоа ќе се случи, Иско ќе го потпише својот двегодишен договор.

30-годишниот Андалузиец пристигнува на „Рамон Санчез Писхуан“ како слободен играч откако на 30 јуни му истече договорот со Реал Мадрид. Главната причина поради која ја избрал понудата на Севиља е Хулен Лопетеги, кој долго време го посакува во својот тим. Од суштинско значење е и учеството на тимот во Лигата на шампионите. Самиот Иско ги намали финансиските барања за да го олесни процесот.

Иско помина девет сезони во Реал, освојувајќи се што е можно. Во последните години, пак, тој играше се поретко, а во текот на изминатата запиша само 407 минути на теренот за „белите“.


Арнаутовиќ сака да ја напушти Болоња

Напаѓачот на Болоња Марко Арнаутовиќ наводно побарал од клубот дозвола за заминување бидејќи очекува нова понуда од Манчестер Јунајтед.

Манчестер Јунајтед е заинтересиран за ангажирање на 33-годишниот австриски фудбалер бидејќи сака појачување во нападот, па Арнаутовиќ побарал од клубот да биде ставен на трансфер листа, но челниците на клубот не се согласни.

Понудата од Јунајтед до Болоња изнесува околу 8 милиони евра, а на Арнаутовиќ му се нуди тригодишен договор со плата од три милиони евра по сезона.


Кавани најблиску до Валенсија

Иако во последниот период имаше бројни шпекулации дека уругвајскиот напаѓач Едисон Кавани се договорил со Бока Јуниорс, се чини дека од тој трансфер нема ништо.

Според последните информации од шпанските медиуми, Кавани изразил желба да настапува во Ла Лига, а клуб кој е најблиску до неговиот потпис е Валенсија.

Кавани во Валенсија ќе пристигне како слободен играч откако летово му истече договорот со Манчестер Јунајтед.


Ерик Баји наместо во Рома заминува во Севиља

Иако претходните денови дефанзивецот на Манчестер Јунајтед Ерик Баји се поврзуваше со трансфер во Рома, тој најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во Севиља.

Севиља сака да ја појача одбраната откако тимот го напуштија Жил Кунде и Диего Карлос. Баји е играч на Манчестер Јунајтед од 2017 година каде пристигна од Виљареал за 40 милиони евра. Тој се очекува да биде големо засилување за Севиља со оглед на своето претходно искуство во Ла Лига.