фудбал

Фирмињо блиску до 100 голови за Ливерпул

Напаѓачот Роберто Фирмино е на само 2 гола од бројката 100 за Ливерпул откако постигна два погодоци во ремито од 3-3 над Бенфика во Лигата на шампионите.

Бразилецот можеше да заврши со хет-трик, и повторно покажа дека ЛШ е турнир кој му лежи, откако претходно постигна важни голови против Порто и Интер.

Фирмињо засега има 98 гола во 332 натпревари за „црвените“ и наскоро ќе ја достигне границата од 100 погодоци во сите натпреварувања.


Мурињо го носи Лингард во Рома

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо сака да го доведе во тимот фудбалерот на Манчестер Јунајтед Џеси Лингард. Се очекува 29-годишниот офанзивец да го напушти „Олд Трафорд“ ова лето како слободен играч бидејќи неговиот договор истекува во јуни.

Мурињо сака да ја искористи можноста да го донесе Лингард на Олимпико без да плати обештетување за играчот. Во екипата од Рим веќе има голем број фудбалери кои играле во англиската Премиер лига , како Михтарјан, Смолинг, Ејнсли Мејтланд-Најлс и Теми Абрахам.

За 29-годишниот Лингард наводно се заинтересирани и Милан, Јувентус, Вест Хем и Њукасл.


Три премиерлигаши го сакаат Осимен од Наполи

Манчестер Јунајтед, Њукасл и Арсенал се силно заинтересирани за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен.

Осимен во Наполи пристигна за 70 милиони евра пред две години, а оваа сезона игра одлично и постигна 16 гола на 26 меча.

Наполи нема немара да го продава, но доколку пристигне понуда од 100 милиони евра, нема да може да ја одбие.

Наполи на крајот на сезоната ќе прави реконструкција и сака да донесе неколку засилувања, па трансферите можат да бидат финансирани од продажбата на Осимен.


Милнер се доближи до рекордот на Бекам

Англискиот играч за врска на Ливерпул Џејмс Милнер по стартот на реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите на УЕФА со Бенфика (3-3) се приближи до рекордот на познатиот сонародник Дејвид Бекам.

Како што објави „OptaJoe“ на Твитер, Милнер (со 36 години и 99 дена) е вториот највозрасен англиски играч кој стартувал во плеј-оф натпревар во Лигата на шампионите на УЕФА. Рекордот му припаѓа на Дејвид Бекам на мечот за ПСЖ со Барселона во април 2013 година (37 години 335 дена).

Милнер оваа сезона забележа 33 настапи за Ливерпул во сите натпреварувања, постигнувајќи три асистенции. Вкупно во текот на кариерата има 807 натпревари за различни клубови. Неговиот договор со Ливерпул истекува следното лето.


Рекордот на Пеп во ЛШ: Каталонецот прв до девет полуфиналиња

Пеп Гвардиола го предводеше Манчестер Сити до полуфиналето на Лигата на шампионите, откако неговиот тим тешко го елиминираше Атлетико Мадрид со вкупен резултат 1-0. Каталонецот е првиот тренер со 9 полуфиналиња на турнирот. Тој стигна до оваа фаза од натпреварувањето со Барселона, Баерн (Минхен) и Манчестер Сити.

Второто место на престижното рангирање го делат Карло Анчелоти и Жозе Мурињо со по осум полуфиналиња. Анчелоти досега ги водеше Јувентус, Милан и Реал Мадрид, а Мурињо зад себе има полуфинале со Порто, Челси, Интер и Реал Мадрид.

Интересно е што во овогодинешното полуфинале во Лигата на шампионите ќе се сретнат Сити на Гвардиола и Реал Мадрид на Анчелоти. Првиот меч ќе биде на стадионот „Етихад“ на 27 април, а реваншот на 4 мај на „Сантијаго Бернабеу“.


Клоп: Најважно е што се пласиравме во полуфиналето од Лигата на шампионите

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, после реваншот со Бенфика на Енфилд кој заврши нерешено 3:3, изјави дека најважно е што тимот се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите, со вкупен резултат 6:4.

Не одигравме онака како што посакувавме. Меѓутоа одиме напред и тоа е се што е важно. Многу сум среќен“, изјави Клоп.

Германскиот тренер го коментираше и ривалот на Ливерпул во полуфиналето од ЛШ, Виљареал. 

„Го гледав нивниот натпревар со Баерн. Нивната одбрана е импресивна. Ако ги победите Јувентус и Баерн, тогаш заслужувате да бидете во полуфиналето на Лигата на шампионите. Унаи Емери е „кралот на куповите“, а она што го постигна е неверојатно. Но, дајте ми малку време да се подготвам“, потенцира Јирген Клоп.


Чиро Имобиле нема повеќе да настапува за Италија

Италијанскиот весник Ла Република, објавува дека напаѓачот Чиро Имобиле има намера да ја заврши кариерата во италијанската репрезентација.

Играчот бил фрустриран од критиките кон него по неуспехот на Италија да се пласира на Светското првенство во Катар, во што беа спречени во бараж дуелот со Македонија.

Селекторот Роберто Манчини ќе се обиде да го разубеди 32-годишниот голгетер, но играчот наводно донел конечна одлука.

Намерата на Имобиле е последниот натпревар за Италија да го одигра на претстојниот натпревар против Аргентина.


Гвардиола: Со ваква игра ќе немаме шанси против Реал Мадрид

Екипата на Манчестер Сити го елиминира Атлетико Мадрид во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но тренерот на тимот од Манчестер, Гвардиола призна дека неговиот тим во еден дел од мечот во Мадрид бил надигран. Сепак, ремито од 0:0 беше доволно за неговите играчи да се пласираат во полуфиналето каде ги чека Реал Мадрид.

„Атлетико е шампион на Шпанија. Играа многу енергично, а во вториот дел дефинитивно беа подобри од нас и имавме среќа што не примивме гол. Пред паузата пропуштивме неколку шанси. Генерално, нашиот пласман во полуфиналето е заслужен. Немавме многу време да се подготвиме по мечот со Ливерпул. Беше навистина многу тешко, но издржавме“, нагласи Гвардиола.


Нагелсман: Потфрливме во Виљареал, а Милер мораше да даде гол во Минхен

Баерн Минхен вчера доживеа шокантна елиминација од Лигата на шампионите од шпански Виљареал.

Виљареал во првиот натпревар на свој терен победи со 1:0, а во вчерашниот натпревар на „Алијанц Арената“ беше 1-1, па така „жолтата подморници“ сензационално се пласираше во полуфиналето.

Баерн на почетокот на второто полувреме водеше со 1-0 со голот на Роберт Левандовски и изгледаше дека баварците ќе дојдат до победата и пласман понатаму, но во самиот финиш доживеаа шок. После натпреварот Нагелсман посебно го критикуваше Томас Милер.

„Томас мораше да постигне гол, шанса каква што имаше не се добива често. Неговото промашување му дозволи на Виљареал да остане во натпреварот и нивната резерва Чуквуезе во самиот финиш го постигна тој гол. Првиот натпревар беше клучен, не бевме доволно добри и тоа е тоа. Во реваншот го одигравме еден од подобрите 

натпревари изминатите недели, меѓутоа тешко доаѓавме до шанси затоа што противникот добро се бранеше“, изјави Нагелсман.


Баерн Минхен заинтересиран за Пулишиќ од Челзи

23-годишниот крилен напаѓач на Челзи, наскоро би можел да го напушти клубот од Лондон.

Интерес за неговиот потпис покажува Баерн Минхен. Тренерот Нагелсман е голем фан на Американецот, за кого мисли дека би бил големо засилување за тимот.

Пулишиќ го загуби местото на првотимец во екипата предводена од Томас Тухел, и е спремен да го напушти „Стенфорд Бриџ“ за да се врати во Бундеслигата. Останува да се види разврската откако Челзи ќе добие нов сопственик.