фудбал

Виња и Шомуродов на трансфер листата на Мурињо

Рома размислува за продажба на напаѓачот Елдор Шомуродов и играчот од средниот ред Матиас Виња. Двајцата играчи не импресионираа на тренинзите и Жозе Мурињо одлучи да не смета на нив.

27-годишниот Шомуродов потпиша минатото лето, кога пристигна од Џенова. Сепак, тој не успеа да се наметне во тимот на „џалоросите“, бидејќи постигна само 3 гола на 28 натпревари од Серија „А“.

Виња и се приклучи на Рома пред почетокот на минатата сезона. 24-годишниот Уругваец учествуваше на 26 првенствени натпревари, но не се запиша во листата на стрелците и направи само 1 асистенција.

18-годишниот талент Леонардо Д’Алесио кој е трансфер цел на Милан е, исто така, пред заминување од „волците“.


Скамака пристигна во Вест Хем

Доскорешниот играч на Сасуоло и репрезентативец на Италија Џанлука Скамака потпиша петгодишен договор со екипата на Вест Хем.

Вредноста на целосниот трансфер на 23-годишниот напаѓач изнесува некаде околу 35,5 милиони фунти. 

Своето деби за новиот клуб Скамака би можел да го има на 7.август кога Вест Хем во првото коло од Премиер лигата го пречекува шампионот Манчестер Сити.


Пјаниќ: Очекувам да добијам шанса од Чави во Барса

Миралем Пјаниќ кој изминатата сезона настапуваше како позајмен фудбалер во Бешикташ, очекува да добие вистинска шанса од новиот тренер на Барселона, Чави.

Фудбалерот од БИХ кој беше купен од Јувентус во 2019 година, има договор со Каталонците до летото во 2024-та.

„Ќе работиме со Чави и се надевам дека ќе имаме многу добра сезона. Не почнав добро во последните две сезони. Имав ковид-19 и имав повреди. Мислам дека можам да се вратам во претходната форма“. потенцираше Пјаниќ.


Мукиеле потпиша петгодишен договор со Париз Сен Жермен

Досегашниот фудбалер на Лајпциг Норди Мукиеле потпиша петгодишен договор со францускиот шампион Париз Сен Жермен.

24-годишниот одбранбен фудбалер својата кариера ја започна во Лавал, играше и за Монпеље, а во 2018 година направи трансфер во Лајпциг, со кого го освои германскиот куп и играше во полуфиналето на Лига Европа.

Мукиеле е трето засилување за парискиот клуб во летниот преоден рок, после доаѓањето на напаѓачот Екитике и Португалецот Витиња.


Дибала: Ќе го дадам својот максимум во Рома

Новиот фудбалер на Рома Пауло Дибала после официјалното претставување пред навивачите изјави дека ќе го даде максимумот во Рома со цел да му помогне на младата екипа да забележува повеќе победи.

Дибала после седум години во Јувентус, премина во Рома како слободен играч. Тој со римскиот клуб потпиша договор на три години.

„Стекнав големо искуство од периодот во Јувентус, клуб кој е навикнат на победи, и тоа искуство сакам да го пренесам тука уште од првиот ден“, изјави Дибала, кој уште истакна дека е подготвен да игра на било која позиција која ќе му ја додели тренерот Мурињо.

Минатата сезона во серија А Рома заврши на шестото место, и го освои трофејот во Лигата на конференции.


Азар е убедливо најплатениот играч во Ла Лига

Белгискиот фудбалер Еден Азар е убедливо најплатениот играч во шпанската Примера.

Иако Азар е далеку од својата врвна форма и ниво на игра, најповеќе поради големиот број на повреди со кои се соочуваше, тој играјќи за Реал Мадрид неделно заработува 600 илјади евра, а годишно остварува приходи од 31,25 милиони евра.

На второ место е неговиот клупски колега Карим Бензема со заработка од 24 милиони евра, додека на трето место е Давид Алаба со 22,5 милиони евра.


Виљареал сака да го откупи Џовано Ло Селсо

Виљареал е заинтересиран за трајно ангажирање на играчот од средниот ред на Тотенхем, Џовани Ло Селсо.

Шпанскиот клуб е во преговори за купување на 26-годишниот аргентински репрезентативец, според инсајдерот Фабрицио Романо. Ло Селсо е приоритетна трансфер цел на тренерот на Виљареал, Унаи Емери.

Во втората половина од минатата сезона, играчот од средниот ред играше за „Жолтата подморница“ на позајмица.

И неколку италијански клубови ја разгледуваат можноста да го добијат Ло Селсо.


Конте ќе испрати понуда до Рома за Заниоло

Тотенхем ќе направи уште еден обид да го привлече крилниот напаѓач на Рома, Николо Заниоло, тврди „Тутоспорт“. Понудата на „Спарс“ е веќе одбиена, но Антонио Конте е решен да го доведе својот сонародник во северен Лондон.

Јувентус е другиот кандидат за потписот на италијанскиот репрезентативец. И тој самиот преферира да премине во редовите на „бјанконерите“, но Рома му одреди цена од 50 милиони евра и нема намера да отстапи од тоа.

Заниоло е во Рома од 2018 година и за тоа време има 111 натпревари и 22 гола. Со неговиот гол „волците“ го совладаа Феенорд со 1:0 во финалето на Конференциската лига во мај.


Арсенал договори позајмица на Артур од Јувентус

Арсенал успешно ги заврши преговорите со Јувентус за играчот од средниот ред Артур. Според информациите кои ги објави „Тутоспорт“, Бразилецот ќе се пресели во тимот од Северен Лондон на позајмица, со опција за откуп.

Артур сака да се приклучи на тимот на Микел Артета и го најави тоа реагирајќи на социјалните мрежи на видеото од голот на Артур Жесус во контрола против Челзи (4-0).

Арсенал го сакаше играчот од средниот ред уште во јануари, но не успеа да се договори со Јувентус. Сепак, Бразилецот сигурно не е вклучен во сметките на Масимилијано Алегри за новата сезона и не ни отиде со тимот на турнејата во САД.

„Старата дама“ го купи Артур од Барселона во 2020 година. Формално трансферот беше вреден 72 милиони евра, но реално Бразилецот беше разменет за Миралем Пјаниќ.


Џеко одбива да си замине од Интер

Напаѓачот на Интер, Един Џеко, одбил понуди од три клуба, тврди новинарот Николо Шира. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина е категоричен во намерата да остане кај „Нероаѕурите“, иако е свесен дека по враќањето на Ромелу Лукаку ќе игра поретко.

Се верува дека една од понудите до Џеко била од Борусија (Дортмунд). Жолто-црните бараат нов напаѓач откако на Себастиен Алер ​​му беше дијагностициран тумор на тестисите и се лекува.

36-годишниот Џеко минатото лето се пресели во Интер, а претходно беше во Рома. Босанецот одигра вкупно 49 натпревари во сите натпреварувања и постигна 17 гола, на кои додаде и 10 асистенции.

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е воодушевен од амбициите на Џеко и ќе се потпре на неговото искуство и голгетерскиот талент за време на напорната сезона во која Интер ќе бара да ја врати титулата во Серија А.