фудбал

Реал бара излез од кризата со враќање на Касемиро

Реал Мадрид би можел да направи прилично изненадувачки потег на трансфер пазарот и да го врати Касемиро од Манчестер Јунајтед во јануари, тврди Тривела.

Од „Сантијаго Бернабеу“ забележаа дека заминувањето на Тони Крос оставило сериозна дупка во средниот ред и затоа веруваат дека Каземиро може да помогне во оваа ситуација. Бразилецот може да има важна улога и на теренот и во соблекувалната на Реал Мадрид.

32-годишниот фудбалер има договор со Манчестер Јунајтед до 2026 година, но не е задоволен од својот статус во тимот, а и „црвените ѓаволи“ се спремни да го пуштат.

Каземиро најголемиот дел од својата кариера го помина во Реал Мадрид, каде што играше од 2015дои 2022 година. За „кралевите “ има 336 натпревари, 31 гол и 29 асистенции.


Тимошчук ја истера правдата и си ги врати освоените титули

Поранешниот украински фудбалер, а сега тренер Анатолиј Тимошчук е еден од најнепопуларните ликови во својата татковина од почетокот на воениот конфликт меѓу Украина и Русија.

Од една едноставна причина, тој остана во Зенит од Санкт Петербург, каде работи како помошник тренер.

Критиките против него се практично секојдневни, а можеби најдалеку отиде поранешниот фудбалер Олександар Алиев.

„Ти си руско куче. Се продаде за пари. Запомни дека твоите родители живеат овде. Ти си идиот и си мртов за нас. Запомни го тоа засекогаш“, му порача Алиев во една прилика на Тимошчук.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски го стави Тимошчук на „списокот на предавници“. Тој стана еден од 34-те украински спортисти на кои им беа одземени сите државни награди и титули.

Но, за разлика од повеќето кои не реагираа на овој потег на државниот врв, Тимошчук поднесе жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана. И го доби спорот.

Судот за спортска арбитража ја прифати жалбата на Тимошчук и со тоа ги поништи одлуките на Фудбалската федерација на Украина и претседателот на Украина, со кои на Тимошчук му беа одземени титулите.

Тимошчук во својата кариера настапуваше за Волин Луцк, Шахтјор Доњецк, Зенит, Баерн, потоа повторно Зенит и на крајот за Каират. За репрезентацијата на Украина одигра 144 натпревари. Во Зенит како помошен тренер работи од 2017 година.


Аргентински Расинг првпат ја освои Копа Судамерикана

Аргентинскиот клуб Расинг е шампион на Копа Судамерикана (пандан на Лига Европа) за 2024 година. Оваа екипа ја освои првата титула во ова натпреварување со победата над Крузеиро во финалето одиграно во парагвајската престолнина Асунсион со 3-1.

Расинг подобро го отвори натпреварот. Веќе во седмата минута Гастон Мартирена му донесе водство на Расинг, но тој гол беше поништен по интервенцијата на ВАР.

Осум минути подоцна, Мартирена повторно ја погоди мрежата, овојпат голот беше регуларен и Расинг поведе.

Веќе во 20. минута беше 2-0 за Расинг по голот на Адријан Мартинез.

Напаѓачот на аргентинскиот клуб ја затресе мрежата по нафрлената топка која му ја испрати Максимилијано Салас.

Оттогаш Крузеиро повеќе се закануваше, но иницијативата ја круниса само со еден гол Во 52. минута Каихо Хорхе ја намали негативата.

Се водеше речиси рамноправна борба до финишот, а во петтата минута од судиското надополнување Расинг ги казни очајните обиди на ривалите да израмнат и го реши прашањето околу победникот.

Голот за големото славје во клупската историја го постигна Колумбиецот Роџер Мартинез на асистенција на Хуан Нардони.


Гвардиола: Нема баланс во играта, се мачиме на теренот

Тотенхем во Манчестер го декласира Сити со 4-0 и ја продолжи агонијата во која се наоѓа тимот на пеп Гвардиола. Ова е најдолга низа на порази на актуелен шампион во Англија уште од 1956 година, ког Челси исто така имаше пет порази по ред. Оваа серија порази е најдолга во кариерата на за многумина најдобриот тренер во моментов, Гвардиола.

„Ние сме во таков момент, немаме баланс. Има неколку причини зошто не сме во состојба да бидеме константни во нашата игра. Имаше и играчи кои доцна се вратија, некои не се доволно закрепнати од повредите, имаше многу пропусти. И, не можам, а да не очекувам нашите ривали да не создаваат шанси. Почнавме многу добро, имавме шанси, а потоа тие поведоа од првата шанса…“, изјави Гвардиола.

Фудбалерите на Сити не можеа ниту физички да се носат со ривалот.

„Не успеавме да ги издржиме дуелите како обично, се мачиме но сезоната е долга. Се може да се случи. Гостување во Ливерпул? Прво ја имаме Лигата на шампионите против Феенорд, не знам што ќе се случи на „Енфилд“ Ситуацијата е нова за нас, нашата игра постои, но се мачиме да постигнеме гол“, рече Шпанецот.


