фудбал

Алварез го напушти Шкупи и потпиша за клуб од Тајланд

Фреди Алварез сигурно ќе остане запаметен како еден од најдобрите странци кои биле дел од Првата македонска фудбалска лига, но по завршувањето на сезоната одлучи да си замине од Шкупи.

Сега Костариканецот е промовиран и во неговиот нов клуб, станува збор за БГ Патум Јунајтед од Тајланд, тим кој заврши на средината табелата од ова првенство во изминатата сезона.

Трансферот на Алварез, тимот го потврди на своите социјални мрежи. Дресот на Шкупи, Алварез го носеше од сезоната 2020/2021 годсина и стигна до титулата во ПМФЛ, а стаистички беше најдобриот играч за врска во првенството. Во изминатата сезона на 29 натпревари постигна десет гола и подели 20 асистенции.

Со новиот предизвик, Алварез ќе стартува во август кога во Тајланд започнува новата сезона, а ќе игра и квалификациите за плеј-оф во Азиската Лига на шампиони.


Осимен сака да игра во Премиер лигата

Желбата на нигерискиот репрезентативец, Виктор Осимен е да игра во Англија, а се поизвесно е дека наскоро ќе се оствари.

Осимен беше најдобар стрелец во Серија А и го предводеше Наполи до првата титула во Италија по повеќе од три децении чекање, а сега е подготвен да направи уште еден голем чекор во кариерата. Поранешниот напаѓач на Лил стана мета на европските гиганти од најсилните лиги, а наводно сега има битка меѓу три екипи од англиската Премиер лига.

Манчестер Јунајтед, Челзи и Ливерпул се тимовите кои почнаа да се борат за неговиот потпис и се верува дека во еден од нив ќе заврши Осимхен.

Во шампионската сезона на Наполи блесна со 31 гол на 39 натпревари. Затоа и тој беше мета на Баерн, но се чини дека Баварците сега целото внимание го насочија кон Хари Кејн.

Исто така, неодамна беше споменуван како прва опција за ПСЖ доколку Килијан Мбапе ова лето навистина замине во Реал Мадрид. Интересно е што Наполи за својата голема ѕвезда бара дури 150 милиони евра.


Падерборн е новиот клуб на Висар Муслиу

Висар Муслиу стави потпис на двегодишен договор со германскиот второлигаш Падерборн.

Муслиу така заминува од Инглоштад со кој се натпреваруваше во Третата германска лига и следната сезона ќе биде дел од Втората или популарната Цвајте.

Договорот кој го потпиша Муслиу е на две години со можност за продолжување на соработката на уште една, ако и двете страни се задоволни. Во изминатата сезона Падерборн заврши на шестото место во Втората Бундеслига и се бореше за место во елитната конкуренција.


Закарија пред потпис со Вест Хем

Денис Закарија би можел да остане во Премиер лигата по позајмица во Челзи.

Според новинарот Џанлука Ди Марцио, Вест Хем е заинтересиран за потписот на играчот од средниот ред, кој се уште е во сопственост на Јувентус.

Како што објавија италијанските медиуми, клубовите веќе преговараат. Претставниците на тимовите се слушнале неколкупати, но засега нема јасен договор.

Во Премиер лигата, Швајцарецот одигра седум натпревари, но тоа не беше доволно да го убеди Челзи да го задржи и за следната сезона со перманентен договор.


Спинацола ја напушта Рома и се сели во Саудиска Арабија

Левиот бек на Рома, Леонардо Спинацола добил примамлива понуда од Саудиска Арабија од екипата на Ал-Ахли, тврдат денеска италијанските медиуми.

30-годишниот фудбалер има договор со „волчицата“ до летото во 2024 година но, нема намера да го продолжи. Понудата од 15 милиони евра би можела да ги убеди римјаните да го продадат до крајот на преодниот рок.

Тој во претходната сезона одигра 40 натпревари во сите конкуренции со ефект од 2 гола и 6 асистенции.


