фудбал

Гвардиола: Ќе ме „убиевте“ ако потрошевме колку што троши Челзи

Челзи и ова лето потроши прилично големи суми, а постави и рекорд во Премиер лигата со трансферот на Каиседо од Брајтон за кого платија 115 милиони фунти.

На оваа тема зборуваше и стратегот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола кој често е критикуван поради сумите кои ги плаќа неговиот тим.

„Ако ние потрошевме толку пари во последните два преодни рока, веројатно немаше да стојам овде пред вас – ќе ме убиевте. Дефинитивно сите ќе зборуваа и критикуваа, со Челзи тоа не е баш така.

Ќе видиме што ќе се случи до крајот на преодниот рок и дали ќе се отвори прилика да доведеме уште некој играч. Во 2019 година сакавме да го доведеме Хари Мегваер, но не го направивме тоа бидејќи не сакавме да платиме колку што бараше неговиот тим.

Минатото лето го сакавме и Кукуреља, но повторно имаше тим кој плати пвоеќе од нас. Така беше и со Алексис Санчез во 2018. година. Ќе платиме висока цена само ако сметаме дека е фер…“, изјави Пеп.


Верати ќе стане соиграч со Езџан Алиоски

Марко Верати е многу блиску до трансфер во Саудиска Арабија во дресот на Ал-Ахли.

Верати е незадоволен од ситуацијата во клубот и смета дека сега е вистински момент за трансфер, а ПСЖ нема да му стои на патот.

Претставници на клубот од Саудиска Арабија се во Париз каде имале средба со играчот и неговиот агент.

30-годишниот плејмејкер кажал ДА на богатата понуда од Ал-Ахли и ги договорил личните услови со клубот.

Се очекува трансферот да биде комплетиран во следните неколку дена и Верати да биде новата ѕвезда која ќе се пресели во Саудиска Арабија.


Варан пред искушението од саудиските милиони

Рафаел Варан е следен кој е на мета на саудискиот прволигаш, Ал-Итихад, пишуваат француските медиуми.

Претставниците на тимот од Џеда наводно влегле во преговори за 30-годишниот Варан и ќе се обидат да го доведат трикратниот освојувач на Лигата на шампионите во своите редови.

Сепак, според информациите првите контакти завршиле неуспешно, Варан навоедно има приоритет да остане во Европа. Тимот од Џеда веќе оформи силен тим во кој се Карим Бензема, Нголо Канте, Фабињо и Жота.

Варан во Јунајтед дојде летото 2021 година за оштета од 70 милиони евра. Неговиот договор има важност до 2026 година.


ПСЖ го носи и Коло Муани и прави пеколно француско трио

ПСЖ успеа да го задржи Килијан Мбапе, а беше ангажиран и Осман Дембеле од Барселона, па сега клубот се доведе во позиција да формира француско напаѓачко трио.

Од Париз си замине и Нејмар, а според последните информации на медиумите ново засилување на „светците“ може да биде Рендал Коло Муани. За напаѓачот на Ајнтрахт интерес покажаа голем број клубови, но засега германскиот клуба успеа да го задржи, а ќе видиме дали ќе попушти на налетите на ПСЖ.

Ако се реализираат најавите, ПСЖ во офанзивата во новата сезона ќе ги има Мбапе, Дембеле и Муани, тука е позајмениот Гонзало Рамош од Бенфика.


Почина италијанската тренерска легенда Карло Мацоне

Легендарниот италијански тренер Карло Мацоне кој ги водеше Рома, Бреша и уште многу други италијански тимови почина на 86-годишна возраст.

Мацоне е рекордер по број на натпревари како тренер (792) тренерското деби го имаше уште во 70-тите на клупата на Асколи. Кариерата која траеше три децении ја заврши во Ливорно во 2006 година.

Фиорентина, Катанцаро, Болоња, Лече, Пескара, Калјари, Рома, Наполи, Перуџа, Бреша, беа клубовите кои ги водеше покрај Асколи и Ливорно.

Ќе остане запаметен и како некој кој имаше голем удел во развивањето на двете големи италијански легенди Франческо Тоти и Роберто Баџо.


