фудбал

Кулибали и официјално го облече дресот на Челзи

Фудбалерот од Сенегал, Калуду Кулибали и официјално стана нов играч на Челзи со кој потпиша четиригодишен договор.

Досегашниот играч на Наполи е второ засилување на Челзи ова лето откако клубот го презедоа новите сопственици. Претходно на Стенфрод Бриџ пристигна Рахим Стерлинг.

Медиумите во Англија наведуваат дека трансферот е вреден 40 милиони евра.

„Челзи е голем тим во светскиот фудбал и мој сон беше да заиграм во Премиер лигата. Челзи за прв пат ме бараше во 2016 година но тогаш трансферот не се реализира. Сега повторно се обидоа да ме доведат и јас ја прифатив понудата бидејќи нивната желба да настапувам за нив беше навистина голема“, изјави Кулибали.

31-годишниот капитен на Сенегал играше за Наполи од 2014 година и за италијанскиот тим запиша 317 настапи.


Милан со понуда од 35 милиони евра за Елмас

Според медиумите од Италија, актуелниот шампион на Серија А, Милан, покажува сериозен интерес за потпис со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Според информациите, гигантот Милан до Наполи веќе испратил понуда за Елмас тешка 35 милиони евра. 

Голема е веројатноста челниците на Наполи да ја прифатат понудата и Елмас од наредната сезона да заигра на Сан Сиро во дресот на росонерите.


Гатузо го води Балотели во Валенсија

Марио Балотели се уште не заиграл во шпанската Ла Лига, но тоа може да се промени сезонава.

Според информација на италијанските медиуми, новоименуваниот тренер на Валенсија, Џенаро Гатузо е многу заинтересиран да го доведе Марио Балотели во клубот.

Според медиумите, италијанскиот тренер веќе го повикал Балотели за да се распраша за можноста, но засега нема индикации дека има некаков договор. Балотели моментално е под договор со турскиот прволигаш Адана Демирспор, а за него се распрашува и швајцарски Сион.


Диало од ПСЖ се сели во Милан

Милан е во потрага по квалитетен дефанзивец кој ќе биде замена за Ромањоли, кој го напушти тимот ова лето.

Неколку имиња се поврзуваат со трансфер на „Сан Сиро“, но сепак најконкретен интерес „росонерите“ покажуваат за дефанзивецот на ПСЖ, Абду Диало.

25-годишниот Диало е дефанзивец, но може да игра и како лев бек, па токму поради тоа е прв избор на „росонерите“. Малдини веќе започнал преговори со ПСЖ, кој е спремен да го продаде, и за неговата слобода бара 20 милиони евра.

Милан ќе се обиде да ја намали таа сума преку преговори, или да го донесе на едногодишна позајмица со право на откуп.


Чистка во ПСЖ: Галтие се откажува од 11 играчи

Новиот тренер на Париз Сен Жермен, Кристоф Галтие планира да се одрекне од 11 фудбалери во овој преоден рок, известуваат француските медиуми.

На трансфер листата се најдоа дефанзивците Леон Курзава, Абду Диало и Тило Керер, играчите за врска Леандро Паредес, Данило Переира, Идриса Гаје, Андер Ерера, Жоржињо Вајналдум и Ерик Ебимбе, како и напаѓачите Дракслер и Икарди.

Раководството на клубот од Париз за овие играчи претходно плати 282 милиони евра, а тие сега вредат нешто повеќе од 160 милиони евра.

Француските медиуми тврдат дека на трансфер листата го нема Нејмар, кој и наредната година ќе игра во ПСЖ.


Забраната за Русија и Белорусија останува

Судот за спортска арбитража ја одби жалбата на Русија, „зборнајата“ и клубовите од Русија нема да можат да играат во натпреварување под капата на УЕФА и ФИФА.
Одлуката клупскиот и репрезентативниот фудбал на овие две земји да биде „замрзнат“ ќе продолжи да важи.

Покрај тоа, тие ја продолжија одлуката со која странските играчи во руските клубови имаат можност еднострано да ги раскинат договорите со клубовите до 30 јуни 2023 година.


Рафа Маркез се врати во Каталонија и ја презеде втората екипа на Барса

Барселона го објави назначувањето на Рафаел Маркез за нов тренер на вториот тим на Каталонците.

43-годишниот Мексиканец потпиша двегодишен договор со каталонскиот клуб. Минатата сезона Барселона Б под водство на Серхи Бархуан заврши на 8-то место во 3-та дивизија.

Маркез е легенда на клубот, кој играше на „Камп Ноу“ од 2003 до 2010 година.


Кристијан Ериксен е нов играч на Манчестер Јунајтед

Данецот Кристијан Ериксен и официјално е нов фудбалер на Манчестер Јунајтед, потврди англискиот клуб.

Ериксен со тимот од Олд Трафорд потпиша договор до 2025 година. Тој во последните шест месеци настапуваше за Брентфорд каде пристигна од Интер.

Данецот го напушти Милано после инфарктот кој го доживеа на Европското првенство минатата година.


Марез го продолжи договорот со Манчестер Сити

Фудбалерот на Манчестер Сити, Ријад Марез, го продолжи договорот со клубот на уште две години. 

Со новиот договор, Марез ќе остане во Сити до 2025 година. Тој стана еден од главните играчи во екипата водена од Пеп Гвардиола откако во 2018 пристигна од Лестер.

За четири сезони во Сити, 31-годишниот алжирски репрезентативец освои три шампионски титули во Премиер лигата, еден ФА куп, и три Лига купа. 


Реал Мадрид не го продолжува договорот со Асенсио

Шпанскиот весник Марка објавува дека Реал Мадрид нема намера да го продолжи договорот со Марко Асенсио. 

Според информациите постои веројатност кралскиот клуб да го продаде Асенсио до крајот на летниот преоден рок бидејќи неговиот договор има важност до следното лето.

Претходно интерес за Марко Асенсио постоеше од шампионот на Серија А, Милан, како и од екипите на Њукасл и Арсенал.