фудбал

Асенсио би останал во Реал ако добие повисока плата

Марко Асенсио би можел да го напушти Реал Мадрид на лето доколку не го продолжи договорот. Според „Марка“, претставниците на играчот и раководните лица на Реал Мадрид ќе се сретнат наскоро за да започнат преговори за нов договор.

Марко Асенсио би сакал да остане во Реал Мадрид, но не е подготвен да го стори тоа по секоја цена – сака договор со зголемување на платата, бидејќи смета дека го заслужил тоа со својот настап минатата сезона. Асенсио сега е на последната третина од листата на најплатени играчи на Реал Мадрид, а тој верува дека тоа не се совпаѓа со неговиот статус како трет стрелец на тимот зад Винисиус Јуниор и Карим Бензема. Шпанецот има 12 гола на 42 меча во изминатата сезона. Ситуацијата со минутажата може да влијае и на одлуката на Асенсио – пред Светското првенство во 2022 година, играчот од средниот ред би сакал да игра редовно. Тој не е секогаш повикан во шпанската репрезентација, а тоа влијае на позицијата на фудбалерот, кој минатата сезона стана 15-ти во Реал Мадрид по бројот на одиграни минути.

Асенсио не ги оправдува очекувањата и стагнира. Марко повеќе не важи за многу важен играч на тимот, па не е сигурно дека понудата на Реал Мадрид ќе ги исполни барањата на играчот. Доколку не може да се постигне нов договор, Реал Мадрид ќе го продаде 26-годишниот играч ова лето за близу 40 милиони евра. Доколку Асенсио одбие да замине и реши да остане во клубот до истекот на неговиот договор кој е со важност до летото 2023 година, тогаш најверојатно нема да оди на Светското првенство во 2022 година. Најголем интерес за Асенсио покажуваат Милан, Јувентус и Арсенал.


Чуамени: Мбапе и Клоп ме повикуваа во своите екипи, но јас сакав само во Реал

Французинот Орелиен Чуамени и официјално беше претставен како нов играч на Реал Мадрид. 22-годишниот фудбалер во Мадрид пристигна од Монако во вкупен трансфер од околу 100 милиони евра.

Чуамени изјавува дека висината на трансферот воопшто не го интересира и размислува само за што подобри игри во дресот на Реал. 

„Точно е дека имаше контакти и повици од други екипи. Имав разговори со Килијан Мбапе кој ме прашуваше за можноста да заиграм за ПСЖ. Исто така имав директен разговор и со тренерот на Ливерпул Јирген Клоп, но мојата желба одсекогаш била да заиграм за Реал Мадрид и мојот избор беше лесен уште од самиот старт“, потенцира Чуамени.


Оспина го напушта Наполи за Атлетико Мадрид

Давид Оспина би можел да се пресели од Наполи во Атлетико Мадрид.

Колумбиецот е интересен за шпанскиот тим, а сосема е сигурно дека нема да остане во италијанскиот клуб, бидејќи Наполи реши да смета на помладиот голман Алекс Мерет, кому ќе му биде понуден нов договор.

Оспина е во Наполи од 2018 година. На 103 натпревари за италијанскиот тим прими 96 гола и имаше 39 чисти мрежи. Претходно Оспина играше и за лондонски Арсенал, француска Ница и колумбиски Атлетико Национал. Заедно со англискиот тим, голманот освои два ФА куп трофеи и еден Суперкуп на Англија. Оспина го освои Купот на Италија со Наполи и две шампионски титули на Колумбија со Национал.


Манчини: Еден пораз не може да сруши серија на добри потези

Селекторот на Италија Роберто Манчини ги објасни причините за поразот од Германија со 2-5. Ова е уште еден разочарувачки резултат за „азурите“, откако селекцијата не успеа да се пласира на Светското првенство 2022 година и беше поразена со 0-3 од Аргентина во спорот за трофејот „Финалисима“.

„Тажно е што јунската серија натпревари заврши на овој начин. Знаевме колку силен тим е Германија. Им дадовме премногу слободен простор во првото полувреме. Имаше некои добри работи, без разлика на исходот, но генерално е нормално да се биде разочаран. Групата останува отворена“, изјави Манчини.

„Не делувавме како целина во одбраната, затоа се направени толку многу грешки. Во една фаза од натпреварот ризикувавме. Игравме со многу млади играчи, така е. Оваа загуба не може да избрише се што постигнавме во изминативе години“, изјави италијанскиот тренер


Хамес Родригез потпишува за Бока Јуниорс?

