фудбал

Меси е најдобар светски спортист по избор на новинарите

Меѓународното здружение на спортски новинари, го избра Лионел Меси за најдобар светски спортист за 2022 година.

Во гласањето од новинарите, во машка конкуренција Меси освои најмногу бодови и се најде пред рекордерот во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис и францускиот фудбалер Килијан Мбапе.

Во женска конкуренција за најдобра спортистка е избрана шпанската фудбалска звезда Алексија Путељас, пред американската пливачка Кети Ледецки и светската рекордерка во троскок Јулимар Рохас од Венецуела.

Во гласањето учествувале 420 спортски новинари од 113 земји.


Челзи го нуди Зијеч за да го добие Думфрис

Челзи е силно заинтересиран за холандскиот репрезентативец и играч на Интер, Дензел Думфрис.

26-годишниот десен бек минатото лето пристигна во Интер за 12 милиони евра и одигра одлична сезона. Оваа сезона се етаблираше во еден од најдобрите десни бекови, а одигра одлично и на Мундијалот.

Интер има финансиски проблеми, па доколку пристигне понуда повисока од 50 милиони евра е спремен да го продаде.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Челзи е спремен покрај пари да го понуди и Хаким Зијеч, кој е на излезна врата од „Стенфорд Бриџ“.


Клоп: Борбата за место во ЛШ во Премиер лигата ќе биде пеколна

Јирген Клоп е свесен дека иако Премиер лигата се уште не е стигната ни до половина, неговиот тим нема шанси за титулата оваа година.

„Црвените“ имаа лош старт на сезоната и играа „топло-ладно“ па во моментов се далеку од врвот на табелата и годинава им преостанува борба за пласман во Лигата на шампионите.

Тоа го знае и самиот Клоп кој истакна дека Арсенал и Сити ќе се борат за титулата во Премиер лигата, а дека дури пет клубови ќе се борат за останатите две места кои ќе водат во Лигата на шампионите.

„Оваа сезона ќе имаме топ 7 тимови затоа што знаеме дека Њукасл е голем конкурент од оваа сезона. Само четири ќе успеат да стигнат до целта, а се чини дека во овој момент само две места се останати. Арсенал има неверојатна сезона, Сити е Сити, а Манчестер Јунајтед е јасно дека се враќа. Тотенхем секогаш се бори до крај, а Челзи е се уште тука.

Ќе биде тешко, треба да играме специјално во вториот дел од сезоната за да имаме шанса да се пласираме во Лигата на шампионите, што е и наша цел“, изјави Јирген Клоп.


Пливачот Поповичи е балкански спортист на годината

Романскиот пливач Давид Поповичи го понесе признанието за најдобар спортист на Балканот во 2022 година, во изборот кој традиционално го организира бугарската новинска агенција БТА.

Младиот, 18-годишен Поповичи оваа година освои златни медали на 100 и 200 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта, а во истите дисциплини ги освои и европските титули во Рим. Воедно го подобри и светскиот рекорд во дисциплината 100 слободен стил.

Во 40-ти по ред избор на најдобар балкански спортист во организација на БТА, во кој учествуваа десет регионални новински агенции, Поповичи освои 64 бодови, три повеќе од српскиот тенисер Новаќ Ѓоковиќ на второто и капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ на третото место (48).

Избор на најдобар спортист на Балканот, 2022:

Давид Поповичи (Романија, пливање) 64 бодови

Новак Ѓоковиќ (Србија, тенис) 61

Лука Модриќ (Хрватска, фудбал) 48

Милтиадис Тентоглу (Грција, атлетика) 46

Тијана Бошковиќ (Србија, одбојка) 31

Никола Јокиќ (Србија, кошарка) 27

Јанис Антетокумпо (Грција, кошарка) 23

Александар Везенков (Бугарија, кошарка) 21

Лана Пудар (БиХ, пливање) 20

Таха Акгул (Турција, борење) 20.


Тотенхем испрати понуда за Франк Кеси од Барселона

Фудбалскиот клуб Тотенхем испрати понуда од 15 милиони евра за играчот на Барселона, Франк Кеси.

26-годишниот Кеси во екипата од Камп Ноу пристигна минатото лето како слободен играч од Милан, но тој досега не ги исполни очекувањата на тренерот Чави кој оваа сезона многу ретко му дава шанса за настап.

