фудбал

Ковачиќ ќе биде замената за Гундоган во Сити

Матео Ковачиќ на лето може да го напушти Челзи, но да остане во Премиер лигата.

Според најавите „сините“ се спремни да го пуштат 28-годишниот Ковачиќ на кого договорот му истекува следното лето доколку пристигне понуда од 35 милиони евра. Најсилен интерес за Хрватот покажува Манчестер Сити, бидејќи Гвардиола е голем симпатизер на неговите квалитети.

„Граѓаните“ сакаат да ја искористат ситуацијата и веќе стапиле во контакт со неговиот агент, кој отпатувал во Лондон на прва рунда преговори со раководството на Сити.


Реал застана во редот за потписот на Данецот Хојлунд

Реал Мадрид се вклучи во трката за потписот  на напаѓачот на Аталанта, Расмус Хојлунд.

19-годишниот Данец игра одлично од почетокот на сезоната и има 14 гола за Аталанта, а беска и на натпреварите за репрезентацијата. Реал Мадрид е во потрага по класичен напаѓач и верува дека Хојлунд е идната ѕвезда на светскиот фудбал и може многу години да го предводи нападот.

„Кралевите“сакаат да ја победат конкуренцијата бидејќи за младиот Данец интерес покажуваат уште Арсенал, Милан и Барселона.

Хојлунд минатото лето пристигна во Аталанта како голем талент за 15 милиони фунти, но неговата цена драстично порасна после оваа сезона.


Помладиот син на Лилијан Турам желба на Клоп и Ливерпул

Ливерпул покажува сериозен интерес за играчот за врска на Ница, Кефрен Турам, пренесуваат англиските медиуми. Кефрен е син на легендарниот француски дефанзивец Лилијан Турам и брат на напаѓачот на Борусија Мехенгладбах, Маркос Турам.

21-годишниот играч за врска игра фантастична сезона во дресот на Ница и важи за еден од најголемите француски таленти.

Познато е дека Ливерпул е во потрага по квалитетни играчи за врска, а Клоп во Турам гледа одлично засилување.

Меѓутоа, конкуренцијата за неговиот потпис е голема бидејќи интерес за Французинот покажуваат уште Реал Мадрид и ПСЖ.


Ливерпул спремен да го позајми Фабио Карваљо

Медиумите во Англија објавија дека Фабио Карваљо веројатно ќе го напушти Ливерпул и тоа по само една година откако беше привлечен на „Енфилд“.

20-годишниот Португалец во првата сезона не успеа да ги исполни очекувањата и затоа ќе биде испратен на позајмица во друг клуб.

Тој започна релативно добро, но по Светското првенство целосно испадна од списокот на Јирген Клоп и запиша само две минути во Премиер лигата.


Се разделија Фабио Паратичи и Тотенхем

Фабио Парaтичи повеќе не е спортски директор на Тотенхем.

Италијанецот од оваа позиција се повлече затоа што не му беше укината забраната од 30 месеци за работа во фудбалот поради обвинувањата за малверзации во Јувентус.

Одлуката на италијанската федерација не се однесува само за негов ангажман на Апенините, туку за било каде во светот.

„На Фабио не му е дозволено да ја извршува својата должност и поради тоа си замина од позицијата да не ги загрозува интересите на клубот. Тој ќе ја продолжи својата борба да ја докаже невиноста во случајот“, стои во соопштението од Тотенхем.

Партичи во Англија пристигна летото 2021 година и планот беше да остане подолг период и да се грижи за спортските работи во Тотенхем.


Барса го става Рафиња на трансфер-листа ова лето

Рафиња минатото лето дојде како големо засилување во Барселона за 65 милиони евра.

Меѓутоа, шпанските медиуми информираат дека Каталонците не се задоволни од неговиот допринос и како се вклопи во тимот, па се спремни да го стават на трансфер листа.

Притоа, Барселона има финансиски проблеми и на лето ќе мора да продаде некои од своите ѕвезди, а Рафиња е на таа листа.

Таквата ситуација сака да ја искористи Њукасл, кој е заинтересиран за Бразилецот и веќе спремил понуда од 50 милиони фунти.

Њукасл има прилично добра сезона и има реални шанси да заврши во Топ 4 и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.


Почетино фаворит за тренерското место во Челзи

Раководството на Челзи веќе направиле прв директен контакт со Маурисио Почетино, кој е еден од кандидатите за менаџерското столче.

Разговорите се во почетна фаза, бидејќи раководството не донело конечна одлука со кој од менаџерите со кои се во контакт да влезат во детални преговори.

Најголем фаворит останува бившиот тренер на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, со кого „сините“ разговараа минатата недела.

Средба имаа и со шпанскиот стратег Луис Енрике, но последните информации се дека тој повеќе не е опција и повеќе нема да има преговори со него.


Реал го нуди Брахим Диаз како дел од трансферот на Белингам

Реал Мадрид работи на трансферот на англискиот репрезентативец Џуд Белингам.

Белингам ќе биде примарна трансфер цел на „кралевите“ за следното лето и веќе почнаа да работат на трансферот.

Поради големата конкуренција неговата цена драстично порасна, но Реал сака да ја победи конкуренцијата и веќе спремил понуда. „Кралевите“ се спремни да понудат 100 милиони евра, плус во трансферот да го вклучат Брахим Дијаз.

Дијаз игра фантастична сезона во дресот на Милан, но е во сопственот на Реал Мадрид, а Борусија Дортмунд покажува сериозен интерес за него.

Реал е спремен да го искористи Дијаз како дел од трансферот на Белингам и така да ја победи конкуренцијата.


Алаба две недели надвор од терените

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Давид Алаба ќе пропушти неколку натпревари поради повреда на мускулот.

Тој беше заменет на паузата на дуелот со Челзи во Лигата на шампионите. Според шпанскиот весник  „Марка“, репрезентативецот на Австрија има мало истегнување на тетивата но, ќе може да игра против Осасуна во финалето од Купот на Шпанија.

Алаба според проценките ќе ги пропушти мечевите во Примера од 22 до 29 април. „Кралевите“ тогаш ќе играат против Селта, Жирона и Алмерија.


Наполи бара 150 милиони евра за Осимен

Напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, веројатно ќе го напушти италијанскиот фудбалски клуб во текот на летото бидејќи за неговите услуги се заинтересирани повеќето европски гиганти.

Според „Газета дело Спорт“, Де Лаурентис за неговиот потпис ќе бара најмалку 150 милиони евра. 24-годишниот напаѓач во тековнава сезона одигра 24 мечев и постигна 21 гол.

Репрезентативецот на Нигерија има договoр со калчо-лигашот до јуни во 2025 година.