фудбал

Лотар Матеус воодушевен од доаѓањето на Мане во Бундеслигата

Садио Мане една година пред истекот на договорот, го напушта Ливерпул и заминува во Баерн Минхен. Овој чекор на фудбалерот предизвика воодушевување кај легендата на германскиот фудбал Лотар Матеус.

„Доаѓањето на Мане е фантастична работа, не само за Баерн туку за целата Бундеслига. Фактот дека фудбалер од таков калибар ќе настапува во нашата лига е феноменален“, изјави Матеус за германските медиуми.

Вкупниот трансфер на Мане од Ливерпул во Баерн со сите вклучени бонуси ќе изнесува 41 милиони фунти.


Енис Барди е многу блиску до трансфер во Алмерија

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди, е многу блиску до трансфер во Алмерија.

Според пишувањата во шпанските медиуми, новиот член на Ла Лига, Алмерија, е во завршни преговори со Барди за трансфер вреден 6 милиони евра. Договорот се очекува да биде потпишан на една година, со можност за продолжување на уште една, доколку Алмерија обезбеди опстанок во Примера.

Интерес за Барди има и од турските клубови Фенербахче и Трабзонспор, како и шпанскиот прволигаш Селта.


Маркос Антонио од Шахтјор се сели во Лацио

Бразилскиот играч за врска на Шахтјор Доњецк, Маркос Антонио се пресели во римски Лацио. Римскиот клуб оваа информација ја објави на својата официјална страница преку една од социјалните мрежи.

Според новинарот Џанлука Ди Марцио, Лацио платил 8 милиони евра за 22-годишниот играч од средниот ред, плус 2 милиони евра бонуси. Исто така, се известува дека играчот потпишал договор со Римјаните до 2027 година и ќе добива два милиони евра по сезона во Рим.

Бразилскиот играч настапува за Шахтјор Доњецк од сезоната 2018/2019. За тоа време одигра 101 натпревар за оваа екипа во сите натпреварувања, постигна девет гола и пет асистенции. Порталот Трансфермаркт ја проценува пазарната вредност на бразилскиот играч за врска на 8 милиони евра.


Раул Беланова од Каљари се сели во Интер

Интер успеа да го ангажира дефанзивецот на Каљари, Раул Беланова за новата сезона, објавија италијанските медиуми.

За трансферот ќе бидат платени 3 милиони евра, а во зделката е вклучена и опција за купување вредна 7 милиони евра. Миланскиот гигант одамна имаше постигнато договор со италијанскиот фудбалер, а сега успеа да се договори со неговиот клуб. Беланова ќе ги одмери силите со Дензел Дамфрис на десното крило во одбраната, а универзалниот играч Матео Дармијан може да биде поместен на лево, каде што ќе биде замена на Робин Госенс.

22-годишниот дефанзивец е уште еден трансфер на млад фудбалер во Интер по очекуваното привлекување на Кристијан Аслани.


Гатусо го носи Бакајоко и Кастиљехо во Валенсија

Новиот тренер на Валенсија, Џенаро Гатузо сака да донесе двајца играчи на Милан во својот нов тим. Поранешниот играч за врска на „росонерите“ ги ставил на списокот на посакувани Тиему Бакајоко и Саму Кастиљехо, кои не се главни фигури во составот на Пиоли на „Сан Сиро“ и се очекува клубот да прифати разделба со нив.

Интерес за Кастиљехо има и од Севиља, а Бакајако кој е во сопственост на Челзи не е во плановите ниту на Томас Тухел и ќе мора да бара нов тим.


Буфон: Ди Марија во Серија А би бил како Марадона

Џанлуиџи Буфон ја поздрави можноста крилото Анхел Ди Марија да му се приклучи на тимот.

Актуелниот голман на Парма беше соиграч со аргентинскиот репрезентативец во Пари Сен Жермен во сезоната 2018/19 и зборуваше многу љубезно за него.

