фудбал

Нојер повторно тренира со Баерн

Голманот Мануел Нојер повторно им се врати на тренинзите со своите соиграчи од Баерн Минхен. Ова се случи само две недели по операцијата на коленото на десната нога. Шампионот на Германија на својата веб-страница објави кратко видео на кое се гледа дел од тренингот на капитенот Нојер.

35-годишниот голман се очекува да се врати на терените најрано до средината на март.


Ѕвездите на Сасуоло подготвени за големи клубови

Со голови на Скамака и Распадори, Сасуоло го победи Интер со 2-0 и тоа на негов терен.

Берарди кој има 27 години, но важи за еден од поискусните играчи во тимот, има големи пофалби за младите Скамака и Распадори.

„Двајцата се големи фудбалери и подготвени се да направат чекор напред. Тие докажуваат од натпревар во натпревар за колку квалитетни играчи се работи и мора да продолжат да го прават тоа и на мечевите и на тренинзите“, вели Берарди.

Скамака се поврзува токму со Интер, а Распадори со Јувентус и Милан.

Берарди вели дека и тој би можел да замине во голем клуб. Претходно го одбил Јувентус, бидејќи не се чувствувал подготвен, но сега работите се сменети.


Јувентус без Дибала против Виљареал

Пауло Дибала нема да биде во тимот на Јувентус за гостувањето кај Виљареал во првата осминафинална пресметка во Лигата на шампионите која се игра во вторник.

Напаѓачот заработил повреда на бутниот мускул за време на градското дерби со Торино. Медицинските прегледи покажаа дека повредата не е сериозна, но тренерот Алегри реши да не ризикува и ќе го изостави Аргентинецот од екипата.


Нејмар: Сакам да се испробам во Америка и да заиграм во МЛС

Ѕвездата на Париз Сен Жермен, Нејмар, во интервју за бразилски медиум каде гостин беше и Луис Назарио Роналдо, кажа дел од своите планови околу својата фудбалска иднина.

Нејмар истакнал дека планира да игра фудбал додека ја чувствува страста и мотивацијата за играта, и дека најверојатно после епизодата во ПСЖ, ќе се пресели во Америка за да заигра во МЛС лигата.

„Не сум сигурен дека повторно ќе се вратам во Бразил и да заиграм за некој клуб. Моја желба е да се испробам во Америка и да одиграм барем една сезона во МЛС. Таа лига не е толку напорна како во Европа и би можел да играм уште некој период во кариерата“, вели Нејмар.


Кулушевски: Неверојатно е чувството да работиш со Антонио Конте

Швеѓанецот со македонско потекло Дејан Кулушевски одигра одличен меч во победата на Тотенхем против Манчестер Сити (2-3).

Тој го постигна првиот гол за водство, а потоа беше асистент при победничкиот гол на Хари Кејн во 95-та минута.

„Многу патев изминатите месеци и не се чувствував добро, меѓутоа тоа се промени. Постигнавме гол многу рано и тоа ни помогна да славиме. Немав потреба да размислувам за ништо, туку само да играм фудбал. Неверојатно чувство е да работите со Антонио Конте. Тој има победнички менталитет“, изјави Кулушевски.

Кулушевски во јануари се пресели во Тотенхем на позајмица од Јувентус со право на откуп.


Мората е главна трансферна цел на Арсенал ова лето

Примарна трансфер цел на Арсенал во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен напаѓач.

Во текот на целиот зимскио преоден рок „топџиите“ се обидуваа да донесат нов напаѓач, но имаа неколку неуспешни обиди.

Арсенал се ослободи од Обамејанг, а исто така и Лаказет ќе замине на крајот на сезоната, па Артета сака да доведе најмалку еден напаѓач. Нова мета е Алваро Мората, кој игра во Јувентус како позајмен фудбалер од Атлетико Мадрид.

Јувентус после доаѓањето на Влаховиќ најверојатно нема да го откупи Шпанецот, па Арсенал спрема понуда од 50 милиони евра.


Анчелоти: Публиката е незадоволна, потребна е поголема одговорност

Карло Анчелоти по саботната победа на домашен терен против Депортиво Алавеш, вели дека неговиот тим ќе мора да биде константен во настапите и да покажува подобри партии.

Домашната публика на „Сантијаго Бернабе“ во еден период упатуваше свирежи кон играчите на Реал бидејќи не беше задоволна од прикажното. Токму тоа го искоментира и тренерот на „кралевите“.

„Публиката не беше задоволна од тоа што го виде во првото полувреме и свирежите не се новост. Навивачите го искажаа тоа што го чувствуваа“, вели тренерот на Реал Мадрид.


Томе Китановски со пауза од еден месец поради скршеница на раката

Играчот од одбраната на Струга Трим Лум, Томе Китановски, заработи скршеница на раката, поради што ќе мора да паузира приближно месец дена.

Битолчанецот, повредата ја заработи после незгоден пад на натпреварот со Брегалница кој се одигра на стадионот во Струга и заврши мирољубиво, 1:1.

Поради сериозноста на повредата, над 29-годишниот Китановски ќе биде извршена и операција после која ќе следува период на рехабилитација.


Баерн Минхен и Борусија Дортмунд го посакуваат Армандо Броја

Германските гиганти Баерн Минхен и Борусија Дортмунд се последните клубови кои изразуваат интерес за напаѓачот Армандо Броја. 

20-годишниот албански напаѓач оваа сезона е откровение во тимот на Саутемптон каде настапува како позајмен играч од Челзи.

Голем број на големи клубови го следат развојот на напаѓачот, но во Челзи и понатаму го гледаат како иден дел од тимот,особено со проблемите на неговите сегашни напаѓачи Ромелу Лукаку и Тимо Вернер.

Броја досега има постигнато 8 гола во сите натпреварувања за тимот од „Сент Мери“.


Барса спремна финансиски многу поволна понуда за Халанд

Барселона е заинтересирана за потписот на напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд. Барса е подготвена да ја плати клаузулата за ослободување од 75 милиони евра за Норвежанецот и да плати голема провизија на агентот на играчот, Мино Рајола. Покрај тоа, Барселона сакаат да го направат Халанд лидер на новиот проект.

И покрај тешката финансиска ситуација, Каталонците се подготвени да му понудат на играчот петгодишен договор со плата од 20 милиони евра годишно. Ова ќе го направи Халанд најплатен играч во тимот. Халанд се приклучи на Борусија Дортмунд во јануари 2020 година, откако се пресели од Салцбург за 20 милиони евра.

Оваа сезона норвешкиот напаѓач настапи на 14 натпревари во Бундеслигата, на кои постигна 16 гола и шест асистенции. Халанд постигна три гола на три натпревари од Лигата на шампионите. Договорот на Халанд со германскиот клуб истекува во летото 2024 година, а во моментов се проценува на 150 милиони евра.