фудбал

Челзи сака да го ангажира Де Лихт

Англискиот „Скај Спортс“ објавува дека Челзи е заинтересиран за доведување на дефанзивецот од Јувентус, Матијс де Лихт.

Холандскиот фудбалер има клаузула според која може да го напушти клубот од Торино за 120 милиони евра.

Челзи и тренерот Тухел, се во потрага на централни одбранбени играчи после заминувањето на Антонио Рудигер и Андреас Кристенсен, а Де Лихт би бил одлично решение за таа позиција.

22-годишниот фудбалер е поранешен капитен на Ајакс, кој направи трансфер во Јуве во 2019 година за 75 милиони евра.


Нејмар автоматски го продолжи договорот со ПСЖ

За една недела договорот на Нејмар со ПСЖ автоматски ќе биде продолжен на уште една година, тврди „Л‘Екип“.

Ова се должи на вклучувањето на посебна клаузула во договорот со него. Во мај 2021 година, Бразилецот потпиша договор со парижаните до 2025 година. На 1 јули 2021 година договорот автоматски беше продолжен за една година, а на 1 јули 2022 година ќе биде продолжен за уште една година – до 2027 година. Оваа информација доаѓа во време на гласините дека Бразилецот може да се пресели во Јувентус на позајмица за време на летниот преоден рок, откако раководството на ПСЖ не беше задоволно од раното испаѓање во Лигата на шампионите.

30-годишниот Бразилец се пресели во ПСЖ од шпанскиот гигант Барселона во 2017 година за рекордни 222 милиони евра во светскиот фудбал. Како дел од парискиот клуб, фудбалерот одигра 144 натпревари, постигнувајќи 100 гола и 60 асистенции. Напаѓачот стана четири пати шампион на Франција, три пати победник на Купот на Франција, двапати Суперкуп и еднаш Француски Лига Куп.


Алиоски пред напуштање на Ал Ахли

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Езгијан Алиоски, е пред заминување од неговиот сегашен клуб Ал Ахли.

Тимот во кој Алиоски се приклучи минатото лето наместо да се бори за титула во првенството на Саудијска Арабија, во моментот е на чекор до испаѓање од лигата и се наоѓа на претпоследното место на табелата.

Доколку тимот испадне од лигата, најверојатно Алиоски ќе го напушти клубот и ќе побара ангажман во Европа. Според информациите најсериозен кандидат за ангажман на македонскиот интернационалец е турскиот првак Трабзон кој веќе започнал разговори со претставниците на Алиоски. Конечната одлука околу иднината на Езгијан ќе биде позната за десеттина дена по завршувањето на сезоната во Саудијска Арабија.


ФИФА одобри по 26 играчи и пет измени на Светското првенство во Катар 2022

Светската фудбалска федерација им одобри на учесниците на претстојното Светско фудбалско првенство во Катар да имаат на располагање по 26 играчи, што е за три повеќе во однос на претходното Светско првенство во Русија 2018 година.

 Исто така селекторите за време на натпреварите ќе можат да користат до пет измени, две повеќе од претходно.

Зголемувањето на бројот на измените стана пракса за време на ковид протоколите, додека главна причина за зголемениот број на играчи е фактот што Мундијалот за прв пат ќе се одржува во ноември и декември, кога ќе мора да се прават паузи во националните првенства и играчите да ги напуштат своите клубови, да учествуваат на СП во Катар и потоа повторно да се вратат на клубските обврски.

Светското првенство во Катар ќе се игра од 21.ноември до 18. декември


Симеоне го побара Пабло Сарабија на позајмица

Атлетико Мадрид е заинтересиран да го позајми играчот од средниот ред на ПСЖ, Пабло Сарабија.

Двете страни преговараат за едногодишен договор со опција за откуп на шпанскиот клуб. Според информациите, парижаните ќе исплатат дел од платата на играчот од средниот ред за време на позајмицата.

Сарабија (30) му се приклучи на ПСЖ во 2019 година. За францускиот тим Пабло Сарабија постигна 22 гола на 79 натпревари и даде 12 асистенции. Договорот меѓу играчот и клубот истекува во 2024 година. Сарабија ја одигра сезоната 2021/2022 како позајмен во Спортинг.


