фудбал

Рамос ја залечи повредата, Португалец спремен да заигра за ПСЖ

Гонсало Рамош е блиску до враќање на теренот по повредата која подолг период го оддалечи од теренот, изјави тренерот на францускиот шампион, ПСЖ, Луис Енрике.

Шпанскиот стручњак се соочува со проблеми во составот кои треба да ги реши по завршувањето на репрезентативната пауза, пред гостувањето против Тулуз во натпревар од Лига 1.

Рамош заработи повреда на глуждот на самиот почеток од сезоната, а се очекува португалскиот репрезентативец повторно целосно да тренира со своите соиграчи на 25 ноември.

„Ова е за неколку дена, така што ова е последната фаза од неговото опоравување. Што се однесува до тоа кога ќе биде на располагање за тимот, сè уште не знаеме. Ќе видиме за време на тренинзите, тој напредува одлично и е добро подготвен“, изјави Енрике пред медиумите.

Многу играчи на Пари Сен Жермен се враќаат од настапите за репрезентациите, а Шпанецот треба да размислува за ротации во тимот пред дуелите во Лигата на шампионите.


Ковачиќ се повреди со репрезентацијата, го чека пауза од еден месец

Манчестер Сити во наредните неколку недели, а можеби и еден месец, ќе мора да игра без помошта на хрватскиот играч од средниот ред Матео Ковачиќ. Повредата на Ковачиќ ја потврди менаџерот на тимот, Пеп Гвардиола, на прес-конференција, истакнувајќи дека ќе мора да се справат без него „извесно време“.

Ковачиќ го повреди бутниот мускул за време на настапот за Хрватска против Португалија во Лигата на нации.

Актуелните шампиони на Англија ги очекуваат серија тешки натпревари во споменатиот период. Сè започнува со утрешниот дуел во Премиер – лигата против Тотенхем, а до 22 декември Сити ќе се соочи и со екипи како Ливерпул, Астон Вила и Манчестер Јунајтед. Покрај тоа, тимот ќе игра и клучни натпревари во Лигата на шампионите.


Бен Вајт се повреди, Артета без дефанзивецот шест недели

Тренерот на Арсенал, Микел Артета потврди дека дефанзивецот Бен Вајт ќе биде надвор од терените најмалку шест недели. Шпанскиот стручњак призна дека англискиот дефанзивец е опериран, па затоа нема да може да игра.

„Бен имаше различни проблеми. Не се подобруваше во последните неколку недели и стигнавме до точка каде што моравме да го заштитиме играчот и затоа решивме да ја направиме оваа операција. Тој се согласи и тоа ќе го остави надвор од терените на неколку месеци. Ќе треба да видиме како ќе биде по операцијата. Но очекувам да биде надвор од теренот најмалку до после нова година, но сеуште не можам да кажам точно колку“ рече Артета.


Англичанецот Чилвел прв пик на Јуве за нов лев бек

Јувентус бара лев бек, а Бен Чилвел бара излез од „Стемфорд Бриџ“ бидејќи не игра. Двете страни оствариле контакт и може да се очекува Чилвел да пристигне во Торино во јануари и да ја засили „Старата дама“.

Англискиот репрезентативец не е во плановите на менаџерот Енцо Мареска, што се одразува и на неговиот статус во националниот тим, па затоа е цврсто решен да најде клуб каде што ќе игра.

Повредата на Хуан Кабал, кој ја заврши сезоната поради тешка повреда, го принуди Јувентус да се активира на пазарот во зимскиот преоден рок. Според информациите покрај лев бек, Јувентус бара и централен дефанзивец, бидејќи сезоната ја заврши и Бразилецот Бремер.

Чилвел го има квалитетот кој и е потребен на „Старата дама“ и може да се очекува наскоро да се постигне конечен договор.

Покрај Јувентус, интерес за Чилвел покажале Борусија Дортмунд и Вест Хем.

Чилвел е играч на челси од 2020 година, за неговиот трансфер од Лестер „сините“ издвоија 50 милиони евра.


Шведска најави жалба на службената победа на Романија над Косово

Откако УЕФА донесе одлука во корист на Романија против Косово, жалба ќе поднесе и Шведската фудбалска федерација, оти оваа репрезентација е директно засегната со пресудата.

Бесмислената одлука на косовските фудбалери да го напуштата теренот во Букурешт во 90+ при резултат 0-0 резултираше со очекувана одлука – службени 3-0 за Романија.

Ова сериозно се одрази на целиот бараж за Мундијалот 2026, иако квалификациите сѐ уште не се ни започнати.

