фудбал

Столе Димитриевски останува во Рајо Ваљекано

Голманот на македонската фудбалска репрезентација Столе Димитриевски по се изгледа дека ќе остане во својот сегашен клуб Рајо Ваљекано и следната сезона.

Димитриевски се јави на првата прозивка на екипата пред почетокот на подготовките за новата сезона. Тој се очекува и наредната сезона да биде прв голман во тимот. 

Постоеја бројни шпекулации за евентуална промена на средината за нашиот репрезентативец, а најголеми шанси за заминување од Рајо, Димитриевски имаше во зимскиот преоден рок кога дури и беше поврзуван со трансфер во гигантот Барселона.


Спортинг сака да го доведе подзаборавениот Пјаниќ

Барселона не смета на босанскиот играч за врска Миралем Пјаниќ и бара од него малку да се потруди околу заминувањето од клубот. Според информациите, клубот веќе го информирал Пјаниќ и неговиот агент дека тој не е планиран на листата на патници за претсезонска турнеја во САД.

Иднината на Пјаниќ стана уште покомплицирана откако во тимот на Барселона дојде ѕвездата на Милан, Френк Кеси, а Чави и натаму одбива да го врати Пјаниќ во тимот за следната сезона.

Босанецот минатата сезона ја помина на позајмица во екипата на Бешикташ, од каде летово се врати во Шпанија.


Нотинген Форест го доведе и шестото засилување ова лето

Фудбалскиот клуб Нотингем Форест соопшти дека нов играч на клубот е репрезентативецот на Велс Неко Вилијамс.

21-годишниот Вилијамс, вториот дел од минатата сезона го помина играјќи во Фулам како позајмен играч на Ливерпул. Неговиот трансфер во новиот член на Премиер лигата Нотингем Форест изнесува 17 милиони фунти, а потпиша договор на четири години.

Вилијамс кој игра на позицијата десен бек е шестиот нов играч кој пристигна во клубот ова лето.


Алиоски е пред потпис со Трабзонспор

Медиумите од Турција пренесуваат дека македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски се договорил со Трабзонспор и својата кариера ќе ја продолжи во актуелниот турски шампион.

Алиоски во моментот е на годишен одмор и како што е познато тој ја заврши својата одисеја со екипата на Ал Ахли од Саудијска Арабија.

Според информациите од Турција, официјалниот потпис на договорот со Трабзонспор, популарниот Џани се очекува да го стави веднаш после завршувањето на својот одмор.

Алиоски во својата кариера има настапувано за Шафхаузен, Лугано и Лидс Јунајтед.


Конте стави четворица фудбалери на трансфер листа

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте одлучи да остави четворица играчи надвор од тимот за претсезонската турнеја во Јужна Кореја.

Хари Винкс, Серхио Регилон, Џовани Ло Селсо и Танги Ндомбеле ќе останат во Лондон и ќе продолжат да тренираат со резервите на Спарс.

Четворицата не спаѓаат во плановите на Италијанецот за следната кампања и ќе се бара опција за разделба со нив. Ло Селсо во вториот дел од минатата сезона мина позајмица во Виљареал, но „жолтата подморница“ засега не брза да ги откупи неговите права, иако е сакан од Унаи Емери.

Останатите играчи беа во составот и минатата година, но не успеаја да го импресионираат Конте. Тимот од северен Лондон беше исклучително активен на трансфер пазарот и веќе ги ангажираше Ричарлисон од Евертон, Иван Перишиќ од Интер, Ив Бисума од Брајтон и Фрејзер Фостер од Саутемптон.

Уште едно ново засилување во тимот, Клемент Ленгле исто така нема да биде дел од патувањето во Кореја бидејќи сè уште има документи околу неговиот трансфер што треба да се комплетираат.


Погба и официјално се врати во Јувентус

После поминати шест години во Манчестер Јунајтед, францускиот репрезентативец Пол Погба од денес и официјално се врати во Јувентус, соопштуваат од италијанскиот клуб.

Погба во Торино пристигна како слободен играч откако му истече договорот со клубот од Олд Трафорд. Тој потпиша договор во траење од четири години и во тимот на старата дама ќе го носи дресот со број 10.

29-годишниот Погба за шест години во Јунајтед одигра 226 натпревари и постигна 39 гола. Со клубот беше освојувач на Лига Европа и англиски Лига Куп.


Спонзорите бараат од Манчестер Јунајтед да го задржат Роналдо

Англиските медиуми пренесуваат дека главните спонзори на Манчестер Јунајтед  не сакаат Кристијано Роналдо да го напушти клубот од Олд Трафорд.

Информациите велат дека на спонзорите не им се допаѓа идејата маркетиншки најисплатливиот фудбалер да го напушти клубот и дека челниците на Јунајтед се под голем притисок да го задржат Роналдо.

Португалскиот фудбалер не се појави на подготовките на Манчестер Јунајтед и не замина на турнејата со својот клуб во Азија, наводно поради семејни причини.

Роналдо е разочаран од неактивноста на Манчестер Јунајтед во преодниот рок, а воедно сака и во наредната сезона да настапува во Лигата на шампиони.

Роналдо на Олд Трафорд пристигна минатата сезона, а има договор со клубот до јуни наредната година.


Фоден доби тројно поголема плата во Сити

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола во новата сезона ќе се потпира на поинаков напад, но едно име останува константа – Фил Фоден. Репрезентативецот на Англија, како и неговиот тимски колега Родри, добија понуди за нов договор.

Клубот веќе има усмен договор со Фоден за новиот договор, според кој неговата плата ќе се зголеми за три пати.

Според „The Sun“, тој ќе добива 200.000 фунти неделно. Надоместокот е колку за неговиот развој, толку и за поголемата улога што ќе ја има во новата сезона.

„Граѓаните“ веќе го продадоа Габриел Жесус на Арсенал, а се очекува да се разделат и со Рахим Стерлинг кој ќе се пресели во Челси.


Арсенал сака да го украде Канте од Челзи

Арсенал размислува за шокантна понуда за еден од најважните играчи на Челзи во последните години – Н’Голо Канте. Неуморниот Французин е под договор со својот сегашен клуб уште само 12 месеци и тоа им дава надеж на „топџиите“ кои бараат квалитетен дефанзивен играч за врска.

31-годишниот Канте минатата сезона имаше вкупно 42 настапи во сите натпреварувања, но исто така помина многу минути на клупата бидејќи проблемите со повредата на коленото го спречија да ги покаже своите несомнени квалитети во поголемиот дел од сезоната. Пред извесно време се тврдеше дека за овој Французин е заинтересиран и Манчестер Јунајтед.

Претходно денеска, Челзи објави дека Н’Голо Канте и Рубен Лофтус-Чик ќе ја пропуштат турнејата на тимот низ САД бидејќи не го завршиле целосниот циклус на вакцинација потребен за влез во земјата.


Јунајтед и ПСЖ преговараат за Леандро Паредес

Манчестер Јунајтед е заинтересиран за потписот на играчот од средниот ред на Пари Сен Жермен, Леандро Паредес, но цената која за него во моментов ја бара францускиот шампион е превисока.

Англиски извори тврдат дека Јунајтед е подготвен да плати максимум 28 до 30 милиони евра за Паредес, додека ПСЖ веќе ја утврди неговата цена на 35 милиони евра.

Преговорите меѓу двете страни треба да продолжат, но прашање е дали наскоро ќе има некаков напредок.