Работнички в среда ги „пали моторите“ за новата сезона

Работнички в среда, со почеток во 17:00 часот, ќе ги стартува подготовките за новата сезона 2023/24. Шефот на стручниот штаб Милан Илиевски во клупската база ќе го има првиот собир со фудбалерите, а потоа тимот ќе стартува и со реализација на планираната програма.

Првиот дел од подготовките Работнички ќе го реализира во Скопје, а од 16 јули ќе замине во Словенија, каде ќе одигра четири пријателски натпревари.

Фудбалерите во текот на денешниот и утрешниот ден ќе ги минат задолжителните лекарски прегледи.


Галатасарај ќе биде новиот клуб на Лука Јовиќ

Лука Јовиќ како што стојат работите се уште е помеѓу останување во Фиорентина и трансфер во Галатасарај.

Турскиот гигант му нуди можност за играње во Лигата на шампионите и би пристигнал како замена за Мауро Икарди кој најверојатно заминува. Јовиќ во Фиорентина дојде без оштета, меѓутоа Фиорентина се обврза да им исплати на „кралевите“ 50% од неговиот следен трансфер.

Вредноста на српскиот напаѓач падна и според проценките на шпанските медиуми таа изнесува осум милиони евра. Тоа би значело дека Реал би инкасирал четири што е 15 пати помалку од она што го платија на Ајнтрахт кога го купија за 60 милиони евра.

Јовиќ во Реал Мадрид пристигна со големи очекувања, но никогаш не ги оправда вложените средства, па се пресели во Фиорентина каде што заигра нешто подобро.


Киеза на продажба, Јуве бара 60 милиони евра

Јувентус е спремен да го продаде Федерико Киеза ова лето и веќе ја одреди цената за италијанскиот репрезентативец.

„Газета дело Спорт“ тврди дека „бјаконерите“ не се убедени дека 25-годишниот крилен напаѓач ќе го продолжи договорот, па затоа сакаат да го продадат ова лето.

Ливерпул, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен се клубовите кои се заинтересирани за Киеза, а „старата дама“ за неговата слобода бара 60 милиони евра.

Јувентус има финансиски проблеми, нема да игра во ЛШ, па сака да го намали буџетот за плати.


Онана е изборот на Тен Хаг за наследник на Де Геа

Интер ја одредил цената за својот голман Андре Онана, а доколку заинтересираните страни го посакуваат, ќе мора да платат 50 милиони евра.

За овој голман најзаинтересирана страна во моментов е Манчестер Јунајтед, со кои наводно веќе имале одредени преговори, а во корист на тоа оди и информацијата дека агентот на Онана бил виден во Манчестер.

Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Ерик Тен Хаг, со Онана соработуваше во Ајакс, а сега го гледа како наследник на 33 годишниот Де Геа кој во Јунајтед брани уште од 2011 година.

Информациите кои доаѓаат од островот зборуваат за тоа дека Де Геа има шанси да остане уште една сезона во Јунајтед, но е свесен дека нема да има првотимски статус на секој натпревар доколку пристигне Онана.


Aл-Хилал се пофали со потписот на Калиду Кулибали

Иако важеше за еден од најдобрите дефанзивци во Европа, сепак Кулибали одлучи да тргне по милионите од Саудиска Арабија и сега е официјално е нов играч на Ал-Хилал.

Трансферот беше најавуван неколку дена, а денес стигна и официјалната потврда. Кулибали е една од европските ѕвезди кои кариерата ја продолжува на Блискиот Исток, во наредниот период сигруно ќе има и нови трансфери.

Договорот кој го потпиша е со важност на три години. Имаше интерес и од други европски великани, но платата која му ја понуди Ал-Хилал не можеше да ја добие никаде на друго место.

Следни трансфери кои треба да бидат потврдени од Саудиска Арабија се Менди исто така во Ал-Хилал и Зијеч во Ал-Наср.