фудбал

Раул Беланова од Каљари се сели во Интер

Интер успеа да го ангажира дефанзивецот на Каљари, Раул Беланова за новата сезона, објавија италијанските медиуми.

За трансферот ќе бидат платени 3 милиони евра, а во зделката е вклучена и опција за купување вредна 7 милиони евра. Миланскиот гигант одамна имаше постигнато договор со италијанскиот фудбалер, а сега успеа да се договори со неговиот клуб. Беланова ќе ги одмери силите со Дензел Дамфрис на десното крило во одбраната, а универзалниот играч Матео Дармијан може да биде поместен на лево, каде што ќе биде замена на Робин Госенс.

22-годишниот дефанзивец е уште еден трансфер на млад фудбалер во Интер по очекуваното привлекување на Кристијан Аслани.


Гатусо го носи Бакајоко и Кастиљехо во Валенсија

Новиот тренер на Валенсија, Џенаро Гатузо сака да донесе двајца играчи на Милан во својот нов тим. Поранешниот играч за врска на „росонерите“ ги ставил на списокот на посакувани Тиему Бакајоко и Саму Кастиљехо, кои не се главни фигури во составот на Пиоли на „Сан Сиро“ и се очекува клубот да прифати разделба со нив.

Интерес за Кастиљехо има и од Севиља, а Бакајако кој е во сопственост на Челзи не е во плановите ниту на Томас Тухел и ќе мора да бара нов тим.


Буфон: Ди Марија во Серија А би бил како Марадона

Џанлуиџи Буфон ја поздрави можноста крилото Анхел Ди Марија да му се приклучи на тимот.

Актуелниот голман на Парма беше соиграч со аргентинскиот репрезентативец во Пари Сен Жермен во сезоната 2018/19 и зборуваше многу љубезно за него.

„Во моментов Ди Марија би бил како Марадона во Серија А. Дали сум јасен? Фудбалерите треба да се оценуваат во контекст на тоа каде играат. Сега Серија „А“ е технички послаба, а Анхел располага со толку добра техника. Одлучен е пред голот и така лесно ги дрибла противниците. Тој е добар во давањето асистенции, трча напред-назад на теренот и може да игра различни улоги. Накратко, тој е фудбалер. Има 34 години? Јас имам 44 години, но сè уште играм. Годините не се важни. Мотивацијата и страста се многу поважни, а исто така и одлучноста. На последниот натпревар помеѓу Аргентина и Италија, Ди Марија никогаш не беше фатен од нашите дефанзивци. Тој секогаш знае како да се најде на вистинското место во вистинско време. Тој не ја допира само топката, туку ја гали. Секогаш ја држи залепена за неговата нога. За голман кој ќе види како му приоѓа, останува само едно да направи: да се крсти“, истакна Буфон.


Фудбалскиот клуб Ренова се повлекува од играњето во Првата лига

Македонскиот прволигаш Ренова, донесе одлука да се повлече од играњето во Првата македонска лига наредната сезона.

Раководството на Ренова својата одлука за напуштање на лигата ќе ја достави до ФФМ во наредните денови.

Како причина за напуштањето на лигата, од Ренова ја наведуваат слабата инфраструктура на клубот. За таа цел челниците на клубот одлучиле да започнат со изградба на стадион и тренинг центар во Џепчиште, а дотогаш екипата да настапува во најнизок ранг на натпреварување.


Директорот на Интер откри дека клубот преговара со Лукаку и Дибала

Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, призна дека клубот има намера да ги привлече напаѓачите Ромелу Лукаку и Пауло Дибала. Пред радио „Раи“, 65-годишниот Марота откри што е сработено и што треба да се направи до крајот на летниот преоден рок.

„Се обидуваме да потпишеме со Лукаку и Дибала. Сепак, денеска сигурно нема да објавиме договор за Лукаку. Има големи шанси да го вратиме, но има уште работи кои треба да ги решиме. Ќе видиме што ќе се случи “, рече Марота.

