фудбал

Кјелини потврди дека го напушта Јувентус

Искусниот дефанзивец на „Старата дама“, Џорџо Кјелини, потврди дека на крајот од сезоната ќе си замине од Јувентус.

Тој во својата последна сезона ќе го напушти Јуве без освоена титула, бидејќи клубот испадна од натпреварувањето во купот на Италија, а нема да биде ниту шампион во Серија А.

„Поминав прекрасни години во клубот. Сега е ред некои други фудбалери да ја продолжат мојата работа. Дадов се што имав и одиграв најдобро што можев. Се надевам дека оставив добра трага во клубот. Наскоро ќе бидам најголем навивач на Јувентус“, изјави 37-годишниот дефанзивец.

Кјелини го носи дресот на Јувентус од 2005 година, и со тимот освои 9 шампионски титули и пет национални купа.


Украинецот Јармоленко заминува од Вест Хем на крајот од сезоната

Андриј Јармоленко ќе го напушти лондонскиот клуб на крајот од оваа сезона.

Договорот на Јармоленко со Вест Хем истекува следното лето, а двете страни не се договориле за продолжување на соработката. Неколку месеци претходно, раководството на „чеканите“ му дозволи на Андреј Јармоленко отсуство од лични причини поради ситуацијата во Украина, но веќе кон средината на март фудбалерот се врати на теренот.

Да потсетиме, Јармоленко се пресели во Вест Хем од Борусија Дортмунд во јули 2018 година. Трансферот изнесуваше 20 милиони евра, а претходно играше за Динамо Киев.

Украинецот оваа сезона одигра 30 натпревари за Вест Хем, постигна три гола и една асистенција. Интернет порталот Трансфермаркт ја проценува пазарната вредност на 32-годишниот Јармоленко на 3,5 милиони евра.


Бројот на странци во ракометната Суперлига останува непроменет

Управниот одбор на македонската ракометна федерација, го прифати барањето на двата најреномирани ракометни клуба Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, бројот на дозволени играчи од странство по натпревар во Суперлигата да остане непроменет.

Од страна на РФМ имаше план од постојните осум, од следната сезона бројот на дозволени странци во еден тим да биде шест. Меѓутоа со прифаќањето на барањето од двата клуба, и наредната сезона екипите кои ќе се натпреваруваат во домашната Суперлига ќе можат да регистрираат по осум странци на еден натпревар.


Марота: Интер не го сака Дибала ова лето

Директорот на Интер, Бепе Марота, ги негира шпекулациите дека ќе го купи Паоло Дибала кој на крајот на сезоната ќе го напушти Јувентус.

„Ние ги имаме најдобрите напаѓачи и нема потреба да се засилуваме во тој дел од екипата“, изјави кратко Марота.

Аргентинскиот фудбалер откако одби да ја продолжи со работката со „старата дама“ во текот на летото ќе се обиде да издејствува нов ангажман. За неговиот потпис се заинтересирани неколку екипи од Германија и Италија.


Заниоло од Рома е тајното засилување на Малдини во Милан

Николо Заниоло важи за еден од најголемите италијански таленти, а на лето би можел да ја напушти Рома.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Милан се вклучил во трката за неговиот потпис и дека Италијанецот е најголема желба на Паоло Малдини.

„Росонерите“ подготвуваат понуда за 22-годишниот офанзивен играч кој има договор со Рома до 2024 година.

Заниоло одбива да го потпише нов договор со „волчицата“, па тоа ќе ја натера Рома сериозно да размисли да го продаде на лето.


Рома во ЛШ е следната мисија на Жозе Мурињо

Тренерот на фудбалерите на Рома, Жозе Мурињо, планира да остане во Рим и во наредната сезона за да ја однесе „волчицата“ во Лигата на шампионите.

Сега тој стигна до финалето на Конференциската лига додека во Калчото не успеа да обезбеди место меѓу првите четири екипи и да влезе во елитата на Европа.

„Ќе се обидеме да влеземе во Лигата на шампионите но, кога ќе го погледнете изборот на Интер, Милан и Јувентус, ќе разберете дека три од првите четири места се окупирани. Има четврто место, мислам дека можеме да го направиме тоа“, изјави Мурињо.


Фабињо нема да игра во финалето на англискиот ФА Куп

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, потврди дека Бразилецот Фабињо, сепак нема да може да настапи за својот тим во финалето на ФА Купот против Челзи.

Фабињо ќе мора да одмора уште најмалку неколку дена поради повредата која ја доби на натпреварот против Астон Вила во Премиер лигата.

Финалето на англискиот ФА Куп е на распоред во Сабота на стадионот „Вембли“ во Лондон.


Анчелоти: Мојата работа во Реал е лесна

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, е во центарот на вниманието од фудбалската јавност, поради неговиот успех со екипата, која неодамна ја освои титулата во шпанската Примера, и стана финалист во Лигата на шампионите. 

Италијанецот е единствениот тренер на светот кој освоил пет титули во петте најсилни лиги во Европа.

„Во Реал ми оди добро поради одличниот однос кој го имам со фудбалерите. Никој од нив не ми прави проблеми. Во минатото имав случаи кога некои од моите играчи не беа задоволни од моите одлуки, но сега е сосема поинаку. Сите играчи кои сега играат за Реал се големи професионалци и никој не прави проблеми во случај на некој од натпреварите да бидат на клупата за резерви. Тоа е разликата помеѓу Реал Мадрид и останатите клубови“, изјави Анчелоти.


Пет кандидати за тренер на годината во Премиер лигата

Списокот со кандидати за најдобар тренер во сезоната 2021/22 во англиската Премиер лига е скратен на пет имиња.

Меѓу кандидатите, очекувано се наоѓаат тренерите на двата тима кои се борат за титулата, Јирген Клоп и Пеп Гвардиола.

Освен нив двајцата, на листата се најдоа и тренерот на Њукасл, Еди Хау, Патрик Виeра од Кристал Палас, и тренерот на Брентфорд, Томас Франк.

Гласањето за победникот ќе го одредат навивачите кои се 10 проценти од вкупниот број гласови, а свој дел при гласањето имаат и панел членовите на премиер лигата, како и тренерите и капитените на екипите.


Агуеро доби своја статуа во Манчестер

Фудбалскиот клуб Манчестер Сити, ја промовира статуата на својот поранешен напаѓач Серхио Агуеро.

Статуата која се наоѓа пред стадионот „Етихад“ е подигната на десетгодишнината од голот кој Аргентинецот го постигна на 13.мај 2012 година, со кој екипата на Сити го совлада Квинс Парк Ренџерс и ја освои титулата во Премиер лигата.

Агуеро голот за победа го постигна во 94.минута од натпреварот,за конечен резултат од 3:2, по што предизвика еуфорија на стадионот во Манчестер.