фудбал

Нандо де Коло поради повреда ќе паузира од настапите за Фенербахче

Кошаркарскиот клуб Фенербахче, преку официјално соопштение истакна дека играчот Нандо де Коло, заработи повреда поради која најмалку три недели ќе биде надвор од теренот.

Повредата на играчот од Франција, е голем удар за тренерот на екипата Александар Џорџевиќ, пред продолжението на сезоната, бидејќи тимот од Истанбул во наредниов период го очекуваат многу важни натпревари како во домашниот шампионат, така и во Евролигата.

35-годишниот Французин, оваа сезона во Евролигата, бележи учинок од 11,9 поени и 3,8 асистенции.


Манчини останува селектор на Италија

Роберто Манчини потврди дека останува селектор на фудбалската репрезентација на Италија до Европското првенство во 2024 година.

„Последниве денови разговарав со претседателот на фудбалската федерација Габриеле Гравина и увидов дека споделуваме исти идеи. Ќе разговараме повторно во наредните денови. Иако доживеавме пораз во баражот со Македонија, убеден сум дека тимот што го имаме во моментов располага со одлични играчи и поседува топ квалитет. Сега мора да гледаме кон Европското првенство. Во иднина ќе вклучиме и помлади фудбалери кои би стекнале искуство во своите клубови“, коментира Роберто Манчини.


Дракслер најави заминување од ПСЖ

Јулијан Дракслер е на излезна врата од ПСЖ, а последните информации се дека Германецот може да се врати во Бундеслигата.

Германските медиуми пренесуваат дека Борусија Дортмунд е силно заинтересирана за потписот на Јулијан Дракслер. 28-годишниот играч има договор со Пари Сент Жермен до 2024 година, но не добива голема минутажа и не е задоволен од својот статус.

„Ситуацијата во клубот не е лесна, ми недостасува ритам. Среќен сум што одиграв 90 минути за репрезентацијата“, изјави Дракслер.

Германецот сака да се пресели во клуб каде ќе има поголема минутажа за да може да влезе во ростерот за Светско првенство.


Јунајтед го обнови интересот за Хари Кејн

Хари Кејн може да се пресели во друг клуб од Островот, објавија медиумите во Англија.

Според истите, напаѓачот може да ја продолжи кариерата во Манчестер Јунајтед. Раководството на Манчестер Јунајтед е подготвено на лето да започне преговори со претставниците на Англичанецот. Претходно беше објавено дека газдите на „црвените ѓаволи“ ја разгледуваат опцијата за купување на напаѓач.

Хари Кејн е дел од Тотенхем уште од почетокот на кариерата, а за првиот тим дебитираше во 2011 година, а неколку пати одеше и на позајмица. Кејн оваа сезона има 28 настапи во Премиер лигата, постигна 12 гола и имаше пет асистенции. По 29 одиграни кола, Тотенхем се наоѓа на петтото место во Премиер лигата со 51 бод.


Фалангата го окупира Порто, атмосферата се подгрева

Дел од атмосферата во Порто пред историскиот натпревар на Македонија против Португалија за пласман на Светско првенство во Катар. Македонските навивачи во победничко расположение:

извор: ФФМ


Азар мора на операција, заврши сезоната за Белгиецот

Напаѓачот на Реал Мадрид, Еден Азар ќе ги пропушти преостанатите натпревари до крајот на сезоната.

Минатата недела стана јасно дека на 31-годишниот белгиски репрезентативец ќе му биде извршена операција за отстранување на плочка од десната нога, која ќе го оддалечи од теренот за околу пет недели. Сега, пак, информацијата се надополнува со тоа дека Карло Анчелоти нема да се потпира на него и откако ќе се опорави.

Еден Азар, кој се бореше со бројни повреди откако пристигна од Челзи во 2019 година, оваа сезона одигра 22 натпревари, главно во резерва, постигнувајќи еден гол и две асистенции.


