фудбал

Мбапе најверојатно го пропушта дуелот со Баерн

Весникот „Лекип“ објавува дека фудбалерот на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе, поради повреда најверојатно ќе го пропушти првиот натпревар од осмина-финалето во Лигата на шампиони против Баерн Минхен.

Мбапе се повреди на првенствениот натпревар против Монпеље и беше приморан да го напушти натпреварот во 21.минута. После најновите прегледи од лекарскиот тим на ПСЖ, е утврдено дека тој ќе треба да отсуствува од фудбалските терени најмалку три недели.

Натпреварот помеѓу Париз Сен Жермен и Баерн ќе се одигра на 14.февруари во Париз.


Отворена истрага за новата ѕвезда на Челзи

Фудбалерот на Челзи, Михајло Мудрик,  ќе биде под истрага на ФА поради клипот од јули 2022 година во кој ги цитира стиховите на песната „Слободен стил“ во кои го има зборот – „црнец“, кој ФА го оквалификува како неприфатлив.

Споменатиот клип на Мудрик беше прегледан 214.000 пати пред да го симне. Поранешниот играч на Шахтјор (Доњецк) дури се извини што го употребил дотичниот збор.

Украинецот беше критикуван и од групата – „Kick It Out“ која се бори против расизмот во фудбалот.


Рафаел Варан става крај на репрезентативната кариера

Францускиот весник „Ле Паризиен“, објавува дека францускиот репрезентативец Рафаел Варан ќе објави крај на настапите во националниот дрес.

Според информациите од весникот, фудбалерот решил да стави крај на репрезентативниот фудбал поради чувството на физичка и психичка преоптовареност. Освен тоа, Варан би сакал да му посвети повеќе време на своето семејство.

29-годишниот Варан кој настапува за екипата на Манчестер Јунајтед, е светски шампион со Франција од 2018.година, и освојувач на Лигата на нации во 2021.година.


Рафаел Леао сака да остане во Милан

Раководството на фудбалскиот клуб Милан ги демантира информациите дека се прекинати преговорите со португалскиот напаѓач Рафаел Леао, околу продолжување на неговиот договор.

Оваа шпекулација ја негира и адвокатот на Леао, Тед Димвула, кој изјави дека неговиот клиент сака и во иднина да остане во Милан.

„Имаше многу полувистини и лажни информации низ италијанските медиуми, кои за цел имаа да ги саботираат преговорите на двете страни околу продолжување на соработката. Приоритетот на Леао не е променет и тој сака да остане во Милан каде и понатаму ќе се развива како играч“, изјави адвокатот на фудбалерот.

Рафаел Леао игра за росонерите од 2019. година, каде пристигна од француски Лил, а претходно тој настапуваше за Спортинг од Лисабон.


Челзи и официјално го претстави Енцо Фернандез

Англискиот фудбалски клуб Челзи, официјално го претстави своето ново засилување, Аргентинецот Енцо Фернандез.

Фернандез стана нов играч на лондонскиот премиерлигаш во последниот ден од јануарскиот преоден рок, кога за рекордни 121 милиони евра пристигна од Бенфика. Неговиот договор со Челзи е потпишан на осум и пол години, и тој ќе го носи дресот со број 5.

„Му благодарам на Челзи и на сопствениците на клубот, кои направија се што е возможно за да бидам дел од овој проект, и да настапувам во Премиер лигата. Со нетрпение чекам да заиграм пред нашите фанови и да им помогнам на моите соиграчи на теренот“, порача Фернандез.

https://twitter.com/ChelseaFC/status/1620923634058493952?s=20&t=AA2V7-MrujDg0DFk-jsusA

Каиседо повторно тренира со Брајтон

Фудбалерот на Брајтон, Мојсес Каиседо, повторно тренира со првиот тим, откако во преодниот рок беше блиску до трансфер во Арсенал.

Челниците на Брајтон ја одбија понудата од Арсенал вредна 70 милиони фунти за 21 годишниот Еквадорец, останувајќи на ставот дека играчот не е на продажба, и покрај неговата желба да ја напушти екипата.

Зимскиот преоден рок во Англија беше завршен во вторникот навечер.


Асенсио добил понуда од ПСЖ, но Реал го одбил неговото заминување

Шпанските медиуми објавија „бомбастична“ вест дека Марско Асенсио е пред трансфер во ПСЖ. Повредата на Нејмар го натера ПСЖ итно да реагира на трансфер пазарот и сакаше да го доведе Асенсио во Париз.

Шпанецот е во последната година од договорот со Реал Мадрид, па ПСЖ испратил понуда за неговиот потпис.

„АС“ открива дека Реал ја одбил понудата и не сака да се раздели со Асесио на средината од сезоната, иако играчот на лето може да замине без обештетување.

Самиот Асенсио не инсистирал на трансфер и потврдил дека сака да остане во Мадрид до крајот на сезоната.


Барса се откажа од зимски трансфер на Бенџамин Павар

Барселона оваа зима нема да потпише со дефанзивецот на Баерн Бенџамин Павар. 

На Каталонците многу им се допаѓа дефанзивецот на Баерн, но клубот размислува да го ангажира за следната сезона, што значи дека преговорите треба да се водат на лето, а не сега. 26-годишниот репрезентативец на Франција е заинтересиран за преселба во Барселона.

Павар оваа сезона за Баерн имаше 23 настапи во сите натпреварувања и постигна четири гола. Баерн се наоѓа на првата позиција  во германското првенство, пред Унион Берлин со еден бод предност.


Душан Влаховиќ во јуни се сели во Баерн Минхен

Главна трансфер цел на Баерн Минхен на лето ќе биде Душан Влаховиќ, пренесуваат германските медиуми.

Српскиот напаѓач не се снаоѓа баш најдобро во Јувентус, наводно играта на тимот воопшто не му одговара и е спремен да ја промени средината.

Јувентус исто така е спремен да слушне понуди бидејќи е во финансиски проблеми после големиот скандал и казната, па најверојатно ќе остане без пласман во Лигата на шампиони.

Баерн нема да штеди пари за да го доведе Влаховиќ и наводно веќе имал средба со неговиот агент, а е спремен да понуди 85 милиони евра за неговиот потпис.


Барса протестира против правилата на шпанската Ла Лига

Барселона е незадоволна од барањата на Ла Лига. Поради прописите донесени во шпанскиот фудбал, Каталонците се значително ограничени на трансфер пазарот и имаат големи потешкотии да регистрираат нови играчи.

Според „Cadena SER“, во таборот на Барселона веруваат дека правилата немаат практична вредност и само работат на тоа да им го отежнат животот на тимовите. И покрај фактот што менаџерот на Барселона, Чави, повеќепати изјави за веројатно засилување на тимот во зимскиот преоден рок, тимот не ангажираше ниту еден играч во јануари 2023 година.

Во исто време, Каталонците се разделија со Мемфис Депај. Холанѓанецот замина во Атлетико Мадрид.