фудбал

Аморим го сака Камавинга во зимскиот преоден рок

Португалскиот тренер Рубен Аморим, кој неодамна седна на кормилото на Манчестер јунајтед, веднаш почна да прави планови за изгледот на тимот кој го наследи. Аморим сака неколку засилувања во следниот период, а наводно веќе договорил еден фудбалер од Реал Мадрид.

Англиските медиуми пишуваат дека „црвените ѓаволи“ почнале преговори со Едуардо Камавинга, кој бил расположен да се пресели на „Олд Трафорд“. Вредноста на Камавинга е околу 100 милиони евра.


Барела е сонот на „кралевите“ за замена за Модриќ

Легендарниот играч за врска на Реал Мадрид, Лука Модриќ би можел да го напушти клубот следното лето. На Хрватот му истекува договорот, кој според различни проценки, тешко дека страните ќе го обноват. Мадрид ќе излезе на трансфер пазарот на лето за да ја најде неговата замена.

Според изворот, најверојатен кандидат за заменик на Модриќ е ѕвездата на Интер, Никола Барела. Интер сака да добие 80 милиони евра за Барела, но претседателот на клубот Флорентино Перез е убеден дека миланезите можат да бидат убедени да се согласат на трансферот за 60 милиони евра.


Барса го „врзува“ Ламин Јамал, клаузулата зголемена на милијарда евра

Барса ја планира својата иднина, а во сите комбинации е Ламин Јамал. Договорот со 17-годишниот шпански репрезентативец, Ламин Јамал, ќе биде продолжен на шест години кога тој ќе наполни 18 години.

Напаѓачот на Барселона Ламин Јамал е блиску до потпишување на нов договор со клубот, пренесе „Барса Универзал“.

Според изворот, договорот со 17-годишниот шпански репрезентативец ќе биде продолжен на 6 години кога тој ќе наполни 18 години.

Оваа сезона Јамал одигра 16 натпревари за Барселона, постигнувајќи 6 гола и 8 асистенции.

Актуелниот договор со Каталонците е до летото 2026 година. Порталот „Трансфермаркт“ ја проценува вредноста на играчот на 150 милиони евра.


Меси се предомисли: Сака да се врати и да продолжи да живее во Барселона

Лионел Меси во моментов игра за Интер Мајами, нејасно е дали овој клуб ќе биде последен во неговата кариера, но јасно е дека нема да остане да живее во САД.

Аргентинецот вели дека тој и неговото семејство се носталгични кон Барселона и планираат да се вратат во овој град.

„Планирам да се вратам со сопругата и децата во Барселона и таму да живееме. На сите ни недостига Барселона. Моите деца сакаат да живеат во Каталонија. Тоа место го чувствувам како мој дом“, кажа Меси.


Роналдо пак стрелец, но Ал-Наср загуби од Ал-Кадсија

Фудбалерите на Ал-Наср на свој терен беа поразени од Ал-Кадсија со 2-1, што воедно е прв пораз за нив сезонава. Стрелец за домашниот тим беше Кристијано Роналдо во 32. Минута со што ја продолжи серијата погодоци во својата кариера, итајќи кон една нереална бројка, рекордот на сите рекорди – 1.000 голови во кариерата.

Ова беше негов 911-ти гол на официјален натпревар, сметајќи ги настапите за клубовите и националниот тим.Годинава во дресот на Ал Наср, Португалецот има седум гола.


Маскерано пред промоција во Интер Мајами

Хавиер Маскерано ќе биде новиот тренер на Интер Мајами. Американскиот клуб веќе ги подготвува документите и Аргентинецот ќе потпише долгорочен договор, пренесува новинарот Цезар Луис Мерло.

Маскерано ќе ја напушти функцијата селектор на репрезентацијата на Аргентина до 20 години за да работи со Лионел Меси.

Херардо Мартино пред два дена ја напушти функцијата во Интер поради лични причини.

Маскерано и Меси играа заедно за Барселона и репрезентацијата на Аргентина. Други поранешни играчи на Барселона, Луис Суарез, Серхио Бускетс и Жорди Алба, исто така, играат за клубот од МЛС лигата.


Пеп: Ќе останам во Сити и ако отпадне во Чемпионшип

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, одговори на прашањето дали ќе остане во клубот доколку тимот биде исфрлен од англиската Премиер лига поради прекршување на финансиските правила.

„Ќе останам овде. Доколку е потребно следната година веднаш ќе се издигнеме и ќе се вратиме во англиската Премиер лига“, изјави Гвардиола, во интервју на социјалната мрежа X.

Во февруари минатата година, Премиер лигата го обвини Манчестер Сити за 115 различни прекршувања на финансиските правила помеѓу 2009 и 2018 година. Расправата за овој случај започна во септември.

Претходно беше соопштено дека одлуката за овој случај треба да се донесе следната пролет. Пеп Гвардиола синоќа потпиша нов двегодишен договор со Манчестер Сити.


Рамос ја залечи повредата, Португалец спремен да заигра за ПСЖ

Гонсало Рамош е блиску до враќање на теренот по повредата која подолг период го оддалечи од теренот, изјави тренерот на францускиот шампион, ПСЖ, Луис Енрике.

Шпанскиот стручњак се соочува со проблеми во составот кои треба да ги реши по завршувањето на репрезентативната пауза, пред гостувањето против Тулуз во натпревар од Лига 1.

Рамош заработи повреда на глуждот на самиот почеток од сезоната, а се очекува португалскиот репрезентативец повторно целосно да тренира со своите соиграчи на 25 ноември.

„Ова е за неколку дена, така што ова е последната фаза од неговото опоравување. Што се однесува до тоа кога ќе биде на располагање за тимот, сè уште не знаеме. Ќе видиме за време на тренинзите, тој напредува одлично и е добро подготвен“, изјави Енрике пред медиумите.

Многу играчи на Пари Сен Жермен се враќаат од настапите за репрезентациите, а Шпанецот треба да размислува за ротации во тимот пред дуелите во Лигата на шампионите.


Ковачиќ се повреди со репрезентацијата, го чека пауза од еден месец

Манчестер Сити во наредните неколку недели, а можеби и еден месец, ќе мора да игра без помошта на хрватскиот играч од средниот ред Матео Ковачиќ. Повредата на Ковачиќ ја потврди менаџерот на тимот, Пеп Гвардиола, на прес-конференција, истакнувајќи дека ќе мора да се справат без него „извесно време“.

Ковачиќ го повреди бутниот мускул за време на настапот за Хрватска против Португалија во Лигата на нации.

Актуелните шампиони на Англија ги очекуваат серија тешки натпревари во споменатиот период. Сè започнува со утрешниот дуел во Премиер – лигата против Тотенхем, а до 22 декември Сити ќе се соочи и со екипи како Ливерпул, Астон Вила и Манчестер Јунајтед. Покрај тоа, тимот ќе игра и клучни натпревари во Лигата на шампионите.


Бен Вајт се повреди, Артета без дефанзивецот шест недели

Тренерот на Арсенал, Микел Артета потврди дека дефанзивецот Бен Вајт ќе биде надвор од терените најмалку шест недели. Шпанскиот стручњак призна дека англискиот дефанзивец е опериран, па затоа нема да може да игра.

„Бен имаше различни проблеми. Не се подобруваше во последните неколку недели и стигнавме до точка каде што моравме да го заштитиме играчот и затоа решивме да ја направиме оваа операција. Тој се согласи и тоа ќе го остави надвор од терените на неколку месеци. Ќе треба да видиме како ќе биде по операцијата. Но очекувам да биде надвор од теренот најмалку до после нова година, но сеуште не можам да кажам точно колку“ рече Артета.