фудбал

Един Терзиќ ќе биде нов тренер на Борусија Дортмунд

Само неколку часа после изненадувачката вест дека Борусија Дортмунд му даде отказ на тренерот Марко Розе, се чини дека познатите „милионери“ ја пронајдоа неговата замена за клупата.

Клубот веќе остварил контакт со Един Терзиќ, и најверојатно тој ќе биде новиот тренер на екипата. Терзиќ веќе еднаш го водеше Дортмунд и тоа во сезоната 2020-2021, кога го замени Лусиен Фавре.

Тренерот со босанско потекло, во својот претходен мандат со Борусија Дортмунд, успеа да го освои Купот на Германија и го одведе тимот во Лигата на шампионите.


Куман најави дека до крајот на кариерата ќе води само репрезентации

Роналд Куман најави дека нема да тренира ниту една друга екипа. 

Откако во ноември минатата година ja заврши епизодата на клупата на Барселона која траеше речиси една и пол година, Куман најави дека повеќе нема да биде клупски тренер.

„Го исполнив својот сон – да бидам тренер на Барса. Нема повеќе да водам друг клуб, сега ќе се посветам на холандската репрезентација“, изјави Куман.

Куман ја напушти клупата на репрезентацијата поради Барселона. Сепак, Фудбалскиот сојуз на оваа земја реши повторно да го ангажира, а по Мундијалот во Катар ќе го преземе тимот од легендарниот Луј Ван Гал.


Македонија Ѓорче Петров е освојувач на фудбалскиот Куп на Македонија

Фудбалерите на Македонија ЃП, се освојувачи на трофејот во купот на Македонија, откако во финалето беа подобри од Силекс. 

Натпреварот во регуларниот дел од натпреварот заврши без голови и замина во продолженија во кои двете екипи исто така не постигнаа голови.

После изведувањето на пенал серијата, поуспешни беа популарните „лавови“ од Ѓорче, кои славеа со 4:3.


Французинот Ленгле од Барса се сели во Тотенхем

Тотенхем е заинтересиран за дефанзивецот на Барселона, Клемент Ленгле. Тренерот на каталонскиот клуб Чави следната сезона нема да смета на 26-годишниот Французин. Спарс може да го ангажираат играч во летниот преоден рок.

Ленгле игра за Барселона од 2018 година. 26-годишниот дефанзивец оваа сезона забележа 26 настапи во сите натпреварувања, а има договор со Барселона кој истекува на 30 јуни 2026 година.


Виси настапот на Хари Кејн на гостувањето во Норич

Настапот на Хари Кејн на неделниот натпревар против Норич е доведено во прашање. Напаѓачот не се чувствува добро и одби да учествува на отворањето на изложбата посветена на неговата кариера во музејот во Лондон.

В недела Тотенхем гостува кај Норич, победа, а веројатно и нерешено ќе им го гарантираат четвртото место и учество во Лигата на шампионите следната сезона. Минатата недела неколку играчи на Тотенхем имаа проблем со стомачен вирус.

Претходно во текот на денешниот ден Гери Линекер сподели сомнежи за труење со храна во тимот, но оваа информација беше демантирана. Ваквите проблеми не му дозволија на Тотенхем учество во Лигата на шампионите во 2006 година.


Кака започнува тренерска кариера

Легендарниот бразилски фудбалер, Рикардо Кака, планира да започне тренерска кариера. Шпанскиот медиум АС пренесува дека некогашниот освојувач на Златната топка, во Бразил се здоби со тренерска А лиценца, и наскоро се очекува да го преземе водењето на некој тим.

Славниот фудбалер за време на својата играчка кариера имаше од кого да учи, бидејќи негови тренери меѓу останатите беа и трофејните стручњаци, Карло Анчелоти и Жозе Мурињо.


Отказ за Розе од кормилото на Борусија Дортмунд

Борусија Дортмунд изненадувачки ја објави разделбата со својот тренер Марко Розе, кој заминува по завршувањето на сезоната во Бундеслигата.

„Борусија Дортмунд и тренерот Марко Розе ја завршуваат својата соработка. По интензивната сесија на анализи во четвртокот, во која бе авклучени Розе, Ватцке, Цорк, Кел и Замер, клубот одлучи да продолжи понатаму без сегашниот тренер и да му посака успех на Марко Розе во неговиот следен потфат“, се вели во соопштението на клубот.

Розе помина само една сезона на кормилото на тимот откако пред една година пристигна од Борусија (Менхенгладбах). Тој ги предводеше „жолто-црните“ до второто место во првенството, но во другите натпреварувања имаше разочарувања. Дортмунд доживеа елиминација во групната фаза од Лигата на шампионите и го продолжи учеството во Лигата на Европа, каде што, сепак, беше елиминиран од Ренџерс. Во Купот на Германија, тимот беше елиминиран од второлигашот Сент Паули во осминафиналната фаза.


Избрани најдобрите фудбалери на сезоната во Серија А

Во пресрет на последното коло од Серија А беа избрани најдобрите фудбалери, односно МВП на сезоната.

По традиција се бираат најдобар голман, дефанзивец, играч за врска, напаѓач и најдобар млад фудбалери до 23 години.  За најдобар голман беше избран голманот на Милан, Мајк Мењан, кој успеа 16 пати да ја зачува својота мрежа оваа сезона. Најдобар дефанзивец е Жеилсон Бремер од Торино, кој имаше фантастична сезона, додека наградата за најдобар играч за врска му припадна на Марсело Брозовиќ.

Најдобар напаѓач е избран Чиро Имобиле, а наградата за најдобар млад фудбалер до 23 години му припадна на Виктор Осимен од Наполи.

Фудбалерите наградите ќе ги добијат во недела пред почетокот на натпреварите од последното коло.


Анчелоти: Ливерпул има потешка подготовка за финалето од нас

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, одржа прес-конференција пред последниот натпревар сезонава во Ла Лига на „Лос Бланкос“. Мадрид е домаќин на победникот на Купот – Бетис на „Сантијаго Бернабеу“.

„Расположението е многу позитивно. Сакаме да направиме добар последен натпревар од сезоната пред нашите навивачи. Испраќаме прекрасна сезона и сакаме да им изразиме благодарност на навивачите“, изјави 62-годишниот стручњак.

Тој беше прашан и за претстојното финале во Лигата на шампионите против Ливерпул на 28 мај. 

„Природно е да има некоја нервоза пред финалето на Лигата на шампионите. Ова е огромен натпревар. Мислам дека Ливерпул има потешки недели до финалето од нас, бидејќи се подготвува за голем, важен натпревар овој викенд. Веќе го прославивме триумфот во првенството. Тие го прославија освојувањето на ФА Купот“, изјави Анчелоти.


Трајковски го освои првиот трофеј во Саудиска Арабија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски успеа да го освои својот прв трофеј во Саудиска Арабија. Тој и неговиот тим Ал Фејха направија огромен успех освојувајќи го Кралскиот куп во Саудиска Арабија. Во финалето во Џеда, Ал Фејха го победи фаворизираниот Ал Хилал на пенали, со 3-1, откако во регуларниот тек, а и по 120 минути, мечот заврши 1-1.

Трајковски беше стартер во тимот на Ал Фејха.