фудбал

Погба нема да го оперира повреденото колено

Италијанскиот клуб Јувентус соопштува дека Пол Погба нема да го оперира повреденото колено.

Францускиот играч кој ова лето пристигна во Торино после шестгодишен престој во Манчестер Јунајтед одлучи да не ја санира повредата на коленото по хируршки пат, за да не го загрози своето учество на Мундијалот во Катар.

Пол Погба се здоби со повреда за време на тренинг во предсезонските подготовки во Лос Анџелес, после што се чинеше дека ќе биде потребна операција, но после консултациите со лекари од Лион беше одлучено тој да биде подложен на конзервативна терапија во траење од пет недели.


Њукасл испрати нова понуда за Медисон

Англиските медиуми објавуваат дека фудбалскиот клуб Њукасл испрати втора понуда до Лестер за играчот Џејмс Медисон вредна околу 50 милиони фунти.

Претходно челниците на Лестер ја одбија првата понуда за 25 годишниот фудбалер од средината на теренот.

Медисон дресот на Лестер го носи од 2018 година, а според информациите тој би можел да добие дозвола за напуштање на клубот ако пристигне понуда од 60 милиони фунти.

Џејмс Медисон минатата сезона одигра 53 натпревари за Лестер и постигна 18 гола и запиша 12 асистенции.


Милан плати преку 30 милиони и го доведе Белгиецот Де Каталер

Италијанскиот првак Милан го објави потпишувањето на договориот со новото летно засилување, Чарл Де Кетелар од белгиски Бриж.

Играчот потпиша договор до 30 јуни 2027 година и во новата сезона ќе настапува со дресот со број 90.

Де Кателер е младинец на Бриж и своето деби за клубот го имаше во 2019 година. Оттогаш одигра 120 настапи и постигна 25 гола за еден од најголемите белгиски клубови, освојувајќи ја белгиската лига три пати, а двапати го освои и  Суперкупот.


Диого Жота ја продолжи соработката со Ливерпул

Вицешампионот на Англија и Европа фудбалскиот клуб Ливерпул, соопшти дека го продолжи договорот со португалскиот напаѓач Диого Жота до 2027 година.

Претходниот договор на 26 годишниот Жота со клубот од Енфилд беше со важност до 2025 година. Португалецот после објавата за продолжувањето порача дека е горд што и во иднина останува во Ливерпул.

„Одлуката беше едноставна за мене. Ова е еден од најголемите клубови на светот. Минатата година беше добра и за мене и за тимот. Тоа е доказ дека добро работевме и се надевам дека така ќе продолжиме“, вели Жота.


Сити и Фоден договорија долгорочна соработка

Манчестер Сити постигна договор со играчот од средниот ред Фил Фоден за нов договор, објави новинарот Мајк Киган.

Новиот договор на англискиот интернационалец ќе биде долгорочен, но се уште не е јасно за кој точен временски период ќе се работи.

„Ова се одлични вести за клубот во пресрет на новата сезона“, напиша Киган на својот официјален профил на Твитер.


Шпанецот Корберан нов тренер на Олимпијакос

Грчкиот прволигаш Олимпијакос објави денеска дека Шпанецот Карлос Корберан е нов тренер на местото на Португалецот Педро Мартинс.   

Корберан изминатите две сезони беше тренер на англискиот второлигаш Хадерсфилд, а претходно му беше помошник на Аргентинецот Марсело Биелса во Лидс. По освојувањето три шампионски титули и еден трофеј во грчкиот Куп, Мартинс неодамна го продолжи договорот со Олимпијакос на две години. Но, беше сменет по минатонеделниот понижувачки пораз од 0-4 од Макаби Хаифа во квалификациите во Лигата на шампиони. 

Олимпијакос е рекордер во Грција со освоени 48 шампионски и 28 куп титули.


Контроверзна изјава на сопственикот на Наполи: Доста ми е од африкански играчи

Сопственикот на фудбалскиот клуб Наполи, Аурелио де Лаурентис даде изјава во која вели дека во иднина нема да доведува африкански фудбалери во тимот, и дека беше будала што тоа го правеше во минато.

Фудбалерите од Африка секоја втора година изостануваат од тимовите за да настапуваат на Африканскиот куп на нации, а измината сезона Наполи во јануари и февруари остана без помошта на Кулибали, Осимен и Ангизе.

„Им реков на менаџерите повеќе да не ми зборуваат за африканците. Имам голема љубов и почит кон нив но ако мислат да ги ангажираме тогаш ќе мора да потпишат документ во кој ќе потврдат дека нема да играат на Африканскиот куп на нации. Ние сме идиоти кои им даваат плата, а тие патуваат по светот и играат за други“, истакнува Де Лаурентис.


Ремзи брзо најде нов клуб, потпиша за Ница

Само една недела откако со заедничка согласност го раскина договорот со Јувентус, играчот од средниот ред Арон Ремзи потпиша договор со својот нов клуб. Станува збор за Ница, од каде доцна синоќа го објавија потписот на велшкиот интернационалец. 

Ремзи помина три години во гигантот од Торино во кои забележа 69 настапи со 6 гола и 6 асистенции, честопати и со повреди. Во последната половина година беше позајмен во Ренџерс каде на 13 натпревари забележа 2 гола и 2 асистенции. Пред тоа, 31-годишниот играч од средниот ред мина долг период во Арсенал, за кого забележа 371 настап со 65 гола и 65 асистенции. За репрезентацијата на Велс има 74 настапи со 20 голови и 9 асистенции.

Ница наскоро ќе објави уште два трансфери. Еден е на голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, а вториот е на младинскиот репрезентативец на Италија, Матија Вити.


Баерн потпиша со најдобриот пријател на Садио Мане

Баерн направи добра работа во преодниот рок и покрај тоа што остана без Левандовски. Ги донесе Де Лихт, Мазрауи, Гравенберг, Мане и кога се чинеше дека трансфер периодот заврши, во Минхен дојде Дезире Сегбе Азанкпо.

Станува збор за 29-годишен фудбалер од Бенин, кого Баерн го доведе за да му направи услуга на Садио Мане.

Азанкпо и Мане се блиски пријатели, нивната професионална кариера започна во ист тим, француски Мец во сезоната 2011/12.

Мане подоцна стигна до елитното ниво, а Азанкпо беше далеку од тоа – играше во Луксембург, Словачка, пониските лиги во Англија… се до Данкерк, од француската трета лига, со кого се раздели во јуни.


Челзи доведе суперталент од Астон Вила

Фудбалскиот клуб Челзи соопшти дека потпиша договор со англискиот супер талентиран играч Карни Чуквуемека.

Челзи за 18-годишниот фудбалер на име обештетување на Астон Вила му исплати 18 милиони евра, а младинскиот репрезентативец на Англија потпиша договор до 2028 година.

Карни Чуквуемека кој по потекло е од Нигерија, е роден во Австрија, во младинските категории има настапувано за Нортемптон и Астон Вила каде ја започна професионалната кариера.