Според италијанскиот печат, Интер е подготвен да плати 10 милиони евра за едногодишна кирија на белгискиот напаѓач на Челси и да му ја покрие целата плата. Пред една година миланскиот гигант го продаде Лукаку на Челси за повеќе од 100 милиони евра. Воедно, Дибала е слободен играч, а претставници на Аргентинецот неколку пати биле забележани како разговараат со раководството на Интер.


Репрезентативец на Мароко потпиша за Вест Хем за 30 милиони евра

Вест Хем го ангажираше дефанзивецот на Рен, Наиф Агер со договор до јуни 2027 година, објави англискиот клуб.

„Чеканите“ ќе платат 30 милиони фунти плус бонуси за правата на 26-годишниот Мароканец.

Агер, кој е висок 188 сантиметри, игра како централен дефанзивец. Кариерата ја започна во тимот на ФУС Рабат во својата татковина, а потоа мина низ француските Дижон и Рен.

За тимот од Бретања, Агер запиша вкупно 80 натпревари во две сезони во сите натпреварувања, во кои постигна седум гола и четири асистенции.


Борусија Дортмунд ја пронајде замената за Халанд

Како што пренесуваат германските медиуми, челниците на Борусија од Дортмунд испратија понуда до Ајакс за напаѓачот Себастијан Алер, вредна 40 милиони евра.

Од Дортмунд потенцираат дека доаѓањето на Алер во тимот ќе биде одлична замена за Норвежанецот Ерлинг Халанд кој направи трансфер во Манчестер Сити.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска веќе има искуство со играње во германската Бундеслига, бидејќи во минатото настапуваше за Ајнтрахт од Франкфурт.

Минатата сезона во дресот на Ајакс, Алер одигра 65 натпревари, постигна 47 гола и 16 асистенции.


Де Хеа ја критикува работата на тренерите на „Олд Трафорд“

Давид де Хеа е прилично незадоволен од работата со тренерите на клубот во последните години. 31-годишниот Шпанец е еден од најконстантните играчи на „црвените ѓаволи“ во последните сезони, па дури и ја освои наградата за најдобар играч во клубот минатата сезона.

Во исто време, сепак, тој беше предмет на одредени критики за неговата игра, а особено за неговото учество во поседот на топката, одење по високи топки, како и за неговата игра надвор од шеснаесетникот.

Сепак, Шпанецот смета дека тренерите со кои соработувал во последните години на „Олд Трафорд“ се виновни што не ги развил целосно своите квалитети, пишува Атлетик.

Низ Манчестер Јунајтед поминаа некои многу сериозни специјалисти како тренери на голмани. Сепак, Де Хеа има забелешки во работата со нив. Смета дека тоа е причината поради која го загуби стартното место во шпанската репрезентација, бидејќи Луис Енрике претпочита голмани кои се корисни не само за одбранување на ударите на противникот, туку придонесуваат и за другите аспекти на играта.


Мирко Ивановски потпиша за романски Петролул

Некогашниот македонски фудбалски репрезентативец, Мирко Ивановски денеска и официјално е промовиран во романскиот клуб Петролул. Членот на елитната конкуренција денеска го промовираше нашиот интернационалец, кој минатата сезона беше дел од екипата на Динамо Букурешт.

За Ивановски ова ќе биде трет клуб во Романија откако веќе го носеше дресот и на екипата на Клуж во 2014 година.


Кулибали е замената за Кјелини во Јуве

Јувентус е заинтересиран и спрема понуда за дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали пренесува „Газета дело Спорт“. „Старата дама“ бара замена за Џорџо Киелини, кој го напушта клубот ова лето после 17 години, а Кулибали е на врвот на листата желби. Сенегалецот најверојатно ќе го напушти Наполи ова лето. Тој влегува во последната година од договорот, а претседателот на Наполи не ја исклучи можноста за негова продажба.

30-годишниот Кулибали сака да го напушти Наполи и верува дека сега е вистинското време да направи чекор напред во кариерата, а покрај Јувентус интерес за него покажува и Барселона.

Јувентус во наредните денови ќе испрати официјална понуда, но Наполи преферира да го продаде надвор од Италија.