фудбал

Чаби Алонсо и догодина ќе го води Баер Леверкузен

Спортскиот директор на Баер Леверкузен, Симон Ролфес, стави крај на сите шпекулации околу иднината на тренерот Чаби Алонсо. Тој категорично потврди дека шпанскиот стратег ќе остане на кормилото на актуелниот германски шампион и следната сезона.

„Не, тој останува. Нема ништо друго. Тој ми кажа дека нема дилеми. Има договор со нас,“ изјави Ролфес по победата на Баер Леверкузен од 3-1 против Бохум.

Клубот од Леверкузен е во игра за нова титула во Бундеслигата и се подготвува за полуфиналето од Купот на Германија против Арминија Билефелд, што ќе се игра во вторник.

Во последниот период интензивно се зборуваше за можен камбек на Алонсо во Реал Мадрид. Сепак, Ролфес не гледа причина за загриженост.

„Во сите разговори што ги имавме за оваа и следната сезона, сме во постојана и отворена комуникација. Тоа е ситуацијата“, додаде Ролфес.

Алонсо го презеде Баер Леверкузен во октомври 2022 година и има договор со клубот до 2026. Иако минатото лето беше поврзуван со Баерн Минхен и Ливерпул, тој одлучи да остане и да ја продолжи успешната приказна со Фармацевтите.


Меси погоди против Филаделфија и голот му го посвети на Ѓоковиќ

Лионел Меси беше стрелец за Мајами во победата од 2-1 над Филаделфија, а голот го прослави во тениски стил.

Меси беше надвор од терените од 16-ти март поради повреда, ги пропушти меѓународните натпревари со националниот тим, а веднаш по враќањето, тој покажа колку е решителен на теренот.

За многумина овојпат беше помалку важно како Меси го постигна голот, туку како го прослави. Инспирација му беше Новак Ѓоковиќ, со кого неодамна се сретна на турнир во Мајами, каде Новак стигна до финалето.

Потоа се сликаа, се дружеа, разговараа, а по голот против Филаделфија, Меси уште еднаш ја покажа својата наклонетост кон најдобриот на сите времиња – го прослави голот симулирајќи удар со форхенд.

Новак дефинитивно ќе биде среќен кога ќе види колкава почит има од оној што многумина го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња и како тоа му го покажува на целиот свет.

Голот на Меси против Филаделфија беше негов втор сезонава во МЛС лигата.


Кардозо од Бетис се сели во Тотенхем

Фудбалерот на Бетис, Џони Кардосо, во текот на летото ќа ја напушти Шпанија и ќе се пресели во англискиот елитен состав Тотенхем. Дефанзивецот кој може да игра и во средината на теренот, самиот се пофали на социјалните мрежи дека ќа ја промени средината.

„Тоа ме тера да се чувствувам ценет затоа што добро работам. Сакам да растам како личност на теренот и надвор од него“ – рече американскиот интернационалец.

Според објавеното, популарните „спарси“ ќе имаат само две недели да го комплетираат трансферот и да платат 21 милион фунти.


Атлетико донесе само бод од гостувањето кај Еспањол

Еспањол освои значаен бод во борбата за опстанок во Примера, откако во 29.коло одигра 1-1 со Атлетико Мадрид.

Атлетико поведе со спектакуларниот гол на ветеранот Аспиликуета во 38. минута. Во второта сезона во дресот на Атлетико, Аспиликуета го постигна првиот гол.

Тој резултат стоеше до 71. минута, кога Пуадо од пенал израмни за Еспањол. Ленгле направи глупав фаул врз Кабрера во борба за позиција. Ова беше единствениот шут во рамките на голот на Еспањол во текот на натпреварот.

Атлетико ја прекина серијата од два порази, а по деветтото реми во првенството се наоѓа на третото место во поредокот со 57 бодови. Со ова реми Атлетико веројатно испадна од шампионската трка.

Еспањол ремизираше по осми пат во шампионатот и со 29 бода се наоѓа на 15. место во поредокот.


Сане заминува од Баерн на крајот од оваа сезона

Фудбалерот на Баерн Минхен, Лерој Сане, веројатно во текот на летото ќе си замине од Алијанц Арена како слободен играч бидејќи не го продолжи договорот со Баварците, најавуваат дел од медиумите.

Според објавеното, брзоногиот играч не е задоволен од понудените услови и сака да ја промени средината. 29-годишникот влегува во плановите на Арсенал.

„Топчиите“ кои имаат големи проблеми во нападот, веројатно ќе сакаат да ја искористат целата ситуација и да го обезбедат потписот на германскиот репрезентативец.


Тудор дебитираше со победа, Јилдиз ја сруши Џенова

Хрватскиот тренер Игор Тудор забележа победа во своето тренерско деби за Јувентус. Неговиот тим забележа победа против Џенова во Торино, натпреварот заврши со резултат 1-0. По оваа победа Старата дама заостанува еден бод зад четвртопласираната Болоња.