Косоварите го напуштија теренот откако публиката скандираше „Србија, Србија“, а тоа предизвика вистински скандал во европскиот фудбал. УЕФА одлучи да го регистрира натпреварот во корист на Романија, според правилата за неоправдано напуштање и недоигрување (Романците и судиите чекаа на терен да се вратат Косоварите, а овие во соблекувалната јадеа пици).

Официјалниот резултат од 3-0 директно влијаниеше врз изгледот на претстојните мундијалски квалификации и потенцијалниот плеј-оф, а најдебелиот крај го извлече Шведска.

Имено, со тие 3-0, Романците ја прескокнаа Шведска на листата на најдобри носители на групите во Лигата на нации. Само четири победници од групите во Лигата на нации ќе се пласираат во баражот, а доколку не освојат едно од првите две места во квалификациите.

Токму Швеѓаните би можеле да отпаднат од списокот на репрезентации во баражот затоа што Романците „дадоа“ 3 гола на зелена маса против Косово, по одлуката на УЕФА.

Како што пренесува шведската TV4, Швеѓаните ќе се жалат на ваквата одлука со надеж дека УЕФА ќе ја поништи одлуката и со тоа ќе им донесе ситуација да се најдобри победници во Лига Ц на Лигата на нации.

Да потсетиме, на одлуката за официјалниот резултат се пожалија и претставници на Фудбалската федерација на Косово.


Бобан го доби спорот против поранешниот клуб

Милан незаконски го разреши Звонимир Бобан од функцијата спортски директор, одлучи Врховниот суд на Италија, а соопштија „Спорт Италија“ и фудбалски инсајдер Николо Шира. Да потсетиме, Бобан го тужеше Милан за отштета откако беше отпуштен од директорската функција во март 2020 година. На таа позиција тој помина девет месеци.

Во првата постапка судот одлучи дека клубот на Бобан мора да му плати 5.375.000 евра. Од нив, 4.125.000 евра се за материјална, а 1.250.000 за нематеријална штета, плус камати и ревалоризација и 843 евра трошоци и 51.450 евра за адвокатски трошоци.

Милан се жалеше на таа одлука, а судот во Милано во втората постапка ја намали казната на околу 4.200.000 евра, па Бобан мораше да ја врати разликата во износ од околу 1.200.000 евра.

Бобан ја обжали пресудата, а откако Врховниот суд пресуди во негова корист Милан ќе мора да му ги врати тие 1.200.000 евра.

Извесен период Бобан не се согласуваше со тогашната управа на клубот во кој главен говорник беше Иван Газидис, а потоа се огласи во интервју за „Газета дело Спорт“.

Во интервјуто тој отворено одговори на повеќемесечните гласини дека него, Малдини и тренерот Стефано Пиоли на лето ќе ги наследи еден човек, австрискиот фудбалски стручњак Ралф Рангник, кој на крајот не дојде во клубот туку ја презеде репрезентацијата на Австрија.

„До пред неколку дена мислев дека приказните за две души во клубот се невистинити и покрај разликите во културите, како и разликата во страста околу клубот. Тоа што зборуваме за ова секако не е добро. Најлошото е што овој дестабилизирачки момент се случува сега кога тимот напредува и можете да ја видите напорната работа на Стефано Пиоли. Тоа што не не предуперидија е потез без почит и елеганција. Тоа не е начин на кој се работи во Милан, или барем јас не се сеќавам дека дека така се работело“, остро рече Бобан, поради што доби отказ.


„Ако не играте добро ќе ве пратам на позајмица во Бугарија!“

Новиот тренер на Манчестер Јунајтед ги плаши своите играчи дека доколку не играат како што треба ќе заврпшат на позајмица во Бугарија.

Португалскиот стратег Рубен Аморим в недела ќе дебитира на клупата на „Црвените ѓаволи“ на гостувањето кај Ипсвич во Премиерлигата. Се надева дека дебито ќе му биде успешно со 3 освоени бодови.

Англиските медиуми пренесуваат дека Португалецот им внел страв до коски на фудбалерите со интересна закана дека ако не се залагаат на натпреварите ќе ги прати на позјамица, ама не било каде туку во Бугарија.

„Ако не се залагате ќе ве пратам на позајмица во Бугарија“, им рекол Аморим.

Оваа негова закана и тоа како е издржана бидејќи навистина направил таков потег. Кон крајот на 2019 година како тренер на вториот тим на Брага го казнил репрезентативецот на Конго, Гаис Макута, поради несериозност на тренинзите испраќајќи го на позајмица во бугарскиот тим Берое. Останал таму сезона и пол пред да се врати во Португалија, но во тимот на Боавишта.

Кутриот Макута, само тој знае како му било.


