фудбал

Њукасл нема да штеди пари за доведување на Осимен

Новите сопственици на Њукасл најверојатно нема да штедат пари на летни трансфери, и целта да го направат тимот еден од најсилните во Премиер лигата.

Главен приоритет на клубот е да привлече нов голгетер. Изборот веќе паднал на Виктор Осимен од Наполи. 

Њукасл во јануари веќе понуди 70 милиони евра за Нигериецот, но тогаш понудата беше одбиена. Според информациите ,преговорите ќе продолжат по завршувањето на сезоната, а челниците на популарните „страчки“ се подготвени да ја зголеми својата понуда на 80 милиони евра, и се надеваат дека 23-годишниот Осимен ќе го облече црно-белиот дрес.


Димитриевски: Да излеземе на терен и да се покажеме во најдобро светло

Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за плејоф натпреварот против Италија за пласман на Светското првенство во Катар.

Нашиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски вели дека Македонија има квалитет, а тоа го потврдуваат досегашните резултати и тоа што се изборивме да дојдеме до ова ниво. 

„За целата репрезентација ова е веројатно најважниот натпревар. Се подготвуваме добро, целосно сме фокусирани на мечот. Имаме квалитет, не е лесно да се стигне до ова ниво и да се избориш за ваков натпревар. Треба да излеземе на терен и да се покажеме во најдобро светло. Во италијанскиот состав сите фудбалери се квалитетни, било кој и да игра, ние треба да бидеме максимално сконцентрирани во текот на мечот доколку сакаме да дојдеме до победа“, рече голманот на Рајо.


Шпанецот Луис Фелипе се договори со Бетис

Одбранбениот играч на Лацио, Луис Фелипе, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Шпанија веќе следната сезона.

25-годишниот Бразилец е блиску до трансфер во Бетис и тоа како слободен играч.

Клубот од Севиља му нуди на Фелипе четиригодишен договор со одлична плата.


Бабунски: Свесни сме за предизвикот кој е пред нас

Македонската репрезентација ги започна подготовките за плејоф натпреварот против Италија за пласман на Светското првенство во Катар.

Повратникот во најдобриот национален тим, Давид Бабунски вели Македонија има сила да им се спротивстави на Европските прваци. Најави игра со срце за победа.

„Среќен сум што повторно сум дел од најдобрата македонска репрезентација. Ја имам истата желба и гордост како и првиот пат кога настапив за Македонија. Свесни сме за предизвикот кој ни следува, но оваа репрезентација покажа дека може да се надигрува со најголемите селекции. Подготвени сме за ваков предизвик“.


Трајковски: Притисокот е врз Италија, се надевам дека ќе нè потценат

Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за плеј-оф натпреварот против Италија за пласман на Светското првенство во Катар.

Нашата најдобра селекција денеска патува за Палермо, градот во кој напаѓачот Александар Трајковски мина четири години од својата кариера. 

„Поминав прекрасни четири години во Палермо. Среќен сум што се враќам во градот и што ми се укажува шанса за настап. Ова е многу важен натпревар, но ние покажавме дека можеме да оствариме одлични резултати и дека играме добар фудбал. Притисокот е врз Италија, ние немаме што да загубиме. Храбро и без страв да покажеме дека можеме да одиме понатаму“, смета Трајковски.


Барди: Покажавме многупати дека можеме секого да победиме

Еден од носителите на играта во нашата фудбалска репрезентација, Енис Барди, пред мечот со европскиот шампион Италија во баражот за Светското првенство во Катар, вели дека Македонија секого може да победи во 90 минути.

„Мислам дека сите знаеме колку ни е значаен мечот и колку ќе ни биде тешко. Мора да бидеме стопроцентно концентрирани во секој момент од играта. Ќе ни недостигаат Елиф, Тихо и неколку други фудбалери, но, ќе играме и за нив. Во денешниот фудбал фаворитите знаат да те изненадат, да имаат лош ден. Покажавме многу пати дека можеме да победиме секого и затоа важно е како ние ќе изгледаме. Мислам дека треба да се концентрираме на нашата игра и на тоа што го бара селекторот“, вели Барди.


Проблем за Португалија – Пепе го пропушта баражот со Турција

Португалскиот дефанзивец Пепе е позитивен на ковид и поради тоа тој ќе го пропушти полуфиналниот бараж натпревар против селекцијата на Турција, за пласман на СП во Катар.

„Пепе е заразен со корона вирусот и се наоѓа во изолација. Селекторот Сантош како негова замена го повика дефанзивецот од Лил, Џалоа“, се наведува во соопштението од португалската репрезентација.

Подобриот од овој дуел, во финалниот бараж ќе игра против победникот од натпреварот помеѓу Македонија и Италија.


Лаутаро позитивен на ковид-19, нема да настапи против Венецуела и Еквадор

Напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез, се заразил со коронавирус, соопшти италијанскиот фудбалски состав.

Тој бил позитивен на ковид-19 уште пред  да замине во кампот на репрезентацијата на Аргентина за квалификациските мечеви со Венецуела и Еквадор на 26 март и 30 март  за Светското првенство.  Лаутаро во сезонава одигра 27 натпревари за Интер на кои постигна 14 голови.

Во селекцијата на „гаучосите“ ќе го нема и фудбалерот на Ајакс, Лисандро Мартинез, кој заработи повреда на тетивата под коленото на левата нога.


Барселона најавува ново засилување

Екипата на Барселона се поврзува со трансфер на крилниот напаѓач од ПСВ Ајндховен, Коди Гакпо.

22-годишниот фудбалер игра одлична сезона во Холандија, со 16 гола и 14 асистенции на 36 натпревари за тимот на ПСВ.

Неговиот договор е со важност до 2026 година, но се смета дека клубот се согласил да му дозволи да замине ова лето доколку пристигне соодветна понуда.

Клубот од „Камп Ноу“ не е единствена заинтересирана страна за Гакпо. Сериозен интерес за играчот покажуваат и од Арсенал, Баерн Минхен и Ливерпул. Се смета дека цената за овој трансфер би била околу 35 милиони евра.


Тен Хаг молчи за поврзаноста со Манчестер Јунајтед

Тренерот на Ајакс, Ерик Тен Хаг одби да ги коментира шпекулациите дека би можел да застане на чело на Манчестер Јунајтед.

52-годишниот стручњак силно се поврзува со нов менаџер на „црвените ѓаволи“, а британските медиуми инсистираат дека тој ќе го преземе тимот од „Олд Трафорд“.

„Фокусиран сум на сезоната во Холандија. Ја вложив целата моја енергија во Ајакс. Сакам да извлечам максимум од тоа, мислам дека „дублот“ е достижен“, прокоментира Тен Хаг.