фудбал

Ливерпул потпиша со Бајчетиќ до 2027.година

Младиот и перспективен играч од средината на теренот во екипата на Ливерпул, Стефан Бајчетиќ, потпиша нов договор со клубот од „Енфилд“.

Шпанскиот фудбалер со потекло од Србија, се обврза на долгорочен договор со Ливерпул, а според информациите од медиумите тој ја продолжи верноста со „црвените“ до 2027. година.

Од почетокот на оваа сезона, Бајчетиќ запиша десет настапи за Ливерпул во сите натпреварувања и успеа да постигне еден гол. Бајчетиќ во академијата на Ливерпул пристигна во 2020.година од шпанска Селта.


Двата шпански гиганти се натпреваруваат кој ќе дојде до потписот на Бруно Гимараеш

Голем интерес за ѕвездата на Њукасл, Бруно Гимараеш покажува Реал Мадрид, а сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Барселона.

Каталонците се во потрага по квалитетен играч за врска кој може да биде наследник на Бускетс, а Чави смета дека Бразилецот би бил идеално засилување. 24-годишниот Бразилец пристигна во Њукасл пред една година за 45 милиони евра, но неговата цена многу порасна со неговите одлични настапи во Премиер лигата.

Барселона ќе има силна конкуренција за неговиот потпис, бидејќи Реал Мадрид го сака Бразилецот како наследник на Тони Крос.

Њукасл сигурно нема лесо да се откаже од својата ѕвезда и за неговата слобода бара 100 милиони евра.


Рома фаворит за потписот на Хаким Зијеч

Рома сериозно се вклучи во трката за мароканскиот репрезентативец Хаким Зијеч, пренесуваат италијанските медиуми.

Зијех не добива голема минутажа во Челзи, па и самиот сака да ја промени средината во јануари. Мароканецот беше голема желба на Милан во летниот преоден рок, но сега „росонерите“ се насочија кон Заниоло, а Рома го сака Зијеч како замена за Италијанецот.

Мурињо го убедил Зијеч да се пресели на „Олимпико“, па двата клуба ги договараат последните детали.

Зијеч треба да пристигне во Рома на позајмица до крајот на сезоната со опција за откуп од 15 милион евра на лето.


Талентот Рајан Черки од Лион се сели во ПСЖ

ПСЖ покажува сериозен интерес за младиот талент на Лион, Рајан Черки, пренесуваат француските медиуми.

19-годишниот офанзивен играч за врска игра одлична сезона за Лион и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Черки е офанзивен фудбалер кој може да игра и како плејмејкер, но и по крилните позиции. Тој е продукт на школата на Лион и важи за најголем француски талент во моментов.

Черки на лето влегува во последната година од договорот па Лион ќе мора да го продава, а ПСЖ сака да ја победи конкуренцијата.

Покрај ПСЖ силен интерес за него покажуваат уште Ливерпул, Арсенал, Милан и Борусија Дортмунд.


Кафу: Хендерсон е подобар фудбалер од Модриќ

Легендарниот бразилски фудбалер, Кафу изненади многумина со своето мислење дека Џордан Хендерсон е подобар фудбалер од Лука Модриќ.

За Кафу англискиот репрезентативец и капитен на Ливерпул е пред Модриќ. Хендерсон освои се што можеше да се освои со Ливерпул, додека за репрезентацијата на Англија собра 74 настап ии постигна три гола.

„Хендерсон или Модриќ? Дефинитивно Хендерсон“, кратко одговори Кафу. Модриќ за разлика од Хендерсон зад себе има освоена Златна топка и како капитен ја предводеше Хрватска до сребро и бронза на последните два Мундијали.

Исто така Модриќ беше прогласен за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија во 2018 година.


Шомуродов замина од Рома, Узбекистанецот бара нова средина

Напаѓачот на Рома, Елдор Шомуродов наскоро може да го смени клубот.