Бока Јуниорс сака да го привлече поранешниот играч од средниот ред на Реал Мадрид, Хамес Родригез, пренесуваат шпанските медиуми.

Плејмејкерот моментално е играч на Ал Рајан, но не е среќен во тимот и сака да си замине. Тој во катарскиот тим дојде минатото лето од Евертон.

Раководството на Бока Јуниорс во него гледа играч кој може сериозно да го подигне нивото на тимот во обидот да го освои Копа Либертадорес.


Кунде доби „зелено светло“ за трансфер во Челзи

Челниците на Севилја ќе му дозволат на дефанзивецот, Жил Кунде, да замине во Челзи доколку „сините“ од Лондон платат минимум 65 милиони евра.

Централниот стопер не крие дека има голема желба да настапува за екипата од „Стенфорд Бриџ“  која и во претходното лето се обиде да дојде до неговиот потпис, но, шпанците не ја прифатија понудата.

Во исто време и Генералниот директор на Севилја, Хозе Марија Круз, призна дека Кунде инсистира да замине од клубот.


Де Јонг останува на „Камп Ноу“: Играм во најголемиот светски клуб

Играчот од средниот ред на Барселона, Френки де Јонг проговори за трансфер гласините за негова можна преселба во друг клуб.

„Секогаш е убаво кога тимовите покажуваат интерес за тебе, но во моментов сум во најголемиот клуб во светот и се чувствувам добро овде, така што не можам да кажам ништо за ова“, изјави за „Марка“ Френки Де Јонг.

Претходно беше објавено дека Барселона ја одбила понудата на Манчестер Јунајтед да го ангажира Де Јонг за 70 милиони евра. Познато е дека Каталонците се подготвени да разгледаат само понуди кои надминуваат 85 милиони евра. Френки де Јонг (25) минатата сезона имаше 46 настапи за Барселона во сите натпреварувања, постигнувајќи четири гола и пет асистенции.


Адеми и Ристовски во „дрим-тимот“ на хрватската фудбалска лига

Фудбалските репрезентативци на Македонија, Аријан Адеми и Стефан Ристовски добија место во идеалниот состав во првентството на Хрватска за сезоната 2021/22.

Адеми и Ристовски со својот клуб Динамо од Загреб беа убедливи во освојувањето на шампионската титула сезонава. Тие во „дрим-тимот“на лигата беа избрани со гласовите на играчите и тренерите , а изборот беше организиран од Фудбалскиот сојуз на Хрватска.

Како најдобар фудбалер на Хрватска е избран фудбалерот на Хајдук, Марко Ливаја.


Костарика е последниот учесник на Светското првенство во Катар

Репрезентацијата на Костарика е последната екипа која резервира карта за учество на Светското првенство во Катар. Костарика во баражот за пласман на Мундијалот ја совлада селекцијата на Нов Зеланд со 1:0.

Бараж дуелот се одигра во Катар на стадион каде ќе се одржуваат и натпревари од Светското првенство. Костарика до баражот стигна како четвртопласирана селекција од КОНКАКАФ зоната, а Нов Зеланд како победник од Океанија.

Репрезентацијата на Костарика во Катар ќе биде во група со Шпанија, Германија и Јапонија.


Белгиецот Компани нов менаџер на Барнли

Винсент Компани е нов менаџер на Барнли. Белгиецот му се приклучи на Андерлехт, каде што ја започна својата богата кариера во 2019 година. Првично беше играч-тренер, а потоа, во август 2020 година, трајно ја презеде тренерската функција.

Компани минатата сезона го предводеше Андерлехт до третото место и до финалето на Купот на Белгија.

Барнли се раздели со Шон Дајч, кој беше менаџер на тимот 10 години. Привремениот тренер Мајк Џексон ја заврши сезоната, но не успеа да му помогне на тимот да се спаси. Сега целта на Компани е веднаш да го врати Барнли во Премиер лигата.

„Барнли е историски тим во Англија и чест ми е што сум назначен за негов менаџер. Возбуден сум поради овој предизвик. Импресиониран сум од визијата во клубот, која е во склад со мојата. Со нетрпение очекувам да ја одиграм мојата улога во оваа важна сезона“, изјави Компани на веб-страницата на Барнли.