фудбал

Барса и Атлетико преговараат за иднината на Гризман и Мората

Спортскиот директор на Барселона, Матеу Алемани и неговиот колега од Атлетико Мадрид, Хил Марин вчера имале средба.

Шпанските медиуми пренесуваат дека главна тема била иднината на напаѓачите Антоан Гризман и Алваро Мората.

Гризман во моментов е на позајмива во Атлетико и до овој момент запиша 37 меча на кои постигна 8 гола. Тој има плата од 22 милиони евра во Барселона, па Каталонците не сакаат да го вратат за да не ја нарушат структурата на плати.

Поради тоа од Барселона сакаат да го остават Французинот на „Ванда Метрополитано“ и да го земат Алваро Мората, кој моментално игра на позајмица во Јувентус.

„Старата дама“ нема да го откупи Шпанецот на крајот на сезоната, па би можело двата клуба да договорат трампа.


Мбапе: Блиску сум до конечна одлука

Француската фудбалска суперѕвезда, Килијан Мбапе, сеуште нема донесено дефинитивна одлука каде ќе ја продолжи својата кариера. Играчот од нападот на ПСЖ се почесто се поврзува со премин во Реал Мадрид. 

Според последните објави на познатиот новинар Фабрицио Романо, 23-годишниот фудбалер е многу блиску до одлуката околу продложувањето на кариерата.

„Не можам дефинитивно да зборувам за мојата иднина, но ќе знаете за брзо време. Скоро се е одлучено“, изјави Мбапе за француските медиуми.

Новинарот Романо потенцира дека во таборот на Реал се многу оптимистични и самоуверени дека Французинот својата кариера ќе ја продолжи на „Сантијаго Бернабеу“.

Оваа сезона во дресот на ПСЖ,Мбапе има постигнато 25 гола на 34 натпревари.


Хитер доби отказ, Борусија Менхенгладбах бара нов тренер

Борусија Менхенгладбај го отпушти австрискиот тренер Адолф Хитер после завршувањето на сезоната во Бундеслигата.

Тимот на Хитер во вчерашното последно коло од германскиот шампионат убедливо со 5-1 го совлада Хофенхајм, но тоа не го спречи германскиот бундеслигаш да му даде отказ.

Причината за разделбата со Хитер се лошите резултати во оваа сезона. Од екипата се очекуваше многу повеќе пред почетокот на сезоната, тимот констатно беше во долниот дел од табелата во Бундеслигата и далеку од местата кои водат во Европа што беше примарната цел.

Сега клубот ќе биде во потрага по нов стратег, а засега не се познати потенцијалните кандидати за наследник на Хитер.


Симоне Инзаги: Веќе освоив едно скудетото во последното коло

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги останува оптимист дека неговиот тим може да го освои Скудетото. „Нероазурите“ синоќа го победија Каљари со 3-1 и со тоа останаа на 2 бода зад лидерот Милан пред натпреварите од последното коло. Проблемот е што Интер и да победи на домашен терен од Сампдорија ќе мора да чека грешка од Милан за да го симнат од врвот. Сепак, Инзаги смета дека тоа е можно. Нешто слично како фудбалер веќе има направено со Лацио во 2000 година.

„Не ни беше лесно, знаејќи дека Милан веќе победи, но тимот одигра многу добро против противник кој знае да прави проблеми на домашен терен. Честитки за тимот, затоа што не може се нарече загарантирана победа, особено откако одигравме 120 минути во средата“, изјави Инзаги.

„Очекувам многу оспоруван последен ден од сезоната. Некои ќе се борат за место во Европа, други за да се спасат од испаѓање. Ќе се обидеме да одиме до крај. Заостануваме, па мораме да победиме и да чекаме Милан да загуби. Но, ова веќе се случи. Слично победив со Лацио кога заостанувавме два бода, но Јувентус загуби од Перуџа, па зошто да не се повтори“ додаде Инзаги.


Тухел: Во две финалиња не примивме гол против моќниот напад на Ливерпул

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, беше разочаран по изведувањето на пенали на Ливерпул во финалето на ФА Купот, но се фокусираше на добрата игра на неговиот тим.