27-годишниот репрезентативец на Узбекистан е интересен за Торино, Кремонезе и Лил, а во трка за него влегуваат и Баер (Л) и Специја.

Рома е подготвена да го продаде Шомуродов или да го изнајми со задолжителен откуп до крајот на сезоната.

Последните шест натпревари Шомуродов ги мина на клупата за резерви и немаше голема доверба кај тренерот Мурињо.


Томори и Калабрија повредени се вратија од дербито во Рим

Стандардниот фудбалер на Милан, Фикајо Томори, поради повреда ќе мора да паузира подолг период, покажаа денешните детални лекарски прегледи.

Тој се повреди на вчерашниот меч кај Лацио и мораше принудно да го напушти теренот во 23. минута.

Капитенот на „росонерите“, Давиде Калабрија, исто така се пожали на болки во ногата во финишот на мечот но, не станува збор за ништо сериозно.


УЕФА го промени системот на мундијалски квалификации

УЕФА ќе разговара за реформите во квалификациската фаза на
Светското првенство во Европа и за појавата на плеј-офот во Лигата
на нации, пренесува „АС“.


Денеска, во Нион ќе се одржи состанок на извршниот комитет на
организацијата. Ќе се разговара за прашањето за нов систем на
квалификации за Светското првенство. Од 2026 година на турнирот ќе учествуваат 48 екипи, од кои 16 европски. Поради ова, УЕФА сака да
направи промени во квалификациската фаза. Во прелиминарните
натпревари може да се создадат 12 групи по четири или пет екипи.


Репрезентациите кои ќе го заземат првото место ќе добијат директен
билет за Светското првенство, а останатите четири места ќе се играат
плеј-оф натпревари. Ова не е единствената опција, туку промените ќе
бидат насочени кон намалување на бројот на натпревари.


Исто така и УЕФА ќе размисли да направи промени во форматот на
Лигата на нации. Претходно, екипите кои го освоија првото место во групите од Лига А влегоа во фајналфор. Сега турнирот може да има
плеј-оф, во кој ќе учествуваат и екипите кои ќе ги заземат вторите
места.


„Марка“ потврдува дека Меси го напушта Париз

Иако се чинеше дека после освојувањето на Светското првенство во Катар, Лионел Меси со сигурност ќе го продолжи договорот со Париз Сен Жермен, сепак последниве денови се појави информација дека аргентинскиот напаѓач ќе го напушти „Паркот на принцовите“.

Веста за заминувањето на Меси од ПСЖ, прв ја објави легендарниот спортски новинар Жерар Ромеро, а шпанска „Марка“ подоцна ја потврди истата.

Според пишувањето на „Марка“, Меси после освојувањето на светската титула со Аргентина, ги реализирал сите професионални цели, и до крајот на кариерата сакал да игра фудбал „за своја душа“.

Ова најверојатно значи дека легендарниот Аргентинец, посакува да се врати во Барселона каде е миленик на навивачите, и секогаш е добредојден на „Камп Ноу“.


Сопствениците на Манчестер Јунајтед нема да ја намалат цената на клубот

Англиските медиуми пишуваат дека фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед нема да биде продаден за помалку од шест милијарди фунти, што е и порака од сопствениците на овај фудбалски гигант.

Семејството Глејзер кое нема големи симпатии кај навивачите на Јунајтед, јавно бара нови сопственици за клубот од „Олд Трафорд“, меѓутоа во пораките до јавноста се вели дека тоа семејство е подготвено да остане на кормилото на Манчестер Јунајтед, доколку не стигнат понуди кои би ги исполнувале бараните услови. Една од варијантите која се споменува е и таа, сопствениците на клубот да привлечат инвеститори кои би станале дел од сопственичката структура.

До сега во јавноста, свој интерес за купување на Манчестер Јунајтед искажа само британскиот милијардер Сер Џим Ретклиф, кој го поседува хемискиот гигант „Инеос“.