Празно реми на италијанското дерби на „Сан Сиро“

Без победник и без голови заврши 242. соочување на Милан и Јувентус. Великаните на италијанскиот фудбал, пред 80.000 гледачи на „Сан Сиро“ одиграа натпревар под сите стандарди.

Милан и Јувентус во дербито се појавија со јасна цел и план, да не загубат. Така на теренот ги поставија своите фудбалери Поло Фонсека и Тијаго Мота. Тренерите одиграа партија шах на теренот, буквално секој играч имаше јасна задача на теренот, поради што гледачите не видоа апсолутно ништо.

Јувентус го освои 25.бод во Серија А, колку што имаат со натпревар помалку Фиорентина, Аталанта и Лацио, бод повеќе има Наполи, а три бода повеќе Интер. Милан е седми со 19 бодови.


Барса прокоцка победа во Виго, Селта со два гола во финишот откина бод

Фудбалерите на Селта и Барселона одиграа нерешено (2-2), во последниот дуел од саботната програма од 14.коло на Ла Лига.

Се чинеше дека Бареселона има се во свои раце, до последните десет минути од натпреварот.

Возбудлива завршница започна по вториот жолт картон за Марк Касадо во 82. минута.

Две минути подоцна, Алфонсо Гонзалес ја искористи катастрофалната реакција на Жил Кунде и го намали резултатот, а две минути подоцна Хуго Алварез успеа да го совлада Игнасио Пења, за голема радост на „Балаидос“.

Можеше Селат да дојде до спектакуларен пресврт, но атрактвниот обид на Борха Иглесиас во 93. минута го одбрани Ињаки Пења.

Барселона во претходните години често имаше проблеми во Виго. Не делуваше дека таке ќе биде и на овој натпревар. Барселона беше подобриот тим на теренот и имаше предност од два гола.

Рафиња погоди во 15, а Роберт Левандовски во 61 минута.

Барса останува лидер со 34 бодови, додека Селта е единаесетта со 18 бодови.


Флик: Не се гледам себеси во ист клуб десет години

Барселона и нејзиниот тренер Ханси Флик се вистински европски хит оваа есен. Германскиот тренер „кликна“ со тимот од првиот момент кога пристигна во Барселона. Сепак, Флик не сака да крева еуфорија, сака да остане со двете нозе на земја.

На прашањето дали може да се замисли во Барселона во следните 10 години, Флик даде интересен одговор.

„Да останам во еден клуб 10 години? Мислам дека не можам да останам на едно место толку долго. Имам четири внуци и тие го заслужуваат моето време пред да наполнам 70 години. Ќе видиме“, изјави Флик.

Во моментов Барселона е лидер во Шпанија и се наоѓа во добра позиција во Лигата на шампионите.


Интер со пет гола во едно полувреме ја освои Верона

Интер ја декласира Верона на стадионот „Бентегоди“ со 0-5, во 13.коло во Серија А.

Сите пет гола гостите од Милано ги постигнаа во периодот од 17. до 41. минута.

Аргентинецот Хоакин Кореа го постигна водечкиот гол, а потоа додаде уште две асистенции, за двојниот стрелец Маркус Тирам во 22. и 25. минута.

Последните два гола ги постигнаа играчите од одбраната Стефан де Фрај и Јан Аурел Бизек.

Со овие три бода, шампионот на Италија го престигна лидерот Наполи и сега е на чело на табелата со 28 бодови, два повеќе од избраниците на Антонио Конте, кои својот натпревар од 13. коло го играат в недела против Рома.


Два гола на Миовски во победата на Џирона против Еспањол

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски блеска во малото каталонско дерби. На половина од првото полувреме, Џирона води против Еспањол со 3-0.

Тандемот Брајан Хил-Бојан Миовски го уништи Еспањол за само 22 минути.

Македонскиот репрезентативец му асиситраше на Хил во четвртата минута за првиот гол. Потоа Хил му се реваншира со две асистенции во 16. и 22. минута.

Ова се првите голови за Миовски во Примера, откако летово пристигна во Џирона од Абердин во трансфер вреден осум милиони евра.

Пред репрезентативната пауза Миовски постигна два гола за Џирона против Екстрамадура во Купот на Кралот.


Голем проблем за Хенес: Ел Билал Туре сериозно се повреди

Штутгарт неколку месеци ќе биде без својот напаѓач Ел Билал Туре, откако фудбалерот заработи фрактура на ногата, соопшти бундеслигашот.

Туре тешката повреда ја доживеа додека играше за репрезентацијата на Мали во текот на неделата и треба да биде опериран. Туре дојде во Штутгарт на позајмица пред оваа сезона од италијанска Аталанта. Тој го постигна победничкиот гол против Јувентус (1-0) во Лигата на шампионите.

Штутгарт во петокот објави дека тимот ќе остане и без напаѓачот Денис Ундав во наредните недели откако тој заработи повреда на мускулот на тренинг.