Монца го сака Шпанецот Борха Мајорал од Реал Мадрид

Монца продолжува да се засилува пред почетокот на новата сезона. Клубот, кој е во сопственост на поранешниот тренер на Милан, Силвио Берлускони, покажа интерес за напаѓачот на Реал Мадрид, Борха Мајорал.

25-годишниот Шпанец не успеа да се наметне во „кралскиот клуб“ и минатата сезона играше како позајмен во Рома и Хетафе. Монца сега преговара за неговите услуги.

Друг играч во видното поле на тимот предводен од Берлускони е играчот од средниот ред Гонзало Виљар.

Берлускони е на чело на Монца од 2018 година. Со него е и неговата десна рака од Милано, Адријано Галијани, кој ја извршува функцијата извршен директор.


Галтие се согласи, потпишува на две години со ПСЖ

Кристоф Галтие ќе потпише договор со Пари Сен Жермен на 2 + 1 година, пренесе „Екип“.

55-годишниот стручњак во француската престолнина доаѓа од Ница, а парижаните ќе мора да му платат отштета на неговиот поранешен клуб за предвремениот раскин на договорот.

Според информациите на француските медиуми, Галтие, кој минатата сезона го предводеше Лил до титулата, ќе зема помала плата од актуелниот тренер на ПСЖ, Маурисио Почетино.

Аргентинецот од своја страна се уште не се договорил со парижаните за висината на отштетата што треба да ја добие по ослободувањето.


Реал и Фиорентина постигнаа договор за Лука Јовиќ

Лука Јовиќ е се поблиску до преселба во Фиорентина на позајмица.

Клубовите постигнале договор за платата на играчот: Реал Мадрид ќе плати половина од сумата. Благодарение на работата на агентот Фали Рамадани, од Фирентина се убедени дека зделката ќе биде завршена.

Да потсетиме дека по успешната сезона 2018/2019 како дел од Ајнтрахт Франкфурт, Јовиќ се пресели во мадридскиот клуб во летото 2019 година за 60 милиони евра. За Реал Мадрид минатата сезона, српскиот напаѓач одигра 19 натпревари и постигна еден гол. На 26 натпревари за репрезентацијата на Србија фудбалерот има девет гола.

Фиорентина минатата сезона заврши на седмото место во Серија А и ќе игра во Конференциската лига.


Зидан: Посакувам да ја водам француската репрезентација

Легендарниот француски фудбалер Зинедин Зидан, во специјално интервју за Л`Екип на својот 50.роденден изјави дека сака да биде селектор на Франција.

Француските медиуми веќе подолго време шпекулираат дека популарниот Зизу е можен наследник на актуелниот селектор на „триколорите“Дидие Дешамп, кој се очекува да ја напушти функцијата после Светското првенство во Катар.

„Се разбира дека би сакал да бидам селектор на Франција еден ден, но не можам јас да кажам кога тоа би се случило. посакувам да направам полн круг со репрезентацијата на Франција. Играњето за националниот тим беше нешто најдобро што ми се случило во кариерата. Сега кога станав фудбалски тренер често ми се поставува прашањето дали и кога ќе бидам селектор. Ако се укаже прилика јас сум тука“, вели Зидан.


Њукасл купува нов голман

Њукасл Јунајтед постигна договор за купување на голманот Ник Поуп од Барнли. Тренерот на Њукасл Еди Хау посебно ги цени квалитетите на 30-годишниот голман чиј трансфер се очекува да биде финализиран деновиве.

Ник Поуп е задоволен од договорот кој е постигнат со екипата на Њукасл, и неговиот настап за премиерлигашот ќе му помогне да се најде на списокот на англискиот селектор Саутгејт, за настап на Светското првенство во Катар.

Њукасл после пристигнувањето на новите сопственици минатата сезона ја избегна созната за испаѓање од Премиер лигата и сезоната ја заврши на 11.позиција со 49 бода.