фудбал

Дибиров се предомисли и ќе игра во Вардар и следната сезона

Ракометниот клуб Вардар 1961, објави вест која ќе ги израдува фановите на клубот. Имено, според информациите, Русинот Тимур Дибиров останува во екипата најмалку до јуни 2023 година, со можност за продолжување на соработката.

Дибиров е еден од најискусните играчи во Вардар и ракометар со најдолг стаж во екипата. Тој е миленик на ракометната публика и вистински лидер на тимот.

„Среќен сум што останувам во Вардар. Не можзам да се замислам да играм за друг клуб и во друг дрес. Им благодарам на сите за поддршката. Се договоривме со клубот за продолжување на соработката и заедно да постигнуваме добри резултати како и досега“, изјави Дибиров.


Пандев ја продолжува кариерата за уште една сезона?

Медиумите во Италија објавија дека 38-годишниот Горан Пандев е во дилема дали да продолжи со играњето фудбал за уште една сезона.

Македонскиот интернационалец од јануари е член на Парма и се натпреварува во Серија Б. За клубот постигна еден гол и една асистенција на 11 натпревари. Поради повреда Пандев не го одигра последниот натпревар од сезоната која Парма го одигра на 6.мај.

Според информациите постојат изгледни шанси Пандев да одигра уште една сезона, доколку до него пристигне конкретна понуда.


Опстанокот со Евертон ми е поважен од секоја титула со Челзи

Менаџерот на Евертон, Френк Лампард, призна дека доколку успее да го спаси местото на тимот во Премиер лигата, тоа ќе биде негов најголем успех во досегашната тренерска кариера.

„Кога ја доживуваш битката за опстанок, тоа целосно те исцрпува, но сакаш да ја направиш вистинската работа бидејќи гледаш колку е тоа важно за клубот“, изјави Лампард.

„Предизвикот да се спаси Евертон е поголем отколку кога станав шампион во Премиер лигата бидејќи сфаќам колку е важно за клубот. Освен тоа, финансискиот аспект е многу поважен отколку што можете да замислите“, искрен е Лампард.


Викторија Плзен ја освои титулата првак на Чешка

Викторија Плзен стана чешки шампион по шестипат во својата историја. По победата од 2-0 како гостин кај Храдец Кралове во натпреварот од 4. коло ово доигрувањето, Викторија успеа да ја обезбеди шампионската круна.

Тимот веќе има 82 бода, а главниот конкурент Славија Прага има 78, откако на гостувањето кај Бањик Острава дозволи изненадувачко реми 1-1. Плзен е недостижен на врвот, бидејќи до крајот останува само едно коло.


Меси е најплатениот светски спортист во 2022 година

Американскиот магазин „Форбс“ објави податок според кој, ѕвездата на ПСЖ и аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Меси е најплатен светски спортист во 2022 година, со заработка од 130 милиони американски долари.

Иако на фудбалски план, неговата сезона во ПСЖ не е баш на завидно ниво, сепак Меси од финансиска гледна точка оставрува огромни заработки.

На второто место од листата се најде Леброн Џејмс од ЛА Лејкерс со 121 милион долари, додека третата позиција му припаѓа на Кристијано Роналдо кој успеа да инкасира 115 милиони долари.


Ајакс го назначи наследникот на Тен Хаг

Холандскиот шампион Ајакс официјално објави дека тренерот на Бриж, Алфред Шредер ќе го замени Ерик тен Хаг на позицијата главен тренер на екипата. 

49-годишниот тренер на белгискиот тим ќе се приклучи на екипата по завршувањето на оваа сезона, а неговиот договор ќе биде на две години.

Тен Хаг веќе и официјално е назначен како нов тренер на Манчестер Јунајтед, а ќе ја преземе функцијата по завршувањето на актуелната кампања.

Шредер има работено во Ајакс и претходно, како асистент во Тен Хаг во 2018 и 2019 година.


Французинот Турпан ќе го суди финалето на ЛШ

Французинот, Клемен Турпин, ќе го суди финалето во Лигата на фудбалските шампиони меѓу Ливерпул и Реал Мадрид закажано на 28 мај на стадионот во Париз.  Тој беше во улога на четврти судија во пресметката на двата клуба во финалето пред четири години во Киев кога Шпанците победија со 3-1.

Турпин досега се покажа како „таличен “ за Реал Мадрид бидејќи се појави на дуелите со Челзи победа 3-1, потоа со Лудогорец (4-0), Рома (2:0) и Интер (3-2). Французинот им судел и на „црвените“ и тоа против Спартак (Москва) (1-1) и против РБ (Лајпциг) (2-0).

Романецот, Иштван Ковач, ќе биде судија на дуелот Рома – Феенорд во Лигата на конференциите (25 мај) а Славко Винчич од Словенија на финалето во Лига Европа меѓу Ајнтрахт – Ренџерс на 18 мај.


Перишиќ му го донесе италијанскиот Куп на Интер

Фудбалерите на Интер се освојувачи на 75. издание на „Копа Италија“. Играчите предводени од тренерот Инзаги, на Олимпискиот стадион во Рим го победија Јувенус со резултат 4:2 после одигрување на продолженија. Во регуларниот дел од средбата, резултатот беше 2:2.

Јунак во тимот од Милано беше Хрватот Иван Перишиќ, кој во продолженијата ги постигна двата гола за екипата. Јувентус имаше водство на натпреварот од 2:1 до 80. минута. 

Ова е прв трофеј во Купот за Интер уште од 2011 година, а вкупно осми во клупската историја. Повеќе трофеи имаат само Јувентус, 14, и Рома со 9.


Несторовски ќе го одигра последниот натпревар за Удинезе

Македонскиот голгетер, Илија Несторовски, во сабота ќе го одигра својот последен натпревар во дресот на Удинезе. Неговиот договор со клубот истекува на крајот од сезонава и истиот нема да биде продолжен.

Несторовски пристигна во тимот на Удинезе во 2019 година, а неговата следна фудбалска дестинација ќе биде позната во периодот што следува. За напаѓачот постои интерес од неколку клубови кои се членови на италијанската Серија А и Серија Б.


Едвардс ќе го наследи Хоџсон на клупата на Вотфорд

Роб Едвардс кој деновиве ја освои титулата во Лига 2 со екипата на Форест Грин и веднаш потоа го напушти клубот ќе биде новиот менаџер на фудбалерите на Ватфорд.

Тој ќе го наследи Рој Хоџсон кој ќе си замине на крајот на сезоната откако неговиот тим не успеа да обезбеди опстанок во Премиер Лигата.

Според англиските медиуми, Едвардс во договорот со Форест Грин имал клаузула која му овозможувала да си замине кога ќе заврши првенството иако луѓето од клубот реагираат, дека 39 годишниот тренер тајно преговарал со Ватфорд.