фудбал

Инзаги: Ливерпул е фаворит, но имаме желба за надигрување

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги изјави дека неговиот тим ги има сите квалитети да му се спротивстави на Ливерпул. Двата тима ќе се сретнат во Милано во натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Ливерпул е еден од најдобрите тимови во Европа, но нашите играчи заслужуваат да играат на вакви натпревари. Не сме играле во осминафинале од ЛШ долги години и знаеме дека ќе биде тешко, но ќе се обидеме да се справиме. На хартија, Ливерпул е фаворит, но ќе им кажам на моите играчи да излезат психички растеретени и да ги покажат квалитетите кои ги поседуваат. Желбата за победа ќе ја направи разликата меѓу двата тима“, изјави Инзаги.


Иниеста сака да се врати во Барса како тренер или спортски директор

Поранешниот играч за врска на Барселона, Андрес Иниеста изјави дека би сакал да се врати во каталонскиот клуб. Во моментов Шпанецот настапува како дел од јапонскиот клуб Висел Кобе.

„Би сакал да се вратам во Барселона. Сè уште навистина уживам да сум во фудбалот и да размислувам за тоа. Ова е она што најмногу ме возбудува. Често сфаќам дека сакам да станам тренер или спортски директор. Сакам мојата иднина да биде поврзана со фудбалот“, изјави Иниеста.

Иниеста игра за Висел Коби од 2018 година, приклучувајќи се на тимот како слободен играч. Целиот претходен дел од својата професионална кариера, фудбалерот го мина во шпанска Барселона, освојувајќи 32 трофеи со тимот. Како дел од шпанската репрезентација Иниеста стана шампион на Европа и светот. Договорот на играчот од средниот ред со јапонскиот клуб истекува во 2024 година.


Почетино: Победата ни дава надеж за реваншот во Мадрид

Тренерот на Париз Сен Жермен, Маурицио Почетино, изрази задоволство од играта на тимот во победата од 1-0 против Реал Мадрид во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите.

Тој особено го пофали Килијан Мбапе, кој со гол во четвртата минута од судиското надополнување му донесе радост на парижаните.

„Можеби е мала победа, но ни дава надеж за натпреварот во Мадрид. Задоволен сум од настапот и се надевам дека ќе продолжиме да играме на овој начин и во иднина“, изјави Почетино по натпреварот.

И покрај разочарувањето од промашениот пенал на Лионел Меси, тренерот изрази задоволство од тоа што Париз Сен Жермен доминираше во поседот на топката.


Серија од рекорди за Манчестер Сити во победата над Спортинг

Високата победа на Манчестер Сити од 5-0 над Спортинг од Лисабон во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, донесе неколку рекорди за тимот предводен од Гвардиола.

Фудбалерите на Сити се први со пет последователни победи како гости во елиминациската фаза на ЛШ. 

Тимот на Гвардиола може да се пофали со уште две работи. Сити веќе има 200 постигнати гола во Лигата на шампионите, во само 97 натпревари. 

Огромното водство од 4-0 на полувремето во Лисабон е прв случај во историјата на елиминациите од Лигата на шампионите, еден тим да има водство од најмалку четири гола до полувремето.


Потврдено – Герет Бејл заминува од Реал Мадрид

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти потврди дека Герет Бејл ќе го напушти клубот по крајот на сезоната. Договорот на Велшанецот истекува и тој нема да биде обновен. Крилниот напаѓач имаше неколку незаборавни настапи на Сантијаго Бернабеу, но го следеа и многу повреди.

„Разговарам со него доста често. Се трудам да ги слушам неговите проблеми, нашиот однос е многу добар. Се однесува сериозно и професионално, го почитуваат во клубот. Повредите го спречуваат да игра повеќе оваа сезона, но сега се чувствува добро. Можеби не е многу мотивиран, но Бејл сака на најдобар можен начин да ја заврши кариерата во Реал Мадрид, тој му помогна на клубот да освои многу вредни трофеи, и го заслужува најдоброто“, изјави Анчелоти пред гостувањето кај ПСЖ во Лигата на шампионите.


