фудбал

Минамино и официјално е нов играч на Монако

Јапонскиот фудбалски репрезентативец Такуми Минамино и официјално е промовиран како нов играч на Монако.

Минамино во Монако пристигна од редовите на Ливерпул за сума од 18 милиони евра, а потпиша договор со важност од четири години.

Победничката култура и способноста да игра на повеќе позиции го убеди раководството на Монако да го ангажира Минамино кој се очекува да даде голем придонес во развојот на тимот.


Де Јонг на чекор до трансфер во Манчестер Јунајтед

Британскиот „Скај Спорт“ објавува дека фудбалерот на Барселона и холандски репрезентативец, Френки де Јонг, се наоѓа на чекор до премин во Манчестер Јунајтед.

Според информациите двата клуба се пред конечен договор околу висината на обештетувањето кое Јунајтед ќе го плати на Барселона а ќе изнесува 65 милиони евра.

Де Јонг има договор со Барселона до јуни 2026 година, а минатата сезона тој одига 47 натпревари за тимот од Камп Ноу. Се очекува Де Јонг многу брзо да се снајде во новиот тим каде тренер ќе му биде Ерик тен Хаг со кого соработуваше во Ајакс.


Флорентино го сака Белингам како замена за Модриќ

Реал Мадрид го избра англискиот репрезентативец Џад Белингам како замена за ветеранот Лука Модриќ и ќе се обиде да го привлече во летото 2023 година, тврди весникот Диарио АС.

Мадридските гиганти се амбициозни да го привлечат 18-годишниот играч на германска Борусија Дортмунд за околу 90 милиони евра, но за играчот од средниот ред се заинтересирани и неколку англиски клубови од Премиер лигата, што може да му ја зголеми цената. Меѓу тимовите кои ги следат настапите на Белингем се и Челси и Ливерпул.

Сериозен проблем за оние кои сакаат да го обезбедат потписот на надежниот Англичанец би било немањето ослободителна клаузула во неговиот договор со Борусија Дортмунд, кој трае до 2025 година.


Дракслер одбива да се пресели во Интер

ПСЖ сака да го вклучи 28-годишниот германски играч за врска Јулијан Дракслер во договорот за потпис на дефанзивецот Милан Шкрињар од Интер, објави „Газета дело Спорт“.

Според оваа информација, Дракслер не е заинтересиран за Интер, па клубот ја бара од ПСЖ целата сума на трансферот – околу 70 милиони евра. Новата понуда на ПСЖ вклучуваше 60 милиони евра и трансфер на Дракслер во таборот на Интер.

Главната причина за одбивањето на Интер од Дракслер е целта на извршниот директор на клубот Џузепе Марота да го намали платниот список за 10-15%. Ангажманот на германски фудбалер значително ќе ја искомплицира оваа задача. Да потсетиме, договорот на Шкрињар со Интер е со важност до летото 2023 година, неговата пазарна вредност, според Трансфермаркт, е 65 милиони евра. Минатата сезона за Интер тој одигра 48 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна четири гола.


Левандовски сака да покаже дека е подобар од Бензема

Иднината на голгетерот на Баерн, Роберт Левандовски останува нејасна. Тој има уште една година договор со германскиот шампион, но ја повика управата да го ослободи порано.

Баерн веќе е подготвен да се раздели со полскиот напаѓач, по привлекувањето на Садио Мане, но сака 60 милиони евра за правата на 33-годишниот фудбалер. Барселона има најсериозен интерес за Левандовски, но шпанскиот гигант е во тешка финансиска ситуација.

Поранешниот агент на Полјакот, Чезари Кухарски пред шпанското радио „Кадена Сер“ проговори за плановите на играчот.

„Тој сака да покаже дека е подобар од Бензема, па ова е уште една причина да замине во Барселона. Левандовски нема соништа. За него фудбалот е работа и тој е исклучителен професионалец. Реал Мадрид и Барселона се на исто ниво“, изјави полскиот менаџер.

„И Барса и Левандовски ќе се борат за овој трансфер. Мислам дека тоа е сосема можно, го гледам тоа. Тој мора да го притисне Баерн да го пушти побрзо. Шефовите на Баерн знаат дека сака да оди во Шпанија. Неговиот план беше Германија, потоа Шпанија и кариерата да ја заврши во САД“, откри Кухарски.


Ван Бисака се согласил да ја засили Рома

Тренерот на фудбалерите на Рома, Жозе Мурињо, го убедил англискиот репрезентативец, Арон ван Бисака да го напушти Манчестер Јунајтед и да се пресели во Рим, објавија дел од медиумите.  

Италијанскиот состав сака да го земе на едно-годишна позајмица а потоа да го откупи неговиот договор.

Десниот бек има трансферна вредност од 20 милиони евра.


Алиоски во идеалниот тим на лигата во Саудиска Арабија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Езгијан Алиоски се најде во идеалниот тим од штотуку завршеното фудбалско првенство на Саудиска Арабија.

Алиоски со својот тим Ал Ахли не успеа да избори опстанок во Саудиската лига, но тоа не го намали неговиот играчки квалитет и добрите игри во изминатата сезона. Популарниот Џани е избран за најдобар лев бек во првенството и е дел од најдобрите единаесет играчи.

Според информациите Алиоски не планира останување во Ал Ахли и веќе ги разгледува можните опции за нов фудбалски клуб.


На играч од ПСЖ му украле 2,9 милиони евра од вила на Ибица

Фудбалерот на Париз Сен Жермен Марко Верати е ограбен во популарното шпанско летовалиште Ибица, а крадците од вилата каде бил сместен успеале да украдат 2,9 милиони евра, пренесуваат италијанските медиуми.

Верати на одмор бил заедно со сопругата, а уште не е познато зошто брачниот пар со себе носел толку висок износ на пари. 

Италијанецот својот одмор го поминувал во вила за која се верува дека му припаѓа на легендарниот Бразилец Роналдо.


Арсенал го доведе американскиот голман Мет Тарнер

Мет Тарнер е најновото засилување за фудбалскот состав Арсенал. Еден од најдобрите голмани во МЛС лигата кој стоеше на голот на Њу Ингланд, сега ќе има шанса да ги покаже квалитетите и во Европа.

Американецот кој има 28 години потпиша со „топчиите“ за наредните две сезони.

Неговото доаѓање веројатно ќе го натера резеврниот, голман Берн Лено, да си побара нова средина.


Малдини ќе добие нов договор и ќе го раководи Милан и во иднина

Директорот на Милан, Паоло Малдини ќе продолжи да работи во клубот и во иднина. Легендата на „росонерите“ постигна договор со газдите на клубот и ќе потпише нов договор. Се очекува веста да биде објавена во секој момент.

Актуелниот договор на Малдини истекува на 30-ти јуни, а постоеја сомнежи дали тој ќе продолжи да работи на „Сан Сиро“, велејќи дека постои несовпаѓање во разбирањата за развојот на клубот меѓу него и новите сопственици. Сепак, се чини дека нема ништо точно во оваа информација, бидејќи се очекува Малдини повторно да потпише до 2024 година. Истото ќе го направи и другиот директор на кој му истекува договорот, Рики Масара.

Малдини имаше прилично позитивен состанок со новиот сопственик Џери Кардинале претходно овој месец. Таму стана јасно дека тој ќе има можност да го засили тимот за новата сезона, без оглед на ограничениот трансфер буџет.