фудбал

Македонија ЃП ќе игра на интернационален турнир во Хрватска

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ги започнува подготовките за вториот дел од оваа сезона и тоа во Хрватска каде ќе биде дел од „Арена Куп 2023“.

„Лавовите“ тука ќе одиграа најмлаку три натпревари и тоа против Истра од Хрватска, Арсенал Тиват од Црна Гора и Колкети од Грузија.

„На 3 јанувари официјално ги започнуваме подготовките за прелетниот дел на сезоната. Во Хрватска наредните 12 дена ќе престојуваме во Хотел Белведере Медулин, каде имаме одлични услови за работа. На 4 јануари имаме закажани лекарски прегледи во Пула. Ќе учествуваме на Арена Купот, каде ќе одиграме најмалку три натпревари. Играчите ќе имаат време и за одмор, но по посебна програма за работа. Подготвени сме за наредните предизвици кои не очекуваат во кои се надеваме дека и оваа година ќе бидеме успешни, -истакна тренерот Муарем Бајрами.

На 25 јануари пак тимот заминува во Анталија.


Милан се засили со голманот Васкез од Колумбија

Фудбалскиот клуб Милан соопшти дека голманот од Колумбија, Девис Васкез е нов играч на екипата.

24-годишниот Васкез во Милан доаѓа од парагвајскиот клуб Гуарани, а со росонерите потпиша договор до јуни 2026.година.

Васкез за Гуарани во две сезони одигра 28 натпревари во парагвајската лига како и три натпревари во Копа Либертадорес.

Милан во моментот се наоѓа на второто место во Серија А, после 15 одиграни натпревари.


Бразилецот Силвињо е нов селектор на албанската репрезентација

Албанија и официјално го соопшти наследникот на Едоардо Реја кој го водеше националниот тим од 2019 до 2022 година.

Фудбалската федерација на нашиот западен сосед се реши за јужноамериканско решение и тоа во името на Силвињо. Некогашниот ас на Арсенал, Барселона и Манчестер Сити се реши да каже „ДА“ па ќе ја води Албанија во наредните 18 месеци или поточно до крајот на Европското првенство во 2024 година.

Негови помошници ќе му бидат Пабло Забалета и Доривал Жуниор.

Силвињо не се прослави во досегашната кариера како тренер, па брзо заработи откази во Лион и потоа во Коринтијанс.


Барселона го носи Мукоко од Дортмунд?

Според Диарио Спорт, големи се шансите фудбалскиот клуб Барселона да го доведе напаѓачот на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко. 

Овај спортски медиум известува дека младиот талент има желба да го облече дресот на каталонскиот гигант, и во овој момент многу мали се шансите тој да го продолжи договорот со Борусија Дортмунд.

Од Барселона планираат да го доведат Мукоко како слободен играч, без обештетување, трансфер кој би се реализирал во текот на летото.

18-годишниот напаѓач има одиграно 22 натпревари за Борусија Дортмунд во сите натпреварувања оваа сезона, и успеа да постигне шест гола и шест асистенции. Според Траснфермаркт неговата пазарна вредност изнесува околу 30 милиони евра.


Милан му понуди 7 милиони евра годишно на Рафаел Леао

Напаѓачот на Милан, Рафаел Леао, најверојатно ќе остане во тимот во следните неколку години. Ова го пренесува новинарот Џанлука Ди Марцио на својата веб-страница.

Според Ди Марцио, „Росонерите“ на играчот му понудиле плата од 7 милиони евра годишно. Португалецот сака да остане во тимот. „Црвено-црните“ сакаат да ги продолжат договорите и со напаѓачот Оливие Жиру и играчот од средниот ред Исмаел Бенасер. Тимот на Стефано Пиоли е втор во Серија А со 33 бода.

