фудбал

Ричарлисон сериозно е повреден, го чека нова долга пауза

Напаѓачот на Бразил, Ричарлисон поради повреда на лигаментите на коленото ќе паузира еден месец. Ричарлисон повреден се вратил во Лондон од Светското првенство, па му претстои период на рехабилитација.

Ричарлисон се повреди во четвртфиналето на Светското првенство, против Хрватска. Повредата ја почувствувал на загревањето, но на теренот остана 84 минути.

Во престојниот период менаџерот Конте нема да може да смета на напаѓачот, па ќе се потпира на Хари Кејн.


Добра вест за Алегри и бјанконерите: Погба подготвен за кам-бек

Пол Погба се опоравува според планот и клубот е веќе од задоволен од тоа како се одвива се околу неговото враќање на терените. Французинот веднаш по пристигнувањето во Јувентус заработи повреда на коленото, поради што не одигра ниту една секунда во враќањето во „старата дама“, а првиот настап го очекува на почетокот на 2023.

Претходните недели Погба работеше напорно на враќањето, а потоа доби одмор кој го искористи во Мајами. Се уште не почнал да работи на теренот на Тренинг центарот „Континас“, работи во теретана и вежба рехабилитациони вежби во базен, како и физикална терапија.

Во Јувентус биле задоволни од неговиот напредок и се вели дека очекува да го има во тимот во првата половина на јануари и тој би можел да биде во игра за тимот кој ќе се соочи со Наполи на 13-ти првиот месец од годината.


Луис Енрике изненаден што нема шовеќе да биде селектор

Луис Енрике кој по елиминацијата од Мароко на Мундијалот во Катар доби отказ од шпанската фудбалска федерација, вели дека прв пат се соочува со таква ситуација.

„Првпат се случува некој да не ми го продолжи договорот. Искрено, мислев дека јас ќе бидам тој што ќе ја донесе одлуката. На крајот, не морав да носам одлука а тие не мора да ме обесштетат бидејќи секако ми заврши договорот“, изјави Енрике.


Меси и Мбапе засега се најдобри стрелци на Мундијалот

Најдобриот фудбалер на Аргентина, Лионел Меси, му се придружи на Французинот Килијан Мбапе, на врвот од листата на најдобри стрелци на досегашниот тек на Мундијалот во Катар. Меси беше стрелец на гол од пенал за Аргентина во полуфиналниот дуел со Хрватска кој заврши со резултат 3:0.

Меси и Мбапе засега имаат по пет постигнати голови, и се најдобри стрелци на ова Светско првенство. Веднаш зад нив со по четири постигнати гола се наоѓаат Хулијан Алварез од Аргентина, и Французинот Оливие Жиру.

Мбапе и Жиру имаат прилика да дадат уште голови на полуфиналниот натпревар кој го играат против Мароко. Победникот од тој натпревар во финалето на СП ќе игра против Аргентина.


Меси: Оваа екипа е неверојатна, успеавме да ја одведеме Аргентина на уште едно финале

Капитенот на фудбалската репрезентација на Аргентина, Лионел Меси, после победата од 3:0 во полуфиналниот дуел против Хрватска, изјави дека неговата екипа е неверојатна.

„Оваа екипа е неверојатна, успеавме и одиме во финале. Аргентина уште еднаш е во финале на Светско првенство. Сега не очекува последниот натпревар, и тоа е она што сите го посакувавме. Ги замоливме луѓето да ни веруваат бидејќи знаеме колку вредиме“, порачува Меси.

Капитенот на Аргентина изјави дека тимот лошо го почна Мундијалот, но сега ќе игра во финалето. Ова е момент кој сака да го подели со целиот аргентински народ.


Ковачиќ: Натпреварот го одлучија две катастрофални судиски грешки

Фудбалскиот репрезентативец на Хрватска, Матео Ковачиќ, изјави дека неговата екипа даде се од себе во полуфиналниот натпревар против Аргентина на Светското првенство, но истакнува дека дуелот го одлучиле две кардинални судиски грешки.

„Не знам што би рекол. Дадовме се од себе. Сигурно дека можевме да прикажеме подобра игра, но досудениот пенал против нас не погоди. Никогаш не ги кометирам судиите, но две кардинални грешки го одлучија натпреварот. Не можам да поверувам дека не ни беше досуден корнер во еден момент, а потоа следуваше и пеналот. Примивме два смешни гола и тоа не чинеше пласман во финалето. Загубивме, но сега не очекува натпревар за третото место, и ќе се бориме да го освоиме“, изјави Ковачиќ.

Натпреварот за третото место на СП во Катар ќе се одигра во сабота од 16:00 часот.


Жозе Мурињо е кандидат за нов селектор на Португалија

Трофејниот фудбалски тренер, Жозе Мурињо, би можел да стане нов селектор на Португалија. 

Според медиумите во Италија, Мурињо веќе разговарал со португалскиот фудбалски сојуз и би можел да ја преземе репрезентацијата на Португалија. Мурињо наводно има специјална понуда која ќе му овозможи да ги води и националниот тим, како и екипата на Рома.

Иднината на актуелниот селектор Фернандо Сантош се уште е нејасна, но се чини дека Фудбалскиот сојуз веќе ја испробува можноста околу Мурињо, кој би можел да биде следниот селектор на селекцијата. Ова ќе биде редок случај каде една национална федерација ќе му дозволи на тренерот да води репрезентација и клуб.


Таткото на Халанд мистериозен околу иднината на неговиот син

Алф Инге таткото на Ерлинг Халанд, вели дека корпулентниот фудбалер на Манчестер Сити може да остане во клубот 15 години, но не е исклучена и можноста да направи трансфер во догледно време.

„Ерлинг сака да докаже дека може да триумфира во која било врвна лига. Тој помина две и половина години во Германија. Може да играте три години во Премиер лигата и потоа да се преселите во Италија, Шпанија или Франција. Ерлинг може да игра за секој тим“ -порача Халанд сениор.

Норвешкиот репрезентативец има договор со „граѓаните“ до 2027 година.


Роналдо ќе продолжи со своите настапи за Португалија

Португалските спортски медиуми пренесуваат дека Кристијано Роналдо нема намера да ја напушти националната репрезентација по завршувањето на Светското првенство во 2022 година, како што претходно се шпекулираше.

Фудбалерот има намера да продолжи да игра за репрезентацијата на Португалија, и планира да игра на Евро 2024. Неговата ситуација ќе зависи и од иднината на актуелиот селектор Фернандо Сантош, кој најверојатно ќе ја напушти функцијата.


Гвардиола е сонот на Бразилците за нов селектор

Бразилската фудбалска конфедерација ќе стапи во контакт со Пеп Гвардиола во следните неколку дена, за да разговара околу евентуалниот негов ангажман на селекторското место кај „кариоките“, пишива шпанскиот весник „Спорт“.

Претседателот на Бразилската конфедерација, Едналдо Родригес, сака од прва рака да дознае кои се професионалните намери на актуелниот тренер на Манчестер Сити и дали постои некаква можност да се вброи во листата на кандидати за селекторското место ослободено по заминувањето на Тите.

Бразилците го сметаат Гвардиола за најдобар тренер во светскиот фудбал денеска и затоа би било добро тој да го преземе повеќекратниот светски шампион.