фудбал

Баерн сака да го украде Гави од Барселона

Баерн Минхен го следи напредокот на преговорите за продолжување на договорот помеѓу Барселона и Гави.

Германскиот клуб е подготвен да ја искористи оваа ситуација и да ја активира откупната клаузула од 50 милиони евра за 17-годишниот фудбалер, објави „Мундо Депортиво“. Според изворот, Ливерпул и ПСЖ се исто така подготвени да потпишат со Гави, кој има уште една година од договорот со Барселона.

Гави минатата сезона дебитираше за првиот тим на Барселона, а на теренот беше на 46 натпревари (2 гола, 6 асистенции). Гави доби повик и во репрезентацијата на Шпанија, за која успеа да одигра шест натпревари.


Салах сигурно останува на Енфилд и наредната сезона

Мохамед Салах даде изјава во која вели дека сосема е сигурно дека тој ќе биде во Ливерпул и наредната сезона, и дека тоа нема да зависи од фактот дали тој ќе потпише нов договор со клубот.

Актуелниот договор на Египјанецот истекува во јули 2023 година, и играчот очигледно има намера да го одработи до крај. Салах пред новинарите повторно не даде конкретен одговор околу евентуалниот нов договор:

„Не сакам да разговарам за тоа во моментов. Само сакам да го видам нашиот капитен Хендерсон како го подигнува трофејот во ЛШ. Не размислувам за својот договор сега бидејќи не сакам да бидам себичен и сакам да се фокусирам на финалето со Реал Мадрид“, изјави Салах.


Хари Кејн преговара за нов договор со Тотенхем

Најголемата ѕвезда на Тотенхем, напаѓачот Хари Кејн наскоро започнува преговори со претседателот на клубот Даниел Леви, околу потпишување на нов договор.

Иако капитенот на екипата минатото лето изрази голема желба за трансфер во Манчестер Сити, до таква реализација не дојде најповеќе поради Леви кој не отстапи од барањето на високото обештетување од 120 милиони евра.

Неодамна тимот на Сити се засили со доведување на Ерлинг Халанд и го реши прашањето околу нов напаѓач, а Кејн и Тотенхем имаа одлична сезона па се пласираа во Лигата на шампиони.


Фрејзер Фостер пред потпис со Тотенхем

Тренерот на фудбалерите на Тотенхем, Антонио Конте, веројатно ќе успее да дојде до потписот на голманот на Саутемптон, Фрејзер Фостер, кој и во текот на зимата се потенцираше како можно засилување за „Спарси“.

Англискиот тим сака по секоја цена да обезбеди резервна опција за Уго Лорис кој останува како прв избор за гол-линијата.

Сегашниот резервен чувар на мрежата на англискиот состав, Пјерлујџи Голини, кој играше како позајмен од Аталанта, веројатно ќе се врати во Италија.


Лапорта: Фудбалерите на ПСЖ се робови на парите

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта е незадоволен од трансфер политиката на Пари Сен Жермен. Клубот веќе им ги украде на Шпанците Нејмар и Лионел Меси, а деновиве му зададе удар на Реал Мадрид во случајот со Килијан Мбапе.

„Фудбалерите кои отидоа таму со долгорочни договори се согласуваат да станат робови. За пари“, изјави претседателот на Барса.

„Нејмар е таков – има договор за уште 4-5 години – додаде Лапорта. „Кој не го сака овде? Тој е исклучителен, но сите овие играчи како него, кои еден ден би сакале да се вратат во Барса, мора да го сторат тоа како слободни играчи“.

„Истото важи и за Меси. Сите сакавме тој да ја заврши спортската кариера кај нас. Но, тоа беше невозможно поради правилата на финансискиот фер-плеј и поради понудата на ПСЖ до него. Зад овој клуб стои цела земја (Катар) и таму имаат многу пари“, додаде Лапорта.


Њукасл го носи Пакета од Лион

Откако Њукасл доби нови сопственици на чело со саудијскиот принц Мохамед бин Салман, клубот потроши 100 милиони евра и успеа да ја оствари целта на изминатата сезона и после очајниот старт обезбеди опстанок во Премиер лигата.

Клубот во јануари направи одличен потег со ангажманот на Бруно Гимараеш од Лион, па сега црно-белите сакаат да доведат уште еден фудбалер од истиот клуб. 

Англиските медиуми пренесуваат дека тимот ќе биде засилен со Бразилецот Лукас Пакета. За реализација на овој трансфер од Њукасл се подготвени да издвојат 59 милиони евра.


Де Геа добива нов договор на „Олд Трафорд“

Англискиот тим Манчестер Јунајтед наскоро може да го објави потписот на новиот договор со голманот Давид де Геа.

Информациите кои ги објавија англиските медиуми велат дека, нов договор со 31-годишниот шпански голман ќе биде потпишан со траење до 2025 година. Актуелниот договор на Де Геа истекува на крајот на следната сезона.

Во сезоната 2021/22, Де Геа прими 66 гола на 46 натпревари во сите натпреварувања и ја зачува мрежата на 10 натпревари. Шпанецот игра за Манчестер Јунајтед од 2011 година. Манчестер Јунајтед минатата сезона заврши на шестото место со 58 бодови и следната сезона ќе играат во Лига Европа.


Заниоло го собори рекордот на Дел Пиеро

Николо Заниоло беше херој на Рома и го постигна единствениот гол во победата на Рома над Феенорд во финалето на Конференцистака лига.

Така Заниоло стана најмладиот италијански фудбалер (22 години, 327 дена) кој постигнал гол во финалето на голем европски клупски турнир по легендата на Јувентус Алеснадро Дел Пјеро..

Дел Пјеро имаше 22 години и 200 дена кога постигна гол против Борусија Дортмунд со дресот на „Старата дама“ во финалето на Лигата на шампионите во 1997 година.

„Се чувствувам фантастично, го остварив детскиот сон. Ние сме силен тим, можеби дури сега сфативме колку сме силни“, изјави Заниоло.


Златан го оперираше коленото, неизвесно е продолжувањето на кариерата

Фудбалерот на Милан, Златан Ибрахимовиќ го оперирал левото колено во Лион, поради што ќе паузира до осум месеци, соопшти денеска италијанскиот клуб.

Во соопштението се наведува дека шведскиот фудбалер бил подложен на артроскопска операција на левото колено.

„Операцијата е планирана веќе некое време со цел Ибрахимовиќ да ја реши нестабилноста поради претходна операција на предните вкрстени лигаменти. Закрепнувањето ќе трае меѓу седум и осум месеци“, се вели во соопштението на Милан.

Четириесетгодишниот фудбалер има договор со италијанскиот клуб до крајот на јуни, а сезонава за Милан одигра 23 натпревари и постигна осум гола. Останува да се види дали Швеѓанецот ќе продолжи да игра по опоравувањето или ќе ја заврши кариерата и ќе прифати една од функциите во миланскиот клуб.


Компани го напушти Андерлехт и го презема Барнли

Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Винсент Компани, реши да ја напушти тренерската позиција во Андерлехт на која беше во изминативе три години.

Медиумите ширум Европа објавуваат дека Компани е многу блиску до враќање во Англија, но овој пат како тренер на Барнли. Ако се оствари оваа вест тогаш задача на стручњакот од Белгија ќе биде враќање на клубот во Премиер лигата после отпаѓањето оваа сезона.