фудбал

ФИФА отвора трет преоден рок

Светската фудбалска централа (ФИФА) предлага отворање на нов преоден рок во периодот од 1 до 10 јуни и сите федерации можат да го искористат овој период, пренесува шпанскиот весник „Марка“.

Мотивот за новиот преоден рок е склучување договори пред Светското клупско првенство во 2025 година, како и продолжување на договорите на играчите кои истекуваат пред крајот на првенствата.

Новото издание на Светското клупско првенство следното лето ќе се одржи во САД, а натпреварувањето ќе започне на 15 јуни и ќе трае речиси еден месец. Со оваа мерка, ФИФА сака да им олесни на играчите да најдат нови тимови, како и да им даде повеќе време на клубовите да ги завршат сите зделки.


Џенова официјално понудена на продажба

Италијанскиот клуб Џенова на продажба, потврди извршниот директор Андрес Бласкуез.

Клубот од Серија А е во сопственост на инвеститорите од „777 Партнерс“ кои во 2021 година влегоа во клубот кога тој беше во Серија Б. Наредната сезона успеаа да ја вратат Џенова и во највисокиот ранг од натпреварувањето.

Бласкез во својата изјава се обиде и да ги смири навивачите истакнувајќи дека финансиската ситуација не е доведена во прашање, но истовремено порача дека не е сигурен дека нема да продаде ниту еден играч во зимскиот преоден рок.

Џенова под водство на Алберто Џилардињо во овој момент се наоѓа на 17. место на табелата во Серија А и е блиску до зоната за испаѓање.


Јовиќ ќе го менува повредениот Милик во Јувентус

Италијанските медиуми пишуваат дека Лука Јовиќ во јануарскиот преоден рок ќе го напушти Милан и ќе се пресели во големиот ривал.

Милан ова лето го продолжи договорот со Јовиќ, но потоа ги доведе Мората и Абрахам, па Србинот сега е трета опција во нападот.

Поради тоа „росонерите“ сакаат да се ослободат од него, а неговиот агент Рамадани веќе му бара нов клуб.

Најсилен интерес покажува Јувентус, кој го сака Јовиќ поради повредата на Милик.


Кавани доби нов договор во Бока Јуниорс

Уругвајскиот фудбалер Единсон Кавани официјално го продолжи договорот со Бока Јуниорс до 2026 година.

Кавани пристигна во Бока пред две една година и досега постигна 20 гола на 43 натпревари, со што бргу ги освои симпатиите на навивачите и стана еден од нивните миленици.

37-годишниот Уругваец претходно во кариерата беше дел од Данубио, Палермо, Наполи, ПСЖ, Манчестер Јунајтед и Валенсија. Новиот договор со Бока е со важност до 31 декември 2026 година.


Карвахал сериозно го повреди коленото и го чека долга пауза

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Дани Карвахал е тешко повреден по победата на неговиот тим над Виљареал со 2-0.

Десниот бек беше принуден да го напушти теренот со солзи во очите. Во текот на ноќта тој самиот на социјалните мрежи објави дека ги скинал вкрстените лигаменти на десното колено и дека треба да се оперира.

Тоа значи дека сезоната за дефанзивецот на Реал Мадрид завршува, пишува „АС“.


Погба ќе се врати на терените, но дали во дресот на Јуве?

Луѓето од Јувентус имаат намера да го раскинат договорот Пол Погба кој одлежува суспензија поради користење на допинг, велат последните најави од фудбалска Италија.

Причина за таа одлука е големата плата на фудбалерот кој има тековна соработка до летото 2026 година.

Судот за спортска арбитража (CAS) вчера ја намали суспензијата на Французинот од четири години на 18 месеци. 31-годишниот беше позитивен на тестостерон.


Левандовски добива нов двегодишен договор со Барселона?

Барселона ќе го задржи фудбалерот, Роберт Левандовски, до летото во 2026 година, објавија денеска медиумите во Шпанија.

Тоа значи дека полскиот голгетер ќе го одработи до крај тековниот договор со Каталонците. 36-годишниот ветеран во тековнава сезона одигра 10 натпревари на кои забележа 9 голови и направи две асистенции.

Според одредени проценки неговата пазарна вредност е 15 милиони евра.


Агонијата заврши, Трап се враќа на голот на Ајнтрахт

Голманот на Ајнтрахт Франкфурт, Кевин Трап, ја санирал повредата и ќе му биде на располагање на тренерот, Дино Топмолер, за утрешниот меч против Баерн Минхен во рамките на Бундес-лигата на Германија.

Фудбалерот денеска ќе ги има последните лекарски прегледи по што ќе се знае дали ќе биде пријавен за мечот со Баварците.

Ајнтрахт Франкфурт победи на последните четири натпревари во Бундеслигата и заостанува само еден бод зад Баерн.


Драконска казна за Осмајиќ од Престон

Напаѓачот на Престон, Црногорецот, Милутин Осмајиќ е
суспендиран на осум натпревари за гризнувањето на фудбалерот
на Блекбурн Овен Бек за врат за време на натпреварот од
Чемпионшип.
Фудбалскиот сојуз на Англија освен со суспензија го казни
Осмајиќ и со парична казна од 15.000 фунти.
Инцидентот се случи пред крајот на натпреварот кој се играше на
22 септември. Напаѓачот го призна својот неспортски потег, но тоа
не му помогна да избегне сериозна казна.


Европската унија го стави под прашалник третиот преоден рок на ФИФА

Судот на правдата на Европската унија (ЕУ) денеска пресуди
дека одредени правила на Меѓународната фудбалска федерација
(ФИФА) кои ги регулираат трансферите на играчи меѓу клубовите
се во спротивност со законите на ЕУ.
Одлуката доаѓа откако поранешниот француски репрезентативец
Ласана Дијара правно ги оспори правилата на ФИФА по спорот со
клубот кој датира од пред 10 години.
Дијара тврди дека ограничувањата на ФИФА значат дека тој не
може да најде нов клуб откако неговиот договор со Локомотив
Москва беше раскинат во 2014 година.
Правилата на ФИФА велат дека ако играчот го раскине договорот
без „праведна причина“, играчот и секој клуб што сака да го
ангажира се заеднички одговорни за плаќање на отштета на
претходниот клуб.
„Тие правила го попречуваат слободното движење на играчите и
конкуренцијата меѓу клубовите. Станува збор за такви што го
попречуваат слободното движење на професионалните
фудбалери“, се вели во соопштението на судот.
Судот додаде дека сегашните правила „наметнуваат значителни
правни, финансиски и спортски ризици за играчите и клубовите
што сакаат да ги вработат и кои ги попречуваат меѓународните
трансфери на играчи“.