Договорот на играчот со Милан завршува во летото 2024 година. Леао имаше 20 настапи за Милан во сите натпреварувања, постигнувајќи седум гола и шест асистенции. Фудбалерот има и два гола за репрезентацијата на Португалија на Светското првенство во Катар.


Арсенал ја зголеми понудата, Мудрик на пат за Лондон

Арсенал испратил нова, побогата понуда за ѕвездата на Шахтјор, Микаило Мудрик, пренесуваат медиумите на Островот.

21-годишниот крилен фудбалер игра одлично оваа сезона и особено воодушеви со натпреварите во Лигата на шампиони. Украинецот има договор со Шахтјор до 2026 година, а украинскиот клуб првично ја одби понудата од 62 милиони евра од Арсенал.

Според информациите Арсенал испратил нова понуда во висина од 70 милиони евра и се надева наскоро да го комплетира трансферот.

Украинецот веќе има договор со „топџиите“ и инсистира да се пресели на „Емирати“ во зимскиот преоден рок“.


Един Џеко наскоро станува соиграч на Кристијано Роналдо

Кристијано Роналдо вчера потпиша за Ал-Наср од Саудиска Арабија, но клубот сака да доведе уште најмалку една голема ѕвезда.

Имено, Ал Наср сака да го доведе и Един Џеко, на кого му истекува договорот со Интер на лето. 36-годишниот напаѓач игра одлично оваа сезона, но неговиот договор со „нероаѕурите“ истекува на лето.

Интер наскоро ќе започне преговори за продолжување на соработката, но Босанецот има богата понуда од Саудиска Арабија.

Клубовите од Саудиска Арабија се спремни да вложат многу пари и да донесат големи ѕвезди, па после Кристиано Роналдо се очекува да пристигнат и други ѕвезди.


ПСЖ се вклучи во трката за Виктор Осимен

ПСЖ е силно заинтересиран за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен.

Осимен е голема желба на тренерот Кристоф Галтие, кој со Нигериецот во тимот ја освои француската лига со Лил. Наполи поставија цена од високи сто милиони евра за нигерискиот напаѓач, но ова нема да претставува проблем за богатиот француски клуб.

Осимен се етаблираше во еден од најдобрите напаѓачи во Европа и за него интерес покажуваат многу европски гиганти, но ПСЖ сака да ја победи конкуренцијата.


Ливерпул не се откажува од идејата Амрабат

Англиските медиуми пренесуваат дека Ливерпул не се откажува од ѕвездата на Мароко, Софијан Амрабат. Имено, Клоп сака да го засили средниот ред во јануари, па останал импресиониран од настапите на Амрабат на Мундијалот.

26-годишниот фудбалер на Фиорентина одигра одлично на Мундијалот, а Клоп има потреба токму од таков профил на фудбалер.

„Црвените“ веќе стапиле во контакт со неговиот агент и почнале преговори, а се спремни да понудат 35 милиони евра на Фиорентина за неговиот потпис.

Италијанскиот клуб му постави повисока цена на Мароканецот, но Ливерпул не се откажува и ќе се обиде да го договори трансферот.


Роналдо промовиран во својот нов клуб пред 25 илјади навивачи

Еден од најдобрите светски фудбалери, Кристијано Роналдо, беше промовиран како нов играч на Ал Наср од Саудиска Арабија, пред 25 илјади навивачи кои беа присутни на клубскиот стадион.

Роналдо на официјалната прес конференција за медиумите се појави во друштво на тренерот Руди Гарсија.

„Многу сум горд што сум овде, и што донесов голема животна одлука. Мојата работа во Европа е завршена, освоив се што можеше да се освои, играв за најголемите клубови. За мене ова е нов предизвик, му благодарам на челниците од Ал Наср што ми дадоа можност да го промовирам фудбалот пред младите генерации на оваа земја. Имав многу понуди од клубови од Европа, Бразил, САД, Португалија, Австралија, но јас му дадов збор на Ал Наср и решив да заиграм за овај клуб“, изјави Роналдо.