Премиер лигата ги смени и прилагоди правилата поради богатите сопственици

Премиер лигата ги усогласи своите прописи за клупско спонзорство во петокот, со одобрение од мнозинството клубови, како одговор на правната битка што ја води Манчестер Сити.

Челниците на актуелниот шампион се противеа од самјот почеток на предлогот. Станува збор за правилата што ги регулираат спонзорските договори склучени со компании поврзани со сопственици на клубови или трансакции со поврзани страни (AПT).

Целта е да се осигура дека договорите претставуваат реална пазарна вредност и дека сопствениците не можат да потпишуваат вештачки надуени спонзорски договори со своите клубови во име на сопствените компании и на тој начин на неодредено време да ги зголемуваат нивните буџети.

Арбитражната комисија во септември одлучи дека таквите правила не се во согласност со слободата на конкуренцијата и пазарот. Се чинеше дека Сити ќе го добие спорот, но сега Премиер лигата сепак гласаше за одредени измени на правилата за спонзорства.

За промена на правилата на лигата потребна е согласност од две третини, односно 14 клубови, а во овој случај согласност дале 16 од нив.

Против новите правила покрај „Граѓаните“ беа и Астон Вила, Нотингем Форест и Њукасл Јунајтед. Според новите правила, сопствениците или акционерите на клубовите ќе можат да им даваат позајмици на клубовите, но посебни комисии во чија работа ќе можат да учествуваат клубовите ќе ја одредуваат висината на овие заеми во согласност со реалната пазарна цена.

Ова сепак нема да претставува сериозен удар за најбогатите клубови, но ќе го направи процесот на зголемување на нивните буџети нешто покомплексен. Пред да ја одобрат позајмицата, сопствениците ќе треба да докажат дека клубот може да ја врати вредноста на вложените пари на пазарот преку маркетинг, ТВ права и слично.


Италија – Германија најзвучен пар во четвртфиналето на Лигата на нации

Во швајцарскиот Нион се одржа жрепката за плеј-оф двојките во разигрувањето за шампион на Лигата на нации, каде учествуваат осумте најдобри европски селекции, како и за баражите за пополнување на четирите лиги.

УЕФА од новата сезона го промени форматот на натпреварување во Лигата на нации, па наместо досегашните четири, во нокаут-фазата се пласираа осум од најдобрите селекции во неодамна завршената групна фаза. Станува збор за елитниот ранг на Лигата на нации.

Победниците од групите (Шпанија, Германија, Португалија и Франција) се носители, додека Италија, Хрватска, Холандија и Данска се без тој статус и ќе играат против номинално посилен ривал.

Хрватска извлече многу тежок противник во четвртфиналето од плеј-офот на Лигата на нации, а тоа е Франција во реприза од финалето на Мундијалот 2018.

Четвртфинални парови во Лигата на нации:

Холандија – Шпанија
Хрватска – Франција
Данска – Португалија
Италија – Германија

Плеј-оф натпреварите од елитната група ќе се играат на 20 и 23 март, полуфиналињата на 4 и 5 јуни, а финалето и мечот за третото место на 8 јуни.

Воедно, извлечени се и плеј-оф двојките за опстанок во Лигите А, Б и Ц Тука интересно ќе биде во борбата за Лига А каде Србија во двомечот за опстанок ќе игра против Австрија, која доаѓа од Лига Б.

Плеј-оф А/Б:

Турција – Унгарија
Украина – Белгија
Австрија – Србија
Грција – Шкотска

Плеј-оф Б/Ц:

Косово – Исланд
Бугарија – Република Ирска
Ерменија – Грузија
Словачка – Словенија

Плеј-оф Ц/Д:

Гибралтар – Летонија
Малта – Луксембург


Воведен трет преоден рок во Серија А

Фудбалскиот сојуз на Италија го прифати предлогот на Серија А за воведување дополнителен преоден рок следниот јуни за да им се овозможи на клубовите да регистрираат нови играчи за Светското клупско првенство.

ФИФА веќе е запознаена со овој преоден рок.

Светското клупско првенство, проширено на 32 клуба од шест конфедерации, ќе се одржи од 15 јуни до 13 јули следната година во Соединетите Американски Држави.

Со оглед на необичниот тајминг на турнирот, јасно е дека многу клубови ќе имаат играчи во нивните списоци чии позајмици или договори истекуваат на крајот на јуни.

Пократкиот преоден рок во Италија, за кој се уште се чека официјална потврда, ќе трае од 1 до 15 јуни следната година, а сите клубови, не само Јувентус и Интер, претставници на Италија на Светското клупско првенство, ќе можат да бидат активни во него.