фудбал

Огромна понуда од Саудиска Арабија за Бернардо Силва

Бернардо Силва веќе има голем предизвик пред себе, има фантастична понуда пред себе и наскоро мора да одлучи дали ќе направи трансфер.

Имено, Ал Хилал од Саудиска Арабија, на фудбалерот на Манчестер Сити му нуди 150 милиони евра и договор на три сезони, односно на плата од 50 милиони по сезона.

Што се однесува до Сити, на име на обештетување за клубот од Манчестер, клубот од Саудиска Арабија, биле подготвени да исплатат 70 милиони евра.

Силва е под договор на уште две сезони со „граѓаните“, а интерес за овој фудбалер има и од европските екипи, но под далеку поскромни понуди.

Од доаѓањето во Манчестер Сити, Бернардо Силва за Сити одигра 306 натпревари, постигна 55 голови и 59 пати асистираше кон соиграите. Со клубот од Етихад пет пати беше шампион во Премиерлигата и освои се што друго може да се освои.


Дали Дембеле ќе остане во Барселона?

Тренерот на Барселона, Чави Хернандез, размислува капитенската лента да му ја понуди на Усман Дембеле од идната сезона.

Веста за намерата на Чави ја пренесе дневниот весник СПОРТ, кој тврди дека со ваков потег, Ернандез сака да го убеди Дембеле да не размислува за никаков евентуален трансфер надвор од клубот.

Дембеле во Барселона пристигна летото 2017 година од Борусија Дортмунд. Францускиот фудбалер има договор со Барса до следната година, но досега има одбиено бројни понуди.

Тој може да ја напушти Барселона ако било која екипа ја плати неговата откупна клаузула која сега изнесува само 50 милиони евра, но по се изгледа, Дембеле размислува за долготрајна соработка со Барселона.

Шпанските медиуми тврдат дека Дембеле со доаѓањето на Чави на клупата на Барселона, го доби потребното внимание и допрва ќе ја има потребната минутажа.


Бенфика сака да го позајми Жоао Феликс од Атлетико

Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс може да се врати во португалскиот шампионат, објави весникот Рекорд.

Според изворот, Бенфика е заинтересирана за 23-годишниот играч. Клубот сака да го позајми Португалецот на една сезона.

Феликс играше во Бенфика пред да се пресели во Атлетико, каде беше продаден за рекордни 127 милиони евра. Во втората половина од сезоната 2022/23, напаѓачот играше за Челзи, но сега се врати во Мадрид каде е под договор со Атлетико, но мала е веројатноста да остане на „Ванда Метрополитано“.


Нејмар се нуди, но Барса не сака враќање на Бразилецот

Нејмар и бил понуден на Барселона, но каталонскиот гигант одбил да го врати Бразилецот на „Камп Ноу“ поради две причини.

Нејмар не е задоволен од моменталната ситуација во ПСЖ, навивачите го исвиркаа на крајот на сезоната, а го загуби и статусот во тимот. Неговиот агент бара излез од клубот и го понудил во Барселона, но Каталоните рекле не поради две причини.

Барселона е во тешка финансиска ситуација и тешко може да му ги понуди на Нејмар парите што ги добива во ПСЖ.

Друга причина се однесува на атмосферата во тимот. Клубот смета дека доаѓањето на таква ѕвезда може да ги наруши односите меѓу играчите и дека тоа може негативно да се одрази во соблекувалната.


Горецка најави заминување од Баварија

Леон Горецка изминатите години беше еден од најважните фудбалери на Баерн Минхен, но неговата позиција во тимот се промени со доаѓањето на Томас Тухел на кормилото.

Горецка често беше на клупата за резерви кај Тухел, па е спремен да ја промени средината ова лето. Германските медиуми пренесуваат дека и Баерн Минхен е спремен да се раздели со играчот доколку пристигне добра понуда.

Договорот на Леон Горецка со Баерн е до летото 2026 година, а раководството верува дека ќе може да го убеди да остане.

Горецка имаше одличен однос со претходниот спортски директор, па е малку разочаран од промените во клубот.


Елије Вахи најблиску до трансфер во Челзи

Како приоритет на Чезли во летниот преоден рок ќе биде доведување на нов напаѓач.

Со оглед на потешкотиите да дојдат до потписот на Влаховиќ, „сините“ сега ќе се насочат кон младиот француски напаѓач и ѕвезда на Монпеље, Елије Вахи. 20-годишниот напаѓач оваа сезона за Монпеље постигна 19 гола и 6 асистенција и важи за еден од најголемите таленти во Европа.

Францускиот клуб за неговата слобода бара 45 милиони евра, сума која „сините“ се спремни да ја платат.

Покетино го посочил Вахи како врвен приоритет, а и самиот напаѓач сака да се пресели во Премиер лигата.


Пиоли побара промени во ростерот на Милан

Стефано Пиоли нагласи дека заминувањето на директорите, Паоло Малдини и Фредерик Масара, не влијае на неговата работа во Милан. 

„Порано разговарав со Малдини и Масара а сега со Монкада и Фурлани. Дури и во минатото контактирав играчи кои би можеле да ни се придружат. Така што мојата работа не се промени многу, Претходно кажав што ни треба. Имам голема почит кон моите играчи но, мислам дека е време за промени“, потенцираше тренерот на „росонерите“.


Џерард го носи капитенот на Ливерпул во Саудиска Арабија?

Францускиот весник Л`Екип објавува дека капитенот на Ливерпул и англиски репрезентативец, Џордан Хендерсон е блиску до потпис со клубот Ал Етифак.

Според информациите на овај медиум, новиот тренер на клубот од Саудиска Арабија, Стивен Џерард, на својата листа со нови засилувања во тимот, наводно го ставил и името на Џордан Хендерсон.

33 годишниот Хендерсон во минатото беше тимски колега со Стивен Џерард, и негов наследник на капитенската позиција во екипата од Енфилд.


Паредес ќе игра заедно со Икарди во Галатасарај

Фудбалерот, Леандро Паредес, нема да остане во редовите на ПСЖ иако се врати во Франција по една сезона помината на позајмица во Јувентус.

Медиумите објавија дека Аргентинецот сега ќе направи трансфер во Галатасарај и ќе потпише договор до 2027 година. Паредес во претходната сезона одигра 25 натпревари за „старата дама“ и постигна еден гол.

Тој со „гаучосите“ ја освои шампионската титула на последниот Мундијал во Катар.


Шевченко можен селектор на репрезентацијата на БиХ

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина е без селектор. Тешкиот пораз од Луксембург во Зеница во рамките на евроквалификациите го принуди Фарук Хаџибегиќ да поднесе оставка.

Изминативе денови имаше многу потенцијални кандидати за преземање на оваа функција, но наследникот на Хаџибегиќ не се најде.

Наводно во игра биле Славољуб Муслин и Славен Билиќ, а италијанските медиуми ја пренесоа сензационалната вест. Тие тврдат дека еден од кандидатите е легендарниот Украинец Андреј Шевченко.

Поранешниот освојувач на „Златната топка“ последниот ангажман го имаше на клупата на Џенова, која ја водеше од 2021 до 2022 година, додека беше селектор на Украина од 2016 до 2021 година.

Со Украина играше во четврт-финалето на последното Европско првенство.