фудбал

Фирентина се засили со Кшиштов Пјонтек

Екипата на Фиорентина го доведе полскиот напаѓач Кшиштов Пјонтек. 

26-годишниот Пјонтек до крајот на сезоната, ќе настапува за Фиорентина како позајмен играч од Херта Берлин, по што популарните „виолетови“ ќе можат да го откупат неговиот договор.

За Пјонтек ова е негово враќање во италијанската Серија А, каде претходно настапуваше за екипите на Џенова и Милан.

Медиумите од Италија пишуваат дека Фиорентина се подготвува за извесното заминување на Душан Влаховиќ, и дека всушност тоа е вистинската причина за доведување на центарфорот од Полска.


Илчо Ѓорѓиоски го менува Марјан Секуловски на кормилото на Брегалница

Веднаш по напуштањето на клупата на Брегалница од страна на Марјан Секуловски, клубот го објави неговиот наследник. Нов тренер на прволигашот од Штип ќе биде искусниот Илчо Ѓорѓиоски.

Новиот шеф на стручниот штаб на Брегалница е еден од најтрофејните македонски тренери, поранешен претседател на ФФМ и предводник на повеќе екипи. Првиот човек на клубот Кирил Гогов е задоволен со ова решение, затоа што Ѓорѓиоски е еминентно фудбалско име во земјава.

„Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина“, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.

Илчо Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има три шампионски титули во македонското првенство, со Македонија ЃП и со Вардар, а потоа ја предводеше и Фудбалската Федерација на Македонија.


Роналд Араухо поради скршеница на раката ќе паузира од настапите за Барселона

Дефанзивецот на тимот од „Камп Ноу“, Роналд Араухо, заработи фрактура на десната рака, поради што во наредните неколку месеци нема да биде на располагање на тренерот Чави.

Повредата на Уругваецот, претставува сериозен проблем за Барселона, бидејќи во последниов период тој беше најдобар играч од одбраната на „Каталонците“, покрај Ерик Гарсија и Пике.

Дали Чави Ернандез ќе биде приморан да купува нов дефанзивец ќе зависи од тоа дали опоравувањето на Араухо ќе се одвива со планираното темпо.


Васоски пред промоција за нов тренер на Сараево

Aлександар Васоски е еден од главните кандидат за преземање на клупата на Сараево. Во кратката изјава за босанските медиуми Васоски не демантира дека има шанса да седне на клупата на Сараево.

„Се ќе знаете во наредните ден или два. Имајте разбирање“, бил краткиот одговор на Васоски.

Се наведува дека на состокот Васоски разменил мислења со раководството на Сараево и се запознал со клубот и плановите.


Барселона ќе се обиде да го доведе Кристенсен од Челзи

Екипата на Барселона ќе се обиде да ја засили својата одбрана со дефанзивецот на Челзи, Андреас Кристенсен. 

Веќе подолг период стои информацијата дека „Каталонците“ имаат сериозен интерес за 25-годишниот Данец, чиј договор со тимот од Лондон истекува по завршетокот на сезонава и Барса се надева дека ќе го убеди да се пресели на „Камп Ноу“.

Челзи прави големи напори да го убеди Кристенсен да го продолжи неговиот актуелен договор, меѓутоа од играчот сеуште нема потврден одговор и преговорите продолжуваат во наредниов период.


Ферхан Хасани се врати во Шкендија

Поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Ферхан Хасани се врати во својот матичен клуб, Шкендија.

31-годишниот фудбалер повторно се враќа во клубот од Тетово, после неговиот престој во Тирана каде настапуваше за екипата на Партизани.

Популарниот „Буба“ беше член на Шкендија на два пати и тоа од 2007 до 2012 и од 2015 до 2018 година.


Ремзи одби да се пресели во Барнли

Играчот од средниот ред на Јувентус, Арон Ремзи, кој не е во плановите на тренерот Алегри, ја одби понудата на Барнли.

31-годишниот репрезентативец на Велс сака да се врати во Премиер лигата, но во некој поамбициозен клуб. Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал се поврзуваше и со можен трансфер во Њукасл, но од тоа засега нема ништо.

Ремзи оваа сезона одигра само три натпревари.


Ливерпул е пред трансфер на Луис Диjаз од Порто

Екипата на Ливерпул е со големи шанси да ја доведе ѕвездата на Порто, Луис Дијаз.

Тренерот Јирген Клоп беше многу импресиониран од 24-годишниот Колумбиец на натпреварите против Порто во Лигата на шампионите оваа есен и сега клубот сака да го забрза трансферот, иако првичните очекувања беа дека тоа ќе се случи на лето.

Отсуството на Мохамед Салах и Садио Мане, како и бројните повреди во тимот можно е да ја забрзаат реализацијата на овој трансфер за кој се очекува Ливерпул да издвои 60 милиони евра. 


Барселона пројавува интерес за доведување на Наби Кеита

Екипата на Барселона е заинтересирана за играчот од средниот ред на Ливерпул, Наби Кеита, и ќе се обиде да го доведе во своите редови за време на летниот период.

Репрезентативецот на Гвинеја, пристигна на „Енфилд“ во 2018 година од РБ Лајпциг за 53 милиони фунти, но не успеа да се избори за посериозна улога во тимот на Јирген Клоп. Поради неговите чести повреди во изминативе сезони, Кеита имаше слаба минутажа во Ливерпул.

Оваа сезона може да се каже дека е една од неговите најдобри откако го носи дресот на „црвените“, бидејќи веќе настапи на 16 меча во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи и три гола. Сепак голема е веројатноста Ливерпул во текот на летото да се раздели со 26-годишниот Кеита, а како негова нова дестинација се споменува Барселона, иако за него се интересираат и Баерн Минхен, Милан и Рома.


Париз Сен Жермен сака трампа со Јувентус, Икарди за Моизе Кин

Според француските медиуми, францускиот вицешампион Париз Сен Жермен сака да се раздели со напаѓачот Мауро Икарди, и ќе проба во своите редови да го врати Моизе Кин од Јувентус. 

Неодамна беше објавена веста дека од Јувентус веќе стапиле во контакт со претставниците на Икарди. Јувентус сака да го доведе Аргентинецот во Италија откако тој со своите игри не успеа да се наметне во ПСЖ по неговиот трансфер од Интер.

Но според информациите, челниците на  „Старата дама“ не се согласуваат да платат 50 милиони евра, колку што побарува ПСЖ за Икарди. 

Поради оваа причина, двата тима можат да направат меѓусебна размена на играчи – Кин за Икарди. Спортскиот директор на екипата од Париз, Леонардо е голем фан на 21-годишниот Италијанец и сака повторно да го види во екипата каде минатата сезона играше како позајмен играч.