фудбал

Мамиќ: Хрватска ќе играше финале во Катар ако ги имаше Митровиќ и Влаховиќ

Здравко Мамиќ го коментираше настапот на Србија на Светското првенство во Катар. Хрватска и понатаму е присутна на Мундијалот и ќе игра четвртфинале со Бразил, додека Србија не се пласираше во ноакут-фазата и групната ја заврши како последна. Мамиќ верува дека ако Хрватска има во своите редови напаѓачи како Влаховиќ и Митровиќ ќе игра финале.

„Често пати ме прашуваат зошто Србија нема резултати како Хрватска. Одговорот ми беше едноставен додека не дојде Пикси, многу верував во него и би кажал дека Србија пред него и со него не е истиот тим, но сега на СП видов дека се покажаа старите српски навики. Во некои моменти имаа и двојно подобри играчи од нас, но никогаш не направија посебен успех. Мислам дека репрезентацијата ја создаваа по кафулиња и ресторани“, рече Мамиќ.


Претседателот на ПСЖ: Меси е среќен во клубот

Претседателот на Париз Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи изјави дека е уверен оти фудбалерот Лионел Меси ќе го продолжи договорот со клубот, кога во јануари ќе започнат разговорите околу неговата иднина.

Во разговор за медиумите, Ал-Келаифи се сомнева во медиумските шпекулации дека Меси на крајот од сезоната ќе замине да настапува во американската МЛС лига, и вели дека Аргентинецот е среќен во Париз каде има добра сезона со екипата.

Договорот на Меси со ПСЖ истекува по завршетокот на сезоната, но Ал-Келаифи вели дека за евентуален нов договор ќе се преговара во јануари и дека е убеден оти Меси би сакал да остане во Париз и во идинина.


Миовски: Сакам трофеј со Абердин, а не индивидуални признанија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски во интервју за весникот „Дејли рекорд“ изјави дека подраго ќе му биде да освои некој трофеј со Абердин сезонава, отколку да остане на врвот на листата на најдобри стрелци во тамошната Премиер лига.

„Да, би било убаво да освоиме некој трофеј, кога веќе сме во полуфиналето на Лига Купот. Повеќе би сакал да кренам трофеј со Абердин, отколку да ја освојам „Златната копачка“. Наша цел е да обезбедиме пласман во европските натпреварувања за следната сезона, да бидеме во првите три на табелата и да обезбедиме пласман во финалето на Лига купот“, вели нашиот репрезентативец.

Абердин во полуфиналето на Лига Купот на Шкотска ќе се сретне со екипата на Ренџерс.


Артета: Ќе ги разгледаме опциите после повредата на Жезус

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, вели дека клубот ќе ги разгледа опциите во врска со можното доведување на напаѓач, после повредата и операцијата на коленото на Габриел Жезус.

Бразилецот на почетокот од оваа недела имаше операција на коленото која се изврши во Лондон. Тој со повреда се здоби играјќи за репрезентацијата на Бразил на СП во Катар.

Лекарскиот тим на Арсенал не соопшти колкав период Жезус ќе биде надвор од теренот, но се очекува тој период да трае до три месеци.

Тренерот Артета соопштува дека откако ќе се знаат подетални информации за временската рамка за опоравување на Жезус, клубот ќе ги разгледа опциите за можно доведување на фудбалер кој ќе настапува во нападот на тимот.


Познат е новиот селектор на Шпанија

Нов селектор на шпанската фудбалска репрезентација е Луис де ла Фуенте. Тој е досегашен селектор на младинските селекции на Шпанија.

Де ла Фуенте на селекторското место ќе го замени Луис Енрике кој ја напушти функцијата после дебаклот на Шпанија во осминафиналето од Мундијалот во Катар каде беше елиминирана од Мароко.

61- годишниот Де ла Фуенте претходно ги има водено екипите на Португалета, Аурера, Атлетико Билбао Б, Алавес, како и младинската и олимписката репрезентација на Шпанија.


Мусиала ќе добие нов договор во Баерн

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ, вели дека Баварците планираат да ја продолжат соработката со 19 – годишниот фудбалер, Џамал Мусиала, кој ги бранеше боите на Германија на Мундијалот во Катар.

„Пред Светското контактиравме со неговата мајка и со неговите агенти. Ние сакаме да го задржиме во екипата на подолг период. Секако ќе седнеме да преговараме“, изјави Салихамиџиќ за весникот „Билд“.  

Мусиала, прв пат го облече дресот на Берн Минхен во 2019 година. Неговиот сегашен договор истекува во 2026 година.


Елмас ја откри својата желба: Сакам да играм со Македонија на Мундијал

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, посакува да освои многу трофеи со екипата на Наполи.

„Четири години сум во Наполи и сакам нов трофеј. Ќе дадеме сè во Серија А и во ЛШ а на крај се надевам и верувам дека ќе бидеме шампиони. Живееме во прекрасен момент но, мора да гледаме напред и да не застануваме. Што се однесува до Македонија, мојата цел е да играме на наредното Европско првенство како и на наредното Светско првенство“, вели Елмас пред  денешниот пријателски меч со Анталија.


Кеси останува во Барселона, Чави го убедил да не побара трансфер

Френк Кеси нема да ја напушти Барселона во зимскиот преоден рок.

Чави одржал состанок со играчот и ја потврдил довербата на стручниот штаб. Тренерот на Барселона објаснил дека процесот на адаптација може да биде тежок за играчите кои доаѓаат од странство. Кеси имаше малку тренинзи пред натпреварите на почетокот на сезоната, но Чави го увери играчот дека ќе ја добие својата шанса.

Оваа сезона, Кеси помина 485 минути на теренот, со што стана петтиот играч со најмала минутажа.


Фудбалер на Џенова осуден на шестгодишна затворска казна заради силување

Судот во Сиена го осуди играчот од средниот ред на Џенова, Маноло Портанова на шест години затвор за учество во групно силување, објавија тамошните медиуми. Портанова е обвинет дека силувал 21-годишна девојка на забава во Сиена. Делото го извршил во мај минатата година заедно со неговиот роднина Алесио Лангела, но и со уште двајца негови пријатели, Алесандро Капиело и неименуван 17-годишник.

И Портанова и Лангела побараа брзо судење и денеска беа осудени на шест години затвор, објави весникот. Исто така, им беше наредено да платат 120.000 евра како компензација на жртвата и нејзиното семејство.

Италијанскиот играч за врска се изјасни за невин, па сигурно ќе поднесе жалба на одлуката.


Лаутаро Мартинез игра под инјекции на Мундијалот

Лаутаро Мартинез се уште нема постигнато гол на СП во Катар, а на мечот против Австралија направи неколку грешки кои можеа да бидат кобни за „гаучосите“. Се испостави дека има причина за лошиот настап на напаѓачот.

Лаутаро чувствува болка во десниот зглоб и игра со инјекции.

„Тој има силен менталитет, но поништените голови против Саудиска Арабија го погодија. Штом болката помине, повторно ќе го видиме на теренот, бидејќи тој е фудбалер од светска класа“, објасни агентот на Мартинез, Алехандро Камано.

Аргентина утре во четвртфиналето на Мундијалот ќе се сретне со Холандија.