фудбал

Тропските температури го одложуваат стартот на сезоната во Серија А

Поради тропските горештини кои ја зафатија Европа, стартот на Серија А може да биде одложен, најави претседателот на елитниот ранг на италијанскиот фудбал, Лоренцо Касини.

„Првата грижа е климата. Доколку продолжат овие високи температури, ќе биде многу тешко да се започне сезоната според планираното на 13 август. Сигурно ќе биде сезона со аномалии поради зимската пауза за време на Светското првенство во Катар и тажно е што нема да учествуваме таму. Сепак, тоа е предупредување да вложуваме повеќе во нашите млади играчи“, изјави Касини за време на обиколката на стадионот на Удинезе, пренесуваат бројни италијански медиуми.

Милан ја брани титулата шампион на Италија, а заедно со Росонерите, Италија во Лигата на шампионите ќе ја претставуваат Интер, Наполи и Јувентус.


Нејмар сака да остане во Париз Сен Жермен

Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Нејмар, изјави дека сака да игра за тој клуб и оваа сезона, и покрај шпекулациите дека ќе го напушта Париз.
„Секогаш сум сакал да останам во клубот. Досега никој од клубот не ми соопштил какви планови има за мене“, потенцира Нејмар.

Тимот на ПСЖ во моментов се наоѓа на турнеја во Јапонија, а Нејмар беше дел од екипата која одигра пријателски натпревар со Урава Ред Дајмондс.

Бразилецот Нејмар во ПСЖ пристигна од Барселона во 2017 година, во трансфер вреден 222 милиони евра. Тој минатата сезона одигра 28 натпревари, постигна 13 гола и забележа осум асистенции.


Нагелсман: Кејн е прескап за Баерн

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, изјави дека напаѓачот на Тотенхем Хари Кејн е прескапа опција за Баварците.

Тимот од Минхен е во потрага по класичен напаѓач кој би го заменил Роберт Левандовски кој се пресели во Барселона.

„Кејн е извонреден играч, и еден од ретките кои можат да играат на позиција десетка или класичен центарфор. Има одличен удар со глава, и со двете нозе. Единствен проблем е што тој во моментов е прескап за Баерн“, изјави Нагелсман.

Хари Кејн за Тотенхем има одиграно 385 натпревари на кои постигна 247 гола и запиша 59 асистенции.


Милитао во Реал до 2028 година

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Едер Милитао, ќе го продолжи договорот со кралскиот клуб, објавува весникот Марка.

Со новиот договор, Бразилецот ќе ја зголеми платата од 4 на 7 милиони евра годишно. Според информациите на Марка, шпанскиот шампион во договорот ќе вметне и откупна клаузула од дури 500 милиони евра.

Милитао е член на Реал од 2019 година кога за сума од 50 милиони евра пристигна од Порто. За тимот од Мадрид има одиграно 91 натпревар и е стрелец на 4 гола.


Иниго Мартинез е фаворит за дефанзивен лидер на Барса

Барселона е во потрага по квалитетен дефанзивец, а прва желба на Каталонците е Жил Кунде од Севиља.

Меѓутоа, Французинот е блиску до трансфер во Челзи за 55 милиони фунти, па Барселона мора да разгледува алтернативи. Кунде преферира трансфер на „Камп Ноу“, но Барселона не може да се договори со Севиља и да ја израмни понудата на Челзи.

Резервна опција на Каталонците е дефанзивецот на Манчестер Сити и шпански репрезнетативец, Емерик Лапорт.

28-годишниот дефанзивец не е прва опција кај Пеп Гвардиола и сака да ја промени средината, а Чави смета дека ќе биде идеална замена за Пике.


Вест Хем пред потпис со Скамака

Англискиот клуб Вест Хем се договори со калчолигашот Сасуоло околу купувување на италијанскиот репрезентативец Џанлука Скамака.

Целиот трансфер се очекува да достигне сума од 36 милиони евра плус дополнителни бонуси кои ќе зависат од настапите на напаѓачот во неговиот нов клуб Вест Хем.

