фудбал

Хаверц спремен да му помогне на својот клуб

Фудбалерот на Челзи, Каи Хаверц, вели дека би ги покрил сите трошоци околу патувањата откако „сините“  се соочуваат со санкции од Премиер-лигата и имаат лимитиран буџет за трошење до крајот сезоната.

„Би платил, без никаков проблем.Тоа не е голема работа за нас. Мислам дека во моментов во светот има многу потешки работи од тоа дали ние ќе патуваме со автобус или со авион на гостувањата“ – вели Хаверц.

Неговиот тим денеска го очекува реваншот со Лил во Лигата на шампионите. Англичаните славеа во првиот меч со 2-0.


Барса потпиша богат спонзорски договор со шведската компанија „Спотифај“

Барселона објави дека „Спотифај“ и официјално ќе биде генерален спонзор на клубот во следните четири години.

Логото на оваа апликација ќе стои на дресовите на Барселона од следната сезона. Исто така ќе се промени и името на стадионот кој ќе биде познат како „Спотифај Камп Ноу“.

Ова спонзорство вреди 300 милиони евра за четири години и тоа секако ќе и помогне на Барселона во тешката финансиска ситуација.


Манчестер Сити го прави Ерлинг Халанд најплатен фудбалер во Премиер лигата

Се повеќе се пишува за потенцијалниот трансфер на напаѓачот на Борусија Дортмунд,Ерлинг Халанд, во екипата на Манчестер Сити.

Иако како најголем фаворит за негов потпис беше споменуван Реал Мадрид, медиумите од Островот тврдат дека 21-годишниот Норвежанец е пред конечен договор со тимот предводен од тренерот Гвардиола.

Медиумите наведуваат дека Сити е подготвен да го направи Халанд најплатен фудбалер во Премиер лигата.

Според „Дејли Мејл“, младиот напаѓач во Манчестер би имал неделна плата од неверојатни 500.000 фунти, со што би ги надминал Кристијано Роналдо и Кевин Де Брујне, кои имаат плата која се движи околу 385.000 фунти.

Откупната клаузула од 75 милиони евра нема да биде проблем ,и со сите останати трошоци во вид на менаџерска провизија и „награда“ за потписот, целата зделка би изнесувала околу 120 милиони евра.


Дивок Ориги е најблиску до Милан или Аталанта

Белгискиот напаѓач Дивок Ориги е подготвен да го напушти „Енфилд“ како слободен играч ова лето. 

Италијанскиот новинар Николо Скира ја пренесува веста дека за Ориги интерес покажуваат калчолигашите Милан и Аталанта. Напаѓачот има и опција да го продолжи договорот со Ливерпул, но се чини дека нема да ја искористи. Белгиецот побарува годишна плата од 4 милиони евра.

26-годишниот Ориги игра во тимот од „Енфилд“ од 2014 година, кога Ливерпул го купи од францускиот клуб Лил. Оваа сезона има 14 натпревари, 5 гола и 3 асистенции во сите натпреварувања.


Рангник со силни критики за судењето после поразот од Атлетико Мадрид

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, изрази големо незадоволство од судиските одлуки, откако неговиот тим беше елиминиран од понатамошното натпреварување во Лигата на шампионите од Атлетико Мадрид.

Победата од 0:1 на „Олд Трафорд“ беше доволна за екипата предводена од Диего Симеоне да стигне до четвртфиналето во ЛШ, и да го остави противникот без трофеј уште една година.

Привремениот тренер на „црвените ѓаволи“, Рангник, не беше задоволен од делењето на правдата од страна на словенечкиот судија Славко Винчиќ, кого го обвини за преголемо толерирање на играчите на Атлетико околу нивното задржување и прекини на играта. Според Рангник, судијата требаше да го продолжи натпреварот за повеќе од четири минути.

„Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме – одигравме точно како што сакавме, со многу енергија, но не успеавме да постигнеме еден или два гола. Имавме неколку добри ситуации каде што требаше да поведеме, но не успеавме. Голот кој го примивме од контра пред крајот на полувремето ни ја отежна ситуацијата. Беше тешко во вториот дел, играта често беше прекинувана. На теренот секогаш лежеше некој играч на Атлетико. Би додал дека имаше некои чудни одлуки од судијата. Не би рекол дека беа пресудни, но доста често судијата не го казнуваше постојаното прекинување на играта од противникот, а четирите додатни минути на крајот беа смешни“, изјави Рангник за англискиот БТ Спорт.


„Ренцо Барбера“ полн ќе ја пречека Македонија во баражот

Италијанските власти дозволија баражот за Мундијалот меѓу „аѕурите“ и Македонија да се одигра пред полни трибини на стадионот во Палермо.

„Со оглед на моменталната епидемиолошка ситуација и значењето на настанот, мечот меѓу Италија и Македонија ќе се игра со 100 проценти од капацитетот на стадионот“- изјави денеска Министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца.

Гледано од почетокот на пандемијата во март 2020 година, тоа ќе биде прв меч за европскиот шампион пред полни трибини. Капацитетот на стадионот-  „Енцо Барбера“ е 36.365 седишта.


Њукасл спремен да понуди 100 милиони евра за Осимен

Њукасл во јануари испратил понуда од 100 милиони евра за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, пренесува „Кориере дело Спорт“.

Парите не се проблем за Њукасл после доаѓањето на арапските сопственици и во зимскиот преоден рок сакаа значително да го засилат тимот.

Меѓу фудбалерите кои Њукасл се обидел да го купи е и Осимен, за кого понудиле 100 милиони евра.

Меѓутоа, Наполи ја одбил понудата, а и самиот Осимен не бил заинтересиран за преселба во клуб кој се бори за опстанок во Премиер лигата.


Чуамени од Монако е следната трансфер-желба на Реал Мадрид

Реал Мадрид е силно заинтересиран за францускиот репрезентативец, Орелиан Чаумени, пренесуваат шпанските медиуми. Чуамени минатата сезона се наметна во тимот на Монако, а оваа сезона игра одлично и веќе е стандарден во француската репрезентација.

За Чуамени интерес покажуваат Ливерпул и Челзи, но Реал е спремен да ја победи конкуренцијата и веќе стапил во контакт со неговиот агент.

Анчелоти е во потрага по играч кој ќе може да биде алтернатива за Казимиро и верува дека Чуамени би бил идеален за таа позиција.

Реал Мадрид наскоро ќе започне преговори со Монако и е спремен да плати 50 милиони евра за 22-годишниот Францизин.


Тотенхем го враќа Депај во Премиер лигата?

Екипата на Тотенхем е заинтересирана за доведување на фудбалерот на Барселона, Мемфис Депај. Според пишувањата во шпанските медиуми, клубот од „Камп Ноу“ размислува да ја прифати понудата која веќе била испратена од страна на лондонскиот клуб.

Со продажбата на Депај, раководството на Каталонците ќе ги намали високите трошоци за плати, и ќе може да ги оствари трансфер целите на тимот за летниот период.

Договорот на 28-годишниот Холанѓанец со Барселона е до 30 јуни 2023 година. Досега оваа сезона Депај за Барселона одигра 27 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 10 гола и 2 асистенции.


Британски милијардер започна официјални преговори за купување на Челзи

Англиските спортски портали објавија вест дека еден од потенцијалните купувачи на Челзи, Ник Кенди, одржал состанок околу купување на акциите на лондонскиот клуб со Марина Грановскаја која до неодамна беше главен оперативец на лондонскиот клуб.

Британецот Кенди е еден од многуте заинтересирани бизнисмени кои посакуваат да станат нови сопственици на клубот од „Стенфорд Бриџ“, но ситуацијата е комплицирана поради санкциите и ограничувањата кои британската влада му ги изрече на клубот.

49-годишниот Кенди е познат поддржувач на Челзи и минатата недела изјави дека едноставно сака да го види клубот во „сигурни раце“. Тој ја потврди и својата намера да вклучи претставници од навивачите во управниот одбор на клубот доколку стане нов сопственик.