Трипие има скршеница, го чека долга пауза

Њукасл во наредниов период нема да може да смета на најзвучното засилување од јануарскиот преоден рок, англискиот репрезентативец Киран Трипие.

Трипие со мајсторија му донесе три бода на Њукасл на вчерашната средба против Астон Вила, но во вториот дел мораше да го напушти теренот, а деталните медицински прегледи покажаа дека има заработено фрактура на левата нога.

Имено се работи за скршеница на петтата метатарзална коска на стапалото, па од „Сент Џејмс Парк“ информираа дека дефанзивецот е биде во „аут“ престојните мечеви не посочувајќи за точно колкава пауза се работи.

Киран веднаш се наметна по трансферот од Атлетико Мадрид, даде голови против Евертон и Астон Вила и дефинитивно ќе му фали на составот кој е предводен од Еди Хау.


Куртоа ја доби директната пресметка со Лео

Tибу Куртоа е најзаслужениот човек што Реал Мадрид  остана во игра за реваншот во 1/8 финале во Лигата на шампионите. Тибу после крајот на натпреварот иако  разочаран од конечниот исход откри дека го анализирал Меси,  последните три пенали  ги шутираше во десната страна ( голманска лева). Додека стоев на гол линијата решив да  се поиграм малку со него и тргнав лево и одбранив, тоа беше важен момент за нас  бидејќи останавме во игра но сепак на крајот  за жал примивме гол.


Берарди и Мурињо имале караница по дуелот Сасуоло – Рома

Доменико Берарди имаше два дуели со тренерот на Рома, Жозе Мурињо за време на вчерашниот меч.

Во финишот од мечот, Берарди дојде до контакт со фудбалерот на Рома, Кумбула и падна како покосен на тревата држејќи си го лицето. Дефанзивецот на Рома се смееше на оваа реакција и го обвини Берарди дека се преправа. Тој беше изваден од игра брзо после тоа и додека одеше накај клупата на Сасуоло влезе во дуел со Мурињо. Според „Кориере дело Спорт“ Португалецот му рекол на Берарди да се однесува поспортски.

Но по израмнувачкиот гол на Рома во самиот финиш од мечот, очигледно Берарди станал дополнително нервозен. па и по последниот свиреж на судијата влезе во расправија со Мурињо.

Дури и тренерот на Сасуоло, Алесио Дионизи не успеал да го одвои од Мурињо, двајцата влегле во тунелот расправајќи се.


На Пепе му се заканува суспензија од два месеци

Дефанзивецот на Порто, Пепе, се соочува со можна суспензија во траење од два месеци поради насилничко однесување, пренесуваат португалските медиуми.

Инцидентот се случил минатиот петок на дерби средбата помеѓу Спортинг и Порто, каде Пепе наводно нападнал еден од спортските директори на Спортинг. После жестоката расправија судијата на натпреварот му додели црвен картон. На тој начин Пепе ги прекрши дисциплинските правила и го очекува потенцијално висока казна, која според правилникот може да изнесува и суспензија од два месеци.


Лаутаро Мартинез: Му благодарам на Клоп за добрите зборови , но посакувам елиминација на Ливерпул

Напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез му се заблагодари на тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој го прогласи за еден од највозбудливите напаѓачи во светот. Сепак, Аргентинецот истакна дека неговиот тим мора да го елиминира Ливерпул во претстојното осминафинале во Лигата на шампионите меѓу двата тима.

„Неговите зборови се љубезни и му благодарам за тоа. Клоп е одличен тренер и дефинитивно добро ќе се подготви за овој натпревар. Мораме да бидеме добри, да одиграме перфектно и да продолжиме понатаму. Ливерпул има голем број на квалитетни играчи. Мора добро да се подготвиме за натпреварот и да пробаме да имаме поголем посед на топката. Напаѓаат со многу играчи и имаат брзи напаѓачи, па мораме да бидеме внимателни. Ова е дефинитивно еден од моите најважни натпревари во Интер“, коментира Лаутаро.