„Како и во претходното финале против Ливерпул, не жалам за ништо. Им кажав на момчињата дека сум горд на нив. Одигравме вкупно 240 минути во две финалиња против можеби најсилниот напад во светот и резултатот е 0-0. Тажни сме што загубивме по пенали, но во исто време сме горди што направивме се што можевме. Во текот на натпреварот чувствував дека имаме предност, но очигледно згрешив“, прокоментира Тухел.

„Веќе 4 пати оваа сезона докажавме дека можеме да се натпреваруваме со Ливерпул. Сите натпревари беа рамноправни и можеа да завршат со победа за нас и за противникот“, додаде германскиот стручњак.

Челси има уште два натпревари во Премиер лигата – дома Лестер и Ватфорд. Пред нив, тимот го зазема третото место во поредокот со 4 бода предност пред Арсенал и 5 пред Тотенхем.


Јуве ќе испрати понуда за Иван Перишиќ

Иван Перишиќ, може да ја продолжи кариерата во Јувентус. Клубот од Торино е подготвен да му понуди договор на 33-годишниот хрватски фудбалер. Да потсетиме, претходно Перишиќ зборуваше за можно продолжување на договорот со Интер и истакна дека преговорите за нов договор се одолговлекуваат.

Перишиќ за италијанскиот тим настапува од 2015 година, откако се пресели од германски Волфсбург. Фудбалерот од средниот ред оваа сезона одигра 33 натпревари во лигата, постигнувајќи седум гола и шест асистенции.

Договорот меѓу Перишиќ и Интер истекува на крајот од оваа сезона. Пазарната вредност на играчот се проценува на 10 милиони евра.


Кофелд заработи отказ од Волфзбург

Германскиот бундеслигаш Волфсбург со заедничка согласност реши да се раздели со тренерот Флоријан Кофелд, потврдија од бундеслигашот.

Раководството на „волците“ одлуката ја донесе по темелна анализа и по завршувањето на сезоната, потврдувајќи ги прогнозите на некои од водечките германски медиуми.

„Жалиме за ваквиот развој на настаните и му благодариме на Флоријан Кофелд што ни помогна во оваа тешка ситуација и донесе правилни одлуки за да се осигураме дека ќе останеме во елитата. Не сакаме да бидеме под притисок од почетокот на следната сезона и се договоривме да ја завршиме заедничката соработка“, изјави Јерг Шмадке, директор на клубот од Долна Саксонија.


Адеми и Ристовски слават шампионска титула во Хрватска

Репрезентативците на Македонија, Аријан Адеми и Стефан Ристовски, на едно коло пред крајот на првенството, ја осигураа новата шампионска титула со Динамо Загреб.

Екипата од Загреб, во претпоследното првенствено коло, славеше како гостин против Шибеник со 0:2, па така оствари предност од четири недостижни бода пред второпласираниот Хајдук од Сплит, и се промовира во шампион на Хрватска. Ристовски и Адеми го одиграа целиот натпревар за Динамо.


Лос Анџелес Галакси го сака Џорџо Кјелини

Легендарниот централен стопер на Јувентус и на фудбалската селекција на Италија, Џорџо Кјелини, веројатно ќе замине преку „големата бара“ во екипата на Лос Анџелес Галакси.

37-годишниот ветеран по цели 17 сезони најави дека ќе ја напушти „старата дама“, но, нема намера да се повлече од фудбалот.

Наводно, клубот од САД му нуди на Кјелини договор до декември во 2023 година.


Маркињос од Сао Паоло пред промоција на „Емирати“

Арсенал е многу блиску до доведување на талентиран бразилски фудбалер кој го носи дресот на Сао Паоло.

Во прашање е 19-годишниот офанзивец Маркињос кој во овој момент важи за еден од најголемите потенцијали во Бразил. Арсенал и во последните има добро искуство со доведување на фудбалери од Бразил, Габриел Мартинели полека станува неизоставен дел од составот на Артета.

Маркињос како и Мартинели на „Емирати“ би требало да пристигне за сума од три милиони евра. Сао Паоло не е ниту во можност да бара повеќе затоа што договорот на Бразилецот има важност само уште една година.