Дибала откри зошто одлучил да остане во Рома

Пауло Дибала имаше опција да си замине од Рома после само една година и да направи преселба во клуб во кој ќе заработи многу повеќе пари, но Аргентинецот ги одби сите поуди и реши да остане најмалку уште една сезона на „Олимпико“.

Аргентинската ѕвезда смета дека има недовршена работа како член на „волчицата“ после болниот пораз од Севилја во финалето во Лигата на Европа, па во разговор со Жозе Мурињо двајцата дошле до идентичен заклучок.

Португалецот е главната причина поради која Пауло се пресели во Рома пред една година, а очигледно бил и клучен во обидите да се задржи Аргентинецот и во сезоната која денеска стартува во Италија.

„Се чувствувам навистина многу добро во Рома, ме третираат на уникатен начин и ја чувствувам љубовта на секој агол од градот. Зборував со Мурињо за време на одморот и двајцата имавме ист заклучок.

Сакаме да дадеме уште нешто за Рома, имаме недовршена работа. Бевме многу блиску од голем успех минатата сезона и истата ја завршивме со горчлив вкус. Сега сум убеден дека ќе се вратиме посилни и дека ќе успееме да ги израдуваме фановите со една титула“, вели Дибала.


Челзи одби да го прати Лукаку на позајмица

Италијанскиот тим Рома е одбиен за да го земе со позајмица белгискиот напаѓач на Челзи, Ромелу Лукаку.

Според изворот, клубот од Рим стапил во контакт со Челзи за да види дали е можен трансферот на 30-годишниот напаѓач на позајмица. Лондончани веднаш одговориле дека тимот нема намера да го даде напаѓачот на позајмица, туку се надева дека ќе го продаде на друг клуб. Да потсетиме, претходно Рома направи трансфер на Леандро Паредес и Рената Санчес од Пари Сен Жермен. Аргентинецот потпиша договор со клубот за период од две години, а Португалецот ќе игра како позајмен, со задолжителна опција за откуп на крајот на сезоната доколку се исполнат одредени услови.


Де Јонг добива нов договор на „Камп Ноу“

Во обид да ја подобри својата финансиска состојба, Барселона влезе во преговори за нов договор со играчот од средниот ред Френки Де Јонг, по истата формула како и со голманот Марк-Андре тер Штеген.

Новиот договор ќе наметне намалување на платата за холандскиот играч за врска, но на крајот Де Јонг ќе ја добие истата сума како и сега: неговите приходи ќе бидат компензирани во последните години од договорот. Овој маневар има за цел да се осигура дека клубот ги почитува правилата за финансиски фер-плеј и ќе им овозможи да направат неколку неопходни трансфери со цел да го комплетираат тимот според барањата на главниот тренер Чави Хернандез.

Де Јонг, чиј актуелен договор истекува во 2026 година, стана важна фигура за Барселона во последните сезони, како и лидер во соблекувалната. Тој пред четири години од Ајакс се пресели во каталонскиот клуб.


Пропадна трансферот на Лукас Пакета во Сити

Манчестер Сити дефинитивно се откажа од ангажман на Лукас Пакета од Манчестер Сити, пренесуваат медиумите на Островот.

Пакета требаше да биде замена за Ријад Марез, кој замина во Саудиска Арабија, но Вест Хем за неговата слобода бара 100 милиони фунти.

„Граѓаните“ понудија 70 милиони фунти, понуда која Вест Хем експресно ја одби, но преговорите продолжија.

Сега медумите јавуваат дека Сити дефинитивно се откажал од Бразилецот, бидејќи не е спремен да ја плати сумата која ја бараат „чеканите“.


Атлетико и Барса пред договор за позајмица на Жоао Феликс

Жоао Феликс е на излезна врата од Атлетико Мадрид, а во моментов е најблиску до Барселона.

Жоао Феликс по шестмесечната позајмица во Челзи се врати во Атлетико Мадрид, но јасно е дека за него нема повеќе место во тимот на Симеоне. Со оглед на фактот дека до овој момент не пристигнаа понуди за Португалецот, сега Атлетико е спремен да го пушти на позајмица.

Феликс сака да се пресели на „Камп Ноу“ и веќе има договор со Каталонците, а Барса може да го доведе само на позајмица.

Двата клуба се блиску до договор за едногодишна позајмица за која Барселона ќе плати 7-8 милиони евра.