фудбал

Премиерлигашите почнаа со лицитација за Пауло Дибала

Пауло Дибала може да се пресели во Англија. Интерес за Аргентинецот покажуваат лондонски Арсенал и Њукасл, додека работата не е дојдена до конкретни преговори. Самиот Пауло Дибала сакал да ја напушти Италија, но доколку не најде соодветна опција во Европа, може да замине во Интер од Милано.

Претходно беше објавено дека за 28-годишниот фудбалер се заинтересирани француски ПСЖ и милански Интер, но и Атлетико Мадрид.

Дибала е во Јувентус од 2015 година. Напаѓачот постигна осум гола и даде пет асистенции на 22 натпревари во Серија А оваа сезона. Тој има и три гола и една асистенција на пет натпревари во Лигата на шампионите.


Конте: Видлив е напредокот на екипата

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте го пофали напредокот на тимот и ги повика играчите да продолжат со својата подобрена форма при дуелот со Астон Вила во Премиер лигата.

Тимот од Лондон победи на пет од последните шест натпревари во Премиер лигата и се наоѓа на четвртата позиција од табелата.

„Мораме да продолжиме на овој начин. Работевме напорно и значително се подобривме. Почнувам да гледам зрелост и стабилност во тимот. Дојдов во ноември и немав исто време како и другите тренери за градење на тимот. Важно е да поминувам повеќе време со моите играчи за да ги подобрам тактичките и физичките аспекти, како и вградување на победнички менталит за секој натпревар. Подобрувањето е видливо за сите“, изјави Антонио Конте пред медиумите.


Месут Озил заминува во тимот на Дејвид Бекам

Играчот на Фенербахче, Месут Озил, се очекува да го напушти клубот ова лето поради недоразбирањата со челниците на турскиот гигант.

33-годишниот Озил дојде пристигна во Истанбул минатата година од Арсенал, после осум години минати во дресот на „топџиите“. Информациите говорат дека Фенербахче го започнал процесот за раскинување на договорот на Озил и играчот ќе може да замине во друг клуб како слободен играч.

Интерес за поранешниот германски репрезентативец има тимот на Интер од Мајами кој настапува во МЛС. Озил во минатото има изразено желба да заигра во Америка, па така тимот на Дејвид Бекам изгледа како добра можност да го оствари тоа.


Алекс Фергусон одлично заработува и во пензионерските денови

Тренерската легенда на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон продолжува да има високи приходи, и покрај тоа што се пензионираше пред девет години.

Според истражувањето објавено во англиските медиуми, легендарниот Шкотланѓанец  добива приход кој ако се подели на неделна основа ќе изнесува 235.000 фунти неделно. 

80-годишниот Сер Алекс приходите ги добива од инвестиции, авторски права за книги, јавни настапи и платата од околу 2 милиони фунти годишно која му следува како амбасадор на клубот.


Јувентус ја пронајде замената за Дибала

Најверојатно екипата на Јувентус ќе се раздели со својот напаѓач Пауло Дибала, откако двете страни не се договорија за нов договор. 

Актуелниот договор на Аргентинецот со Јувентус истекува на лето и тој ќе го напушти Торино како слободен играч. 

Според „Газета дело Спорт“, „бјанконерите“ веќе се одлучиле за ангажман на напаѓачот од Сасуоло, Џакомо Распадори, во кого гледаат идеална замена за Дибала.

22-годишниот Италијанец има договор со Сасуоло до јуни 2024 година, а сезонава одигра 31 натпревар и постигна 9 гола во сите натпреварувања за својот тим.


Дракслер успешно опериран, следи пауза од 30-45 дена

Јулијан Дракслер беше опериран поради кинење на менискусот на десното колено. Неговото враќање во тренажниот процес се очекува за 30-45 дена, соопштија од клубот.

Тоа значи дека најверојатно повеќе нема да игра за парижани бидејќи се очекува да си замине ова лето. Оваа сезона Дракслер има вкупно само 541 минута на теренот, а не може да се носи со сериозната конкуренција.

Фудбалерот од средниот ред размислува да игра за друг клуб за на крајот да се избори за место во германската репрезентација на Светското првенство во Катар. Севиља е меѓу можните опции пред него.


Осимен ги продолжи тренинзите со Наполи, и е подготвен за Фиорентина

Напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен ги продолжи тренинзите со првата екипа и ќе биде во составот за првенствениот натпревар со Фиорентина во недела.

Нигерискиот репрезентативец пред неколку дена го напушти тренингот со тимот поради болки во левата надколеница, но после деталните прегледи се испостави дека повредата не била сериозна и играчот брзо се врати на терените.

Осимен оваа сезона на 25 натпревари за Наполи има постигнато 15 гола и 4 асистенции.


Манчестер Јунајтед веќе работи на првиот летен трансфер

Според медиумите од Островот, Манчестер Јунајтед почна да работи на трансфер на Калвин Филипс од Лидс.

Приоритет на „црвените ѓаволи“ за летниот период  е ангажман на дефанзивен играч за врска, па за таа цел клубот ќе проба да го доведе Калвин Филипс од Лидс Јунајтед.

 Јунајтед е заинтересиран и за Деклан Рајс од Вест Хем, но поради неговата висока цена од 150 милиони фунти, пореална опција како засилување се посочува играчот на Лидс. Неговиот договор со актуелнот клуб важи до 2024 година.


„Кралевите“ загреани за новата ѕвезда на Виљареал

Реал Мадрид е силно заинтересиран за ѕвездата на Виљареал, Арно Данџума, пренесуваат шпанските медиуми.

Холанѓанецот оваа сезона игра во извонредна форма, особено во Лигата на шампиони и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Данџума е поливалентен фудбалер кој може да игра на повеќе позиции во нападот, па во Реал веруваат дека ќе биде идеална замена за Азар.

Азар не ги оправда очекувањата и на крајот на сезоната сигурно ќе го напушти Реал, па „кралевите“ сакаат да ја доведат ѕвездата на Виљареал.

Холанѓанецот има договор со „жолтата подморница“ до 2026 година и за неговата слобода бараат 50 милиони евра.


Гвардиола демантира дека ќе ја преземе бразилската репрезентација

Според „Марка“ Пеп Гвардиола треба да ја преземе репрезентацијата на Бразил по Светското првенство. Наводно, Бразилците се сигурни дека актуелниот менаџер на Манчестер Сити од 2023 година ќе им биде тренер за 12 милиони евра годишно, а би требало да потпише на четири години.

Гвардиола за тоа беше прашан од шпанските новинари, а еве што одговори: „Бразил има многу добри домашни тренери кои ќе ја водат репрезентацијата… Има многу добри бразилски тренери. Крај на дебатата“.

Сити и Пеп го продолжија договорот во ноември 2020 година и ќе трае до 2023 година. Досегашниот селектор Тите најави заминување по Мундијалот, па Бразилците веќе работат на неговиот наследник.

Гвардиола никогаш во кариерата не водел репрезентација, а Бразил во својата историја немал странец на клупата.

Гвардиола досега ги водеше Барселона, Баерн и Манчестер Сити.