фудбал

Жерард Пике се враќа во шпанската репрезентација

Дефанзивецот на Барселона, Жерард Пике одлучи да се врати во репрезентацијата на Шпанија.

Како што пренесуваат медиумите во Шпанија, Пике имал разговор со селекторот Луис Енрике, по што донел одлука да се врати во репрезентацијата после пауза од три и пол години.

Пике се повлече од репрезентацијата веднаш после елиминацијата на Шпанија од страна на Русија на Светското првенство одржано во таа земја.

Селекторот Енрике е многу добро запознат со квалитетите на искусниот дефанзивец, кој под раководство на Чави игра во извонредна форма. Пике ќе биде огромно засилување за одбраната на „Фуријата“ пред СП во Катар, каде друштво ќе му прават Лапорте, Гарсија и Пау Торес.

Жерард Пике со Шпанија е освојувач на СП 2010 година како и ЕП 2012.


Балотели ужива играјќи во Турција, но посакува враќање во Серија А

Во разговор за италијанскиот Скај Спорт, напаѓачот Марио Балотели, кој ја препороди својата кариера настапувајќи за турскиот Адана Демирспор, открива дека играњето во Турција е вистинско уживање за него.

„Играњето овде за мене е голем предизвик и навистина уживам тука. Навивачите во Турција се многу верни, и премногу ги почитуваат играчите“, истакнува Балотели.

Додека на прашањето дали постои шанса за негово враќање во Серија А, Балотели со насмевка на лицето одговори дека посакува повторно да заигра за тим во Италија.

Марио Балотели во својата кариера настапуваше за четири италијански тима, и тоа за Интер, Милан, Бреша и Монца.


Агуеро се предомислува, сака да продолжи да игра фудбал

Поранешниот напаѓач на Барселона, Серхио Агуер,о призна дека би можел да ја продолжи кариерата.

33-годишниот Аргентинец ги заврши настапите во декември 2021 година поради проблеми со срцето.

„ФИФА веќе ме третира како легенда, но вчера размислував дека можам да се вратам на теренот. Докторите ми рекоа да се воздржувам од фудбал 5-6 месеци, но јас веќе сакам да тренирам. Добив повик од Интер Мајами, но ги одбив“, изјави Агуеро.


Реал Мадрид и Асенсио започнуваат преговори околу нов договор

Весникот Марка пренесува дека вицешампионот на Шпанија, Реал Мадрид, ќе започне преговори со Марко Асенсио во април. Фудбалерот има договор со тимот од „Сантијаго Бернабеу“ до летото 2023 година, но сеуште нема потпишано нов и покрај понудата што му била упатена од раководството на Реал.

Главната цел на разговорите ќе биде да се разјасни ситуацијата со Асенсио, односно дали тој сака да остане во Реал, или да биде продаден на лето. Според информациите од Шпанија, приоритет за него е да остане во Реал, но не под предложените услови  од клубот кој му нуди 4,5 милиони евра по сезона плус 1,5 милиони во бонуси.


Интер тргна во преговори со Дибала, но има конкуренција и од Премиер лигата

Еден од најбараните слободни играчи на фудбалскиот пазар ова лето ќе биде Пауло Дибала.

Веќе станува јасно дека тој нема повеќе да биде член на Јувентус, но покрај неговото останување во Серија А, како опција се јавува и заминување во Премиер лигата.

Од поодамна како главен фаворит за негов потпис се јавува милански Интер, кој веќе започнал преговори со менаџерот на Аргентинецот. Меѓутоа во целата приказна се вклучуваат и клубови од Англија. Највеќе се споменуваат Манчестер Сити, Арсенал и Тотенхем. Сепак според информациите Дибала преферира да остане во Италија, па така Интер сеуште е фаворит за негова следна дестинација.


Бруно Фернандеш добива нов договор на „Олд Трафорд“

По блескавата партија против Македонија во финалето од баражите за СП 2022, Бруно Фернандеш најверојатно успеа да се договори со својот актуелен клуб за нова соработка. Како што откриваат медиумите на Островот, тој ќе продолжи да игра за Манчестер Јунајтед до 2027 година.

Преговорите меѓу двете страни се успешни, по што паднал договор за продолжување на соработката. Новиот договор ќе важи до крајот на сезоната 2026/27 година.

Претходно беше објавено дека Португалецот со новиот договор ќе добива 14-15 милиони евра годишно.


Ајакс му дозволи на Тен Хаг да преговара со Манчестер Јунајтед

Скај Спортс потврдува дека Ајакс му дал зелено светло на тренерот Ерик тен Хаг да преговара со Манчестер Јунајтед.

Меѓутоа, клубот од Амстердам очекува обештетување за неговото евентуално заминување, бидејќи тој има актуелен договор со Ајакс.

Јунајтед го означи Тен Хаг како прва мета за тренерската позиција во тимот, а Маурицио Почетино засега останува план Б. За доведувањето на Холанѓанецот свое одобрување даде и актуелниот тренер на екипата, Германецот Рангник.


Македонската репрезентација скокна за пет места на ФИФА ранкинг листата

Македонската фудбалска репрезентација се искачи на 62. место на ФИФА листата за март. Денеска беше објавен најновиот ранкинг на Светската куќа на фудбалот на кој Македонија бележи скок од пет места.

Овој скок се должи пред се на победата над Италија од 0-1 во Палермо во полуфиналето од плеј-офот за пласман на СП во Катар.


Лопетеги ќе го одбие Јунајтед за да остане во Севиља

Тренерот на фудбалерите на Севиља, Лопетеги, не е заинтересиран да работи во екипата на Манчестер Јунајтед.

Тој е еден од кандидатите кои ги планира раководството на „црвените ѓаволи“ кои сакале да го поканат на интервју. Сепак, Лопетеги сака да ја продолжи работата во Шпанија.

Андалузијците имаат силна сезона и дури извесен период се бореа за титулата со Реал Мадрид.


Мурињо припрема летна чистка во Рома

Според пишувањето во „Газета дело Спорт“, раководството на Рома планира голема реконструкција на играчкиот кадар во претстојниот летен период.

Тренерот на „Волчицата“ Жозе Морињо, со сигурност ќе може да рачуна на седум фудбалери од постоечкиот тим, додека сите останати можат да одат на продажба.

Играчи кои ќе бидат сигурни и за наредната сезона се голманот Руи Патрисио, Леонардо Спинацола, Крис Смолинг, Лоренцо Пелегрини, Оливеира, Михтарјан и Абрахам.

Екипата на Рома се наоѓа на петтата позиција од табелата во Серија А со 51 бод, додека лидер е Милан со 66 бода.