Јувентус поведе во 25. минута од натпреварот, кога стрелец беше Кенан Јилдиз. Турскиот напаѓач постигна одличен гол. Акцијата започна така што Тудор брзо реагираше откако топката излезе надвор од границите и му ја додаде на Теун Купмајнерс. Тој му ја додаде на Душан Влаховиќ, а по неговиот дуел топката стигна до турскиот напаѓач. Тој ја прими топката на околу 30 метри од противничкиот гол, вертикално се залета и се ослободи од Кони де Винтер кој го бранеше и ефектно ја заврши акцијата.

Резултатот 1-0 остана до крајот на натпреварот.

Инаку ова беше 15.натпревар од почетокот на сезната на кој Јувентус не прими гол. Рекордот од 22 натпревари без примен гол е во сосптвеност на Милан од 1993 година.


Вардар со три бода се враќа од дербито на дожд во Битола

Вардар попладнево го победи Пелистер со 1-3 во дербито на 25. коло на Првата македонска фудбалска лига.

„Црвено-црните“ до триумфот на тешкиот терен дојдоа со двата гола на Мато во последните 15 минути, откако на полувреме резултатот беше нерешен 1-1.

Другите средби од ова коло се играат в понеделник. Двојките се:

Гостивар – Воска Спорт
Работнички – Беса
Шкендија – Брера
Силекс – Тиквеш
Струга – Шкупи.

Табела: Шкендија 50 бода, Силекс 48, Работнички 45, Гостивар 44, Струга 38, Шкупи 31, Пелистер 29, Вардар 25, Тиквеш 21, АП Брера 21, Беса 21, Воска 19.


Сити нуди 60 милиони евра за Камбиасо од Јуве

Манчестер Сити ја игра најлошата сезона во последната деценија, поради што клупските челници, заедно со тренерот Пеп Гвардиола, решија да направат целосен ремонт. Сити со ремонтот започна во јануари, кога се засили со четворица играчи, а според англиските медиуми веќе е познато кој играч ќе биде првото засилување во летниот преоден рок.

Станува збор за дефанзивецот на Јувентус, Андреа Камбијазо, кого клубот од Манчестер се обиде да го доведе во јануари.

Овој 25-годишен дефанзивец е проценет на 60 милиони евра.

Менаџерот Пеп Гвардиола инсистира да го доведе бидејќи верува дека Италијанецот ќе успее да си го реши проблемот на левата страна.

Поради ова, раководството на клубот веќе подготви пари за обештетување и се очекува Камбијазо да биде првото засилување за „Граѓаните“ ова лето.


Милер по 25 години го напушта Баерн

Томас Милер по завршувањето на сезоната ќе го напушти Баерн Минхен. „Билд“ објави дека преговорите околу новиот договор не вродиле со плод.

Милер е во Баерн од својата 10-година, значи дресот на славниот клуб го носи 25 години. Беше предводник на секоја генерација на Баерн во последните речиси две децении.

За време на репрезентативната пауза билеа одржани неколку средби меѓу Милер и Макс Еберл, како и Кристофер Фројдн, кој е задолжен за спортските работи во баварскиот клуб.

„Билд“ објави дека договор не бил постигнат, па сигурно е дека Милер би можел да го напушти клубот и да бара нова клуб, бидејќи се уште нема намера да се повлече од фудбалот.

Милер оваа сезона одигра само 11 натпревари како стартер, а на 23 влезе од клупата за резерви, забележа по пет гола и асистенции.

Вкупно, Милер одигра 741 натпревар за првиот тим на Баерн, постигна 247 голови и забележа 273 асистенции.

Тој освои два трофеи во Лигата на шампионите, две титули на Светското клупско првенство, 12 трофеи во Бундес лигата и шест германски купови.


Пиоли пред заминување од Саудиска Арабија

Стефано Пиоли наскоро би можел да се врати во Серија „А“
Според италијанските медиуми, поранешниот тренер на Милан и актуелен на Ал-Наср е еден од кандидатите за преземање на Рома.

Според новинарот Џанлуиџи Лонгари, Пиоли не планира да го продолжи престојот во Саудиска Арабија.

И покрај многу поволниот договор, Италијанецот има намера да бара нов предизвик.

Според италијанските медиуми тој би можел да се врати повторно во Калчото. Тренерот на Рома, Клаудио Раниери најави заминување на крајот од сезоната, а раководството на „волчицата“ планира да започне преговори со Пиоли како потенцијална замена.

За потсетување, Пиоли го презеде Ал-Наср во септември 2024. Со Кристијано Роналдо во тимот досега има забележано 21 победа, 6 нерешени и 6 порази во сите натпреварувања.

Во текот на својата кариера раководеше со бројни италијански клубови – меѓу кои Милан, Интер, Фиорентина, Лацио, Болоња…