„Во моментов Ди Марија би бил како Марадона во Серија А. Дали сум јасен? Фудбалерите треба да се оценуваат во контекст на тоа каде играат. Сега Серија „А“ е технички послаба, а Анхел располага со толку добра техника. Одлучен е пред голот и така лесно ги дрибла противниците. Тој е добар во давањето асистенции, трча напред-назад на теренот и може да игра различни улоги. Накратко, тој е фудбалер. Има 34 години? Јас имам 44 години, но сè уште играм. Годините не се важни. Мотивацијата и страста се многу поважни, а исто така и одлучноста. На последниот натпревар помеѓу Аргентина и Италија, Ди Марија никогаш не беше фатен од нашите дефанзивци. Тој секогаш знае како да се најде на вистинското место во вистинско време. Тој не ја допира само топката, туку ја гали. Секогаш ја држи залепена за неговата нога. За голман кој ќе види како му приоѓа, останува само едно да направи: да се крсти“, истакна Буфон.


Фудбалскиот клуб Ренова се повлекува од играњето во Првата лига

Македонскиот прволигаш Ренова, донесе одлука да се повлече од играњето во Првата македонска лига наредната сезона.

Раководството на Ренова својата одлука за напуштање на лигата ќе ја достави до ФФМ во наредните денови.

Како причина за напуштањето на лигата, од Ренова ја наведуваат слабата инфраструктура на клубот. За таа цел челниците на клубот одлучиле да започнат со изградба на стадион и тренинг центар во Џепчиште, а дотогаш екипата да настапува во најнизок ранг на натпреварување.


Директорот на Интер откри дека клубот преговара со Лукаку и Дибала

Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, призна дека клубот има намера да ги привлече напаѓачите Ромелу Лукаку и Пауло Дибала. Пред радио „Раи“, 65-годишниот Марота откри што е сработено и што треба да се направи до крајот на летниот преоден рок.

„Се обидуваме да потпишеме со Лукаку и Дибала. Сепак, денеска сигурно нема да објавиме договор за Лукаку. Има големи шанси да го вратиме, но има уште работи кои треба да ги решиме. Ќе видиме што ќе се случи “, рече Марота.

Според италијанскиот печат, Интер е подготвен да плати 10 милиони евра за едногодишна кирија на белгискиот напаѓач на Челси и да му ја покрие целата плата. Пред една година миланскиот гигант го продаде Лукаку на Челси за повеќе од 100 милиони евра. Воедно, Дибала е слободен играч, а претставници на Аргентинецот неколку пати биле забележани како разговараат со раководството на Интер.


Репрезентативец на Мароко потпиша за Вест Хем за 30 милиони евра

Вест Хем го ангажираше дефанзивецот на Рен, Наиф Агер со договор до јуни 2027 година, објави англискиот клуб.

„Чеканите“ ќе платат 30 милиони фунти плус бонуси за правата на 26-годишниот Мароканец.

Агер, кој е висок 188 сантиметри, игра како централен дефанзивец. Кариерата ја започна во тимот на ФУС Рабат во својата татковина, а потоа мина низ француските Дижон и Рен.

За тимот од Бретања, Агер запиша вкупно 80 натпревари во две сезони во сите натпреварувања, во кои постигна седум гола и четири асистенции.


Борусија Дортмунд ја пронајде замената за Халанд

Како што пренесуваат германските медиуми, челниците на Борусија од Дортмунд испратија понуда до Ајакс за напаѓачот Себастијан Алер, вредна 40 милиони евра.

Од Дортмунд потенцираат дека доаѓањето на Алер во тимот ќе биде одлична замена за Норвежанецот Ерлинг Халанд кој направи трансфер во Манчестер Сити.

Репрезентативецот на Брегот на Слоновата коска веќе има искуство со играње во германската Бундеслига, бидејќи во минатото настапуваше за Ајнтрахт од Франкфурт.

Минатата сезона во дресот на Ајакс, Алер одигра 65 натпревари, постигна 47 гола и 16 асистенции.