фудбал

Конте: Полесно е да се освои Лигата на шампионите отколку Премиер лигата

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте вели дека се согласува со Гвардиола за тежината да се освои англиската Премиер лига.

„Освојувањето на лигата во Англија не е лесно. Гвардиола рече дека Ливерпул освоил само една титула во последните 30 години. Можеби понекогаш е полесно да се освои Лигата на шампионите или некое друго натпреварување отколку лигата во Англија“, смета италијанскиот стратег.


Ајакс со нова шампионска титула во Холандија

Фудбалерите на Ајакс пред крајот на холандското првенство ја обезбедија 36-та шампионска титула во својата историја. 

Избраниците на Ерик Тен Хаг убедливо со 4-0 на „Амстердам Арена“ го победија Херенвен и со тоа ги задржаа недостижните четири бода предност пред ПСВ.

Клубот од Амстердам на крајот на сезоната ќе остане без тренерот Тен Хаг, кој ќе се пресели во Манчестер Јунајтед, додека десниот бек Нусаир Мазрауи ќе замине во Баерн Минхен.

Ајакс е рекордер со 36 шампионски титули, ПСВ има 24, а двоцифрен број трофеи имаат и Феенорд 15 и Ден Хаг 10.


Агентот на Габриел Жесус не ја исклучува можноста за премин во Арсенал

Марсело Петинати, агентот кој го застапува напаѓачот на Манчестер Сити, Габриел Жесус, проговори за евентуалната преселба на неговиот клиент во Арсенал.

„Имавме разговори со Арсенал за Габриел Жесус, ни се допаѓа проектот на овој клуб и разговараме за можноста за трансфер. За Габриел се заинтересирани уште шест клубови. Тој е фокусиран на последните натпревари од сезоната за Манчестер Сити. Да видиме што ќе се случи“, изјави агентот на Габриел Жесус.

Претходно беше објавено дека Манчестер Сити е подготвен да го пушти бразилскиот напаѓач откако го ангажираше Норвежанецот Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд. Габриел Жесус оваа сезона одигра 39 натпревари за Манчестер Сити, постигнувајќи 13 гола и 12 асистенции.


Европското првенство ќе почне во Минхен и ќе заврши во Берлин

УЕФА заедно со Германија како организатор на следното Европско фудбалско првенство во 2024 година, ги објави градовите кои ќе ја имаат улогата на домаќини на натпреварите.

Европското првенство во Германија ќе се игра во десет градови: Берлин, Хамбург, Лајпциг, Дизелдорф, Франкфурт, Дортмунд, Гелзенкирхен, Франкфурт, Штутгарт, Келн и Минхен.

Интересно, ова се истите градови кои беа домаќини и на Светското првенство во 2006 година, со исклучок на Кајзерлсаутерн и Нирнберг.

Отворањето и првиот меч ќе бидат на 14 јуни на „Алијанц Арена“ во Минхен, додека финалето ќе се игра на 14 јули на Олимпискиот стадион во Берлин.

На првенството ќе учествуваат 24-те најдобри европски селекции кои ќе бидат поделени во шест групи со по четири селекции, а титулата ќе ја брани репрезентацијата на Италија.


Прага ќе биде домаќин на второто финале на Конференциската лига

Финалето на Конференциската лига на УЕФА во 2023 година ќе се одржи на 7 јуни на „Еден Арена“ во Прага, соопшти УЕФА.

Одлуката беше одобрена од Извршниот комитет на УЕФА по состанокот во Виена. Овогодинешното финале меѓу Рома и Феенорд во истото натпреварување ќе се одигра на 25 мај на „Арена Комбетаре“ во Тирана, Албанија.

Конференциската лига, третиот по големина европски клупски фудбалски турнир по Лигата на шампионите и Лигата на Европа, ја забележа својата прва сезона токму оваа година.


Наполи ја одби првата понуда на Њукасл за Осимен

Њукасл се обиде да го ангажира напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, но првата понуда на англискиот клуб беше одбиена од Италијанците.

Според изворот, „наполитанците“ не биле задоволни од сумата што англискиот клуб ја понудил за 23-годишниот нигериски напаѓач. Наполи е подготвен да ги разгледа сите понуди за Осимен за најмалку 100 милиони евра.

Актуелниот договор на нигерискиот напаѓач со наполитанците е до летото 2025 година.


Бензема останува во Реал Мадрид до 2024 година

Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ќе ја продолжи верноста со Реал Мадрид, потпишувајќи нов договор со важност до 2024 година.

Според информациите од Шпанија, сите детали околу новиот договор се усогласени, и се очекува негово официјализирање после финалето од Лигата на шампионите. Кралскиот клуб во финалето на 28 мај во Париз за противник ќе го има англискиот премиерлигаш Ливерпул.

Францускиот голгетер без дилема е главниот играч на Реал, и е најзаслужен за успесите на клубот  оваа сезона.


Велковски на крајот од сезонава заминува од Риека

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Дарко Велковски, по завршувањето на сезонава дефинитивно ќе ја напушти екипата на Риека.

Велковски е член на хрватскиот клуб од 2018 година, а неговиот договор завршува овој јуни. Неговото заминување не е изненадување за спортската јавност, а оваа вест ја потврди и весникот „Спортске Новости“. 

Во текстот се најавува голема реконструкција на тимот на Риека, и се истакнува фактот дека македонскиот дефанзивец не се вклопува во идните планови на челниците на клубот.


Васоски поднесе оставка по ремито со Железничар

Александар Васоски поднесе оставка на функцијата тренер на ФК Сараево по вчерашниот дерби дуел со Железничар кој заврши нерешено 1-1. Нашиот стручњак решил да ја напушти клупата на Сараево и тоа и го соопштил и на управата на клубот.

Васоски на прес-конференцијата по мечот истакнал дека чувствува одговорност за лошите резултати на тимот и решил да си замине.

„Чувствувам одговорност и решив да поднесам оставка. Им благодарам на клубот и на навивачите за се“, изјави македонскиот стратег.

Васоски минатата зима пристигна на клупата на Сараево. Тој го предводеше тимот на 15 натпревари и има учинок од четири победи, три нерешени и четири порази.


Погба доби понуда од Јуве, можен е кам-бек во Торино

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, ќе добие понуда да се пресели или подобро речено да се врати во редовите на Јувентус.

29-годишниот Французин кој има договор до јуни, ќе мора да прифати намалување на платата за околу 50% доколку се определи да замине во Торино. Играчот од средниот ред во англискиот клуб добива околу 15 милиони евра годишно а Јуве ќе му дава максимално 7-8 милиони со бонуси.

Погба во сезонава постигна еден гол и направи девет асистенции на 27 натпревари одиграни во сите конкуренции.