Интерес за италијанскиот фудбалер покажуваше и францускиот шампион ПСЖ, меѓутоа најповолна финансиска понуда испрати премиерлигашот од Лондон.


Интер го натера Лукаку на медитеранска диета

Фудбалскиот клуб Интер му наложи на својот напаѓач Ромело Лукаку да започне нов режим на исхрана и да применува медитеранска диета, за да се врати на пристојна килажа.

Белгискиот голгетер се врати во Милано на позајмица од Челзи каде настапуваше една сезона. Пред заминувањето во Лондон тој имал 101 килограм, а сега неговата килажа била значително поголема.

На Лукаку му е наложено во наредниот период да конзумира риба, салати, пилешко и ширатаки паста, а забрането му е да јаде компир, пржена храна, и не смее да пие пијалоци кои содржат шеќер и алкохол.

Лукаку во претстојната сезона за Интер ќе игра како позајмен играч на Челзи.


Koнте ја изготви трансфер листата, Тотенхем ќе продава до крајот на летото

Тотенхем од почетокот на летото е доста активен на трансфер пазарот. Досега Спарс главно се фокусираа на засилување на својот тим, доведувајќи ги Ричарлисон, Ив Бисума, Иван Перишиќ, Клемент Ленглет, Фрејзер Форстер и Џед Спенс. Сега клубот почнува посериозна работа на излезните трансфери, со цел во наредните денови да се раздели барем со неколку свои актуелни играчи, кои не се дел од плановите на Антонио Конте, пишува „Стандард“.

Најпрво се работи на продажбата на Џафет Танганга, Брајан Хил и Џовани Ло Селсо. Во моментов клубот активно бара купувачи. Доброто е што има интерес за секој од нив, па дури има и преговори со други клубови.

Танганга е предмет на интерес од Милан. „росонерите“ дури веќе преговараат за негово привлекување. Интерес за 23-годишниот играч има и од Саутемптон и Борнмаут, но италијанскиот шампион е чекор пред конкурентите.

Брајан Хил го бараат Реал Сосиедад и Сампдорија, а не е ни чудо што Валенсија се обиде да го врати во своите редови по силниот настап на „Местаља“ на позајмица.


Роналдо би ја намалил платата да замине од Манчестер Јунајтед

Португалецот Кристијано Роналдо е подготвен да ја намали платата за 30% за да го напушти Манчестер Јунајтед овој летен преоден рок, објавија неколку медиуми во Англија.

Со ваква информација, агентот на Португалецот, Жорже Мендеш им се обраќа на врвните клубови кои се потенцијално заинтересирани за услугите на Португалецот.

Познато е дека Кристијано е сериозно заинтересиран за враќање во Шпанија и преселба во Атлетико, но самиот клуб не е подготвен за овој чекор. Во моментов Атлетико нема финансиска можност за трансфер на Португалецот.

Да потсетиме дека Роналдо играше за Реал Мадрид од 2009 до 2018 година, по што се пресели во Јувентус, за кој настапуваше до 2021 година. Истата година, португалскиот напаѓач се пресели во Манчестер Јунајтед.

Неговиот договор со клубот е до 2023 година. Минатата сезона Роналдо одигра 38 натпревари за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања, на кои постигна 24 гола и направи три асистенции.


Џерард најави коренити промени во Астон Вила

Менаџерот на Астон Вила, Стивен Џерард подготвува чистка во тимот. Тој изјави дека моментално има премногу играчи и некои од нив ќе мора да бидат продадени или позајмени на клубови каде што ќе добијат шанса да играат редовно.

Тимот од Бирмингем веќе се раздели со Мет Таргет и Трезеге, но се чини дека ќе има уште заминувања.

„Нашиот тим во моментов е преполн во однос на бројот на играчи. Мораме да донесеме некои одлуки и да испратиме одредени играчи во други клубови каде што ќе можат редовно да играат бидејќи овде тоа не може да се случи. Се трудиме да бидеме апсолутно искрени со сите нив и ние ги информиравме за нашите намери“, призна Џерард.