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, досега на неколку пати има истакнато дека на екипата му се потребни нови играчи кои би пристигнале во екипата за поволна цена. Според некои најави Тотенхем може да се обиде да го ангажира Кеси како позајмен фудбалер до крајот на сезоната со право на откуп од следното лето.


Пеле ќе биде погребан на 2 јануари во Сантос

Погребната церемонија на легендарниот бразилски напаѓач Пеле ќе се одржи на 2 јануари. Ова го соопшти прес-службата на Сантос, матичниот клуб на „кралот на фудбалот“.

Телото на Пеле ќе биде однесено од болницата на стадионот „Вила Белмиро“ во понеделник на 2 јануари во утринските часови. Ковчегот ќе биде поставен на центарот на теренот. Масовните настани ќе започнат во 10:00 часот по локално време, а прошталната церемонија ќе трае до 10:00 часот следниот ден.

Навивачите кои ќе дојдат да се простат од Пеле нема да можат да се приближат до ковчегот за да го допрат. На погребот ќе има различно ниво на пристап. На церемонијата се очекува да присуствуваат актуелниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро и премиерот на државата Лула да Силва, како и познати сегашни и поранешни спортисти.

Потоа, ковчегот ќе биде пренесен низ улиците на Сантос до споменикот „Вселенската некропола“, место резервирано за погребување на членовите на семејството на Пеле.


Роналдо се врати од Саудиска Арабија и празниците ќе ги помине во Мадрид

Кристијано Роналдо се врати во Мадрид, пренесуваат медиумите во Шпанија. Португалската ѕвезда, кој остана без тим по разделбата со Манчестер Јунајтед по неговото скандалозно интервју, е забележан на улиците на Мадрид. Тој возел по улиците на шпанската престолнина со Ролс Ројс, што предизвика сериозни полемики на социјалните мрежи.

И натаму останува неизвесно дали Роналдо и официјално ќе му се приклучи на Ал Наср во Саудиска Арабија, по сите најави за негов трансфер во оваа земја.


Нејмар: Пеле го претвори фудбалот во уметност

Фудбалскиот репрезентативец на Бразил, Нејмар, имаше емотивно простување од својот сонародник Пеле.

Нејмар веќе долги години во репрезентацијата ја носи „десетката на Пеле“, а на неодамна завршеното СП во Катар, тој го израмни рекордот на Пеле од 77 постигнати гола во дресот на репрезентацијата.

„Пред Пеле, 10 беше само број. Пред Пеле, фудбалот беше само спорт. Тој го промени фудбалот во уметност, во забава. Му даде глас на сиромашните, на црнците, и му го прикажа Бразил на светот. Тој замина, но магијата остана. Пеле е Вечност“, напиша Нејмар на Инстаграм.


Бекенбауер: Фудбалот остана без најголемиот, а јас без пријател

Еден од најдобрите германски фудбалери на сите времиња, Франц Бекенбауер, му оддаде почит на фудбалската легенда Пеле кој почина во 82.година од животот.

„Фудбалот го изгуби најголемиот во својата историја, а јас изгубив искрен пријател. Фудбалот засекогаш ќе остане твој. Почивај во мир“, изјави Бекенбауер.

Легендарниот Германец истакнува дека во 1977.година заминал во САД бидејќи навистина сакал да игра заедно со Пеле во фудбалскиот клуб Космос од Њујорк. За Бекенбауер тој период е еден од најубавите во кариерата.

Пеле и Бекенбауер станаа шампиони на САД после првата сезона во клубот во кој настапуваа заедно, и оттогаш станаа големи пријатели.


Тродневна жалост во Бразил поради смртта на легендарниот Пеле

Владата на Бразил прогласи тродневна жалост по повод смртта на легендата на бразилскиот фудбал Едсон Арантес до Насименто Пеле.

Во соопштението на владата се наведува дека Пеле беше важен граѓанин и патриот, кој каде и да одеше и настапуваше, гордо го промовираше Бразил.

Можеби најдобриот играч во историјата на фудбалот, популарниот Пеле почина на 83.годишна возраст. Пеле од страна на ФИФА беше официјално прогласен за најдобар фудбалер на 20.век, а од фановите низ светот е прогласен за Крал на фудбалот.