фудбал

Халанд е фудбалер на годината според ИФФХС

Најдобар фудбалер за годинава што изминува е Норвежанецот Ерлинг Халанд, според Меѓународниот Институт за фудбалска историја и статистика (ИФФХС).

Оттаму денес ги соопштија најдобрите за годината што веќе е при крај.

Зад Халанд кој имаше сезона за паметење со Манчестер Сити и кој освои 209 поени во овој избор, второпласиран е Килијан Мбапе со 105 поени.

Третото место му припадна на Аргентинецот Лионел Меси со 85 поени.Следуваат Родри, Белингем, Де Брујне, Кејн, Бернардо Силва, Винисиус и Лаутаро Мартинез.

Според ИФФХС место во Топ 10 нема за Кристијано Роналдо, иако Португалецот ја заврши годинава со 53 постигнати погодоци


Варан доби понуда од Баерн Минхен

Рафаел Варан е спремен да го напушти Манчестер Јунајтед, а на маса има многу понуди.

Варан има богати понуди од Саудиска Арабија, но сака да остане во Европа и да игра врвен фудбал. Последните информации се дека силен интерес за него покажува Баерн Минхен, кој бара засилување во одбраната.

Баерн нема да има проблем да ја плати бараната сума и наскоро ќе почне преговори со агентот.


Шишковски ја напушти Докса по повеќе од три години

Македонскиот репрезентативен голман, Дамјан Шишковски, го најави своето заминување од екипата на Докса.

„По 3,5 години време е да се збогуваме. Сакам да му се заблагодарам на претседателот, на сите тренери и на играчите. Ова е неверојатен клуб и град во кој сите ме прифатија и ми помогнаа да пораснам и како играч и како личност. Дојде време за нов предизвик во мојата кариера. Благодарам Докса“, напиша Шишковски.

Останува да почекаме да видиме кој ќе биде новиот клуб на Шишковски оваа зима.


Турчинот Терим замена за Јовановиќ во Панатинаикос

Искусниот турски стратег Фатих Терим има нова работа и по 22 години ќе работи надвор од татковината.

70-годишникот го презеде грчкиот фудбалски великан Панатинаикос. Доаѓа на местото на стратегот Иван Јовановиќ кој доби отказ.

Неговата последна авантура надвор од Турција беше во 2001 година кога кратко го водеше Милан, а оттогаш до денес се менуваше на клупите на Галатасарај и Турција.


Бремер спремен за нов договор со Јуве

Раководството на Јувентус постигнало договор со Жеилсон Бремер за продолжување на соработката, пренесуваат италијанските  медиуми.

26-годишниот Бразилец кој пристигна во Торино пред година и половина се етаблираше во столб на одбраната на „старата дама“. Бремер следната недела ќе стави потпис на нов петгодишен договор и ќе добие значително зголемување на платата.

Бремер има 17 настапи и еден гол за „бјанконерите“ оваа сезона во Серија А, а веќе е миленик на навивачите.


Кимих е желбата на Реал за наследник на Крос

Реал Мадрид покажува сериозен интерес за ѕвездата на Баерн Минхен и германски репрезентативец, Џошуа Кимих, пренесуваат шпанските медиуми.

Перез го сака Кимих да биде наследник на Тони Крос, кој ја игра последната сезона во дресот на „кралевите“. Кимих има договор со Баерн до 2025 година, а следното лето ќе влезе во последната година и нема најави за негово продолжување.

Поради тоа Баерн Минхен е спремен да го продаде на крајот на сезоната и веќе ја одредил цената. „Билд“ пренесува дека за неговата слобода Баварците бараат 75 милиони евра.

Реал Мадрид нема да има проблем да ја плати таа сума, но треба да ја победи конкуренцијата бидејќи за Кимих интерес покажуваат уште Барселона и Манчестер Јунајтед.


Салах спремен да потпише нов договор со Ливерпул

Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах по се изгледа ќе потпише нов договор со англискиот клуб.

Според новинарот Екрем Конур, Ливерпул е заинтересиран да го продолжи договорот со Салах до летото 2027 година.

Египетскиот фудбалер во Ливерпул се пресели од Рома во 2017 година. Сезонава одигра 26 натпревари на сите турнири, на кои постигна 16 гола и реализираше осум асистенции.


Тонали со најголем пад на вредноста во 2023 година

Сандро Тонали е играч кој има најголем пад на вредноста во англиското првенство.

На ажурираната листа на порталот „Трансфермаркт“, Италијанецот загуби 20 милиони евра од вредност. Сега неговата вредност е 40 милиони. Првите тројца на листата се Мејсон Маунт (Манчестер јунајтед) чија вредност падна од 60 на 45 милиони евра и Ентони (Манчестер јунајтед) чија вредност падна од 50 на 35 милиони евра.

Тонали по доаѓањето во Њукасл се соочи со суспензија поради нелегално обложување додека беше фудбалер на Милан.


Крамариќ по осум сезони се сели од Германија во Италија

Андреј Крамариќ би можел по осум години да го напушти Хофенхајм и кариерата да ја продолжи во Италија. Неговиот агент Винченцо Каваљере истакна дека 32-годишниот напаѓач има понуди од Апенините и веќе во јануари би можел да заигра во Италија.

„Крамариќ ги следи случувањата во Италија и е убеден дека може да биде стартер во било кој тим. Хофенхајм сака да го задржи, но се може да се случи“, изјави Каваљере и додаде:

„Профилот на Андреј е привлечен за големите клубови, многу брзо би можело да се случи да ја промени средината“, изјави неговиот агент.

Во изминатите осум години Крамариќ испиша историја во Хофенхајм постигнувајќи 123 гола на 267 натпревари, покрај тоа додаде и 51 асистенција.


Брера го врати Даниел Миловановиќ во Струмица

Даниел Миловановиќ, кој пред две сезони играше за првиот тим на Академија Пандев, по краткиот престој во Унгарија повторно се врати во Струмица. Како што објавија од екипата на Брера Струмица, Миловановиќ ќе биде ново засилување за прволигашот.

Тој спогодбено го раскина договорот со унгарскиот прволигаш Залаегерсег. 25 годишниот Миловановиќ е на Тиквеш од Кавадарци и ќе биде одлично освежување на десната крилна позиција.