Наполи му нуди капитенска трака, но помала плата на Кулибали

Наполи планира да му понуди нов договор на еден од клучните играчи во својата одбрана – Калиду Кулибали, пренесува „Калчомеркато“.

30-годишниот фудбалер има договор до крајот на следната сезона, но раководството на тимот планира да го продолжи за уште три или четири години до 2025 или 2026 година. Предлогот најверојатно ќе има и кратење на платата, моментално тој добива околу 6 милиони евра по сезона.

Сепак, се очекува Кулибали да продолжи да ја предводи листата на најдобро платени играчи во тимот. Тој ќе ја преземе и капитенската лента од летото кога во Торонто ќе замине актуелниот капитен Лоренцо Инсиње.


Карим Бензема се враќа во тимот на Реал

Шпанскиот весник „Марка“ објави дека капитенот на Реал Мадрид, Карим Бензема, продолжи со индивидуалните тренинзи пред гостувањето кај Селта Виго во натпревар од 30. коло на шпанската Ла Лига.

Доколку закрепнувањето на Бензема оди според планот, постојат големи шанси тој да учествува во саботната пресметка, пренесува весникот. 34-годишниот Французин поради повреда беше приморан да го пропушти Ел Класико дуелот со Барселона.

Реал Мадрид е лидер на табелата со 66 бодови, а тимот на Селта е на 11. место со 36 бодови.


Милевски: Ќе им порачам на фудбалерите да уживаат во натпреварот

Репрезентацијата на Македонија во Порто го игра еден од најголемите свои натпревари во историјата, дуелот со Португалија за пласман на Светското првенство во Катар 2022. Пред овој натпревар на официланата прес конференција говореа селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски.

„Залудно е да се трошат зборови за тимот на Португалија, имаат извонредни играчи, не би издвоил никој посебно, ќе треба да зборувам многу. Ние не сме дојдени тука како туристи, дојдовме да уживаме во натпреварот и да победиме. Никој не очекуваше да играме финале за пласман на СП, ние сме тука, нема бегање од тоа, Македонија ужива во тоа, од мене играчите имаат една порака, да уживаат во моментот и натпреварот со Португалија. Сите се спремни, за стартни единаесет немаме проблем, се знаат кои се. Не очекува различен меч од оној со Италија, не знам колку треба да бидеме подобри од мечот со Италија, Португалија е составена од извонредни играчи кои се меѓу најдобрите во европскиот фудбал. Ние си имаме свои квалитети, како тим, како целина, ќе видиме што ќе донесе победа, тимска игра, или тимска поставеност. Секој спорт кај нас има успех, но кога разговараме за фудбал, тоа е друга димензија, на глобално ниво, фудбалот е фудбал, патот до овде е навистина тежок, се среќавате со сериозни репрезентации и традиции, Македонија е рамо до рамо со најдобрите, ова е само показател како понатака. Статистиката е таква каква што е, но секој натпревар посебен, да, важно е кој ќе постигне прв гол, но тоа не значи дека ќе заврши со тоа. Што се однесува до Роналдо, се работи за најдобриот играч на светот, но тој не игра сам, играат уште други десет, тие имаат извонредни играчи, и ќе треба да се сконцентрираме на Португалија како тим, а не на поединци. Португалија е фаворит, но Македонија не е случајно тука, што ќе донесе натпреварот ќе видиме“, рече Благоја Милевски.


Вернер: За Германија играм подобро отколку за Челзи

Фудбалерот, Тимо Вернер, кој не успева да се наметне во редовите на Челзи, вели дека се чувствува послободно кога настапува за репрезентацијата на Германија отколку кога игра за лондончани.

„Работите не одат како што посакувам во Челзи, но, тука се многу подобри под водство на Ханси Флик. Има разлики во стилот на играта во репрезентацијата и во Челзи. Тука имам поголеми шанси да постигнам голови и затоа се чувствувам подобро“, потенцира играчот на „панцирите“.