фудбал

Манчестер Јунајтед заинтересиран за Словенецот Шешко

Манчестер Јунајтед планира засилување во нападот на тимот, и како што јавуваат медиумите во Англија, тренерот Тен Хаг испратил претставници кои се сретнаа со менаџерот на словенечкиот напаѓач од Салцбург, Бенјамин Шешко.

Покрај Манчесер Јунајтед, свој интерес за 19-годишниот фудбалер интерес покажуваат и екипите на Челзи и Њукасл, но според информациите најголема предност за потпис со 195 сантиметри високиот голгетер има тимот од Олд Трафорд. Цената која се споменува за ангажман на Шешко се движи повеќе од 20 милиони евра.


Рики Пуч ја замени Барселона со ЛА Галакси

Барселона и Лос Анџелес Галакси постигнаа договор за трансферот на 22-годишниот играч за врска на шпанскиот тим Рики Пуч. Играчот од средниот ред ќе потпише тригодишен договор со новиот клуб.

Ова го објави новинарот Фабрицио Романо на Твитер. Според изворот, страните се уште не ги потпишале документите, но веќе се договориле за се што е потребно.

Пуч е во Барселона од 2014 година. За првиот тим на Барселона на 56 натпревари постигна два гола и реализираше три асистенции. Договорот со Барселона му истекува следното лето.


УЕФА ќе тестира полуавтоматски офсајд на Суперкупот во Хелсинки

УЕФА потврди дека технологијата за полуавтоматски офсајд ќе се користи на мечот Реал Мадрид  –  Ајнтрахт од Суперкупот кој ќе биде одигран во Хелсинки на 10 август.

Системот ќе се користи и во новата сезона во групната фаза од Лигата на шампионите. Новата технологија е тестирана речиси две години.

„УЕФА постојано бара нови технолошки решенија за да ја подобри играта и да ја помогне работата на судиите. Иновативниот систем овозможува на судиите во „ВАР“ собата брзо и прецизно да ги одредуваатситуациите“, вели шефот на судиите на УЕФА, Роберто Росети.


Михаел Румениге: Де Лихт и Мане не се светска класа

Братот на поранешниот тренер на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, Михаел Румениге, летово ја критикуваше селекцијата на клубот.

Додека Баварците доведоа играчи како Садио Мане и Матијс де Лихт, тој не е импресиониран бидејќи смета дека тие не се светска класа.

„Зошто Хасан Салихамиџиќ и другите добиваат толку многу пофалби во последно време за нивните летни трансфери? Искрено не можам да се придружам на аплаузот. Со сета почит кон Садио Мане и Матијс де Лихт, мислам дека ниту еден од нив не е фудбалер од светска класа. Се разбира, Мане ќе се претстави силно во Бундеслигата и веројатно ќе постигне многу голови. Но, тој веќе има 30 години и мислам дека не е во врвот на својата кариера“, изјави Румениге.


Тен Хаг се откажува со трансфер на Ентони

Манчестер Јунајтед се откажа од намерата да го ангажира крилото на Ајакс, Ентони.

Причина за тоа е превисоката трансферна сума која холандскиот клуб му ја одреди на Бразилецот. Пред неколку дена излезе информација дека Ајакс дури и ја зголемил цената на Ентони за кого веќе бараат 100 милиони евра.

Така, клубот, кој не е под притисок да продаде уште една ѕвезда во тековниот преоден рок, се обидува да ги одврати аспирациите на Ерик Тен Хаг за еден од неговите поранешни играчи.

Јунајтед веќе се насочува кон други играчи за да го засили нападот, а интересот за Ентони може да се обнови само доколку Бразилецот поднесе барање за трансфер и тоа драстично ја промени ситуацијата околу него. Инаку, Ентони има договор со Ајакс на уште три сезони.


Гасперини го блокира трансферот на Миранчук во Торино

Офанзивниот фудбалер за врска, Алексеј Миранчук ,ќе остане во Аталанта на инсистирање на главниот тренер, Џан Пјеро Гасперини.

Иако Торино се обиде летово да го купи искусниот играч, тренерот на екипата од Бергамо го стопирал трансферот. 26-годишниот  Русинот во септември во 2020 година го напушти тимот на Локомотив Москва и се пресели на „Чизмата“.

Репрезентативецот на „Зборнаја“ одигра 56 натпревари за италиајнскиот состав со ефект од девет голови и седум асистенции.


Каспер Шмајхел е нов голман на Ница

Данскиот голман Каспер Шмајхел е нов член на фудбалскиот клуб Ница, соопштуваат од францускиот клуб.

Шмајхел претходните 11 години настапуваше за екипата на премиерлигашот Лестер, а во кариерата меѓу другите бранеше за Манчестер Сити и Лидс.

Со екипата на Лестер во сезоната 2015/16 ја освои Премиер лигата, а за тој клуб имаше преку 500 настапи.


Алекс Телеш се сели од Манчестер Јунајтед во Севиља

Севиља и Манчестер Јунајтед постигнаа договор за трансфер на Алекс Телеш во шпанскиот клуб на позајмица за една сезона, објави новинарот Фабрицио Романо.

До неодамна не беше јасно дали во договорот ќе има откупна клаузула, а според информациите – нема.

Ова значи дека, доколку не се промени нешто меѓувреме, 29-годишниот Бразилец ќе ја помине сезоната 2022/23 во Севиља, а потоа ќе се врати на „Олд Трафорд“.

Манчестер Јунајтед пред две години го зеде од Порто за 15 милиони евра.


Навредите кон Лацио го чинеа Заниоло парична казна

Фудбалерот од средниот ред на Рома, Николо Заниоло е казнет поради навреди кон Лацио.

За време на славеничката парада во чест на освојувањето на Конференциската лига, фудбалерот со мегафон во рака од покривот на автобусот скандираше навреди кон градските ривали на „волците“.

Адвокатите на Рома не ги оспорија обвиненијата, туку се договорија. Така Заниоло и клубот ќе платат казна од по 4.000 евра. Парите ќе одат во хуманитарни цели.

Рома го победи Феенорд со 1-0 во финалето на Конференциската лига во мај. Стрелец на единствениот гол беше токму Заниоло.


Ериксен: Јунајтед ме сакаше и порано, разговарав со секој нивни менаџер по Фергусон

Данскиот играч од средниот ред, Кристијан Ериксен разговарал со „секој“ менаџер на Манчестер Јунајтед од Алекс Фергусон и за време на неговиот престој во Тотенхем, пред конечно да слета на „Олд Трафорд“ на слободен трансфер од Брентфорд ова лето.

Тој помина речиси седум години во „Спарс“ и забележа повеќе од 300 настапи за тимот, а во тој период Јунајтед беше раководен од Дејвид Мојс, Луис ван Гал, Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјаер.

Ериксен, кој го напушти Интер во 2020 година, минатата недела изјави дека визијата на Ерик Тен Хег го убедила да се приклучи на гигантот од Манчестер.

„Разговарав со секој менаџер на Јунајтед додека бев дел од Тотенхем. Но во тоа време не можев да се замислам себеси во друг англиски клуб. Едноставно не мислев дека е време за таква промена. Бев во Тотенхем толку долго време, а сакав да играм и во странство. Мојот престој во Интер беше навистина многу пријатен“, рече тој.

Ериксен додаде дека е подготвен да игра на која било позиција што ја сака Тен Хег и дека не би имал ништо против да биде на теренот